2.6.11

Предилинденска Македонија - Гемиџиите

По Берлинскиот конгрес во јуни 1878 година на Бугарија и било признато правото да постои како независно кнежество. Северна Тракија добила независност под името Источна Румелија која 1885 година била приклучена кон Бугарија, а Македонија била вратена под османлиска власт. Претходно и Србија и Грција добиле независност. Всушност, само Македонија пред почетокот на 20 век останува во границите на Отоманската Империја. Незадоволни од ваквата ситуација и поради теророт на самоволните турски паши Македонците ги започнуваат своите акции за ослободување. Повпечатливи се акциите на грабнувањето на Мис Стон, како и самоубиствените анархистички (терористички, но не во денешна смисла на зборот) акции на гемиџиите.
Аферата Мис Стон е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. По Солунската провала ТМОРО била во тешка положба и имала потреба од поголеми финансии. За опоравување на организацијата се одржало советување во Софија на кое присуствувале Гоце Делчев, Ѓорче Петров, д-р Руменов, Ризо Ризов и др. Предлогот да се побараат пари од бугарската влада бил категорички отфрлен од страна на Гоце Делчев, па затоа преостанало само да се преземат киднаперски акции во Македонија. По повеќе предлози за киднапирање, изборот паднал на мисионерката Мис Стон. Јане Сандански, всушност на своја рака ја извршил акцијата и цели 6 месеци се изнамачил чувајќи ги двете жени, Стон која имала 55 години и бремената Цилка. Сандански многу се грижел за удобноста на жените, а кога Цилка требала да се породи тој довел две бабици и во една опасна ситуација  кога можеле да бидат откриени не дозволил бебето кое плачело да се убие. Исходот на целата акција иако одолговлечен бил добар – 104 килограми злато и биле предадени на четата, а грабнатите  жени биле ослободени на 23 февруари 1902 во селото Градашорци во близина на Струмица.
Втората интересна акција во нашата историја е акцијата на Гемиџиите. Кружокот се формирал со идеја со саможртва да се помогне на револуционерното македонско движење. Членовите на кружокот биле анархисти – пацифисти и либерали кои сметале дека општеството може да биде организирано во ред без контрола. Водач на кружокот бил Јордан Поп Јорданов – Орце (1881 – 1903), помал брат на Миле Поп Јорданов (опеан во народната песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“). Орце бил душата на кружокот, млад, интелигентен, начитан, со силна воља. Неговата верба во исправноста на избраниот пат – жртвата за татковината, е водилката во делото на Гемиџиите. 

Потесниот круг гемиџии биле: Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид.
Другите членови на кружокот биле: Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Цветко Наумов и др.

Планот на Гемиџиите од последното советување одржано надвор од градот бил: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот, да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.
Секој имал своја задача и определено време за акција. Учесниците биле целосно посветени на делото и подготвени да умрат за Македонија. Нивната цел биле само објекти, но не и невини човечки жртви. Тие го жртвувале само сопствениот живот.

Текот на акциите бил следен: 

На 28 април Павел Шатев го потопил со динамит францускиот брод Гвадалкивир. Акцијата била успешна, бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени.
Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов го креваат во воздух возот на линијата Истанбул-Солун. И при оваа акција немало жртви.

На 29 април Константин Кирков поставил два килограма динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град бил во темнина и без вода. Завладеала паника, хаос и страв.
Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, Jордан Поп Јорданов (Орце) ја крева во воздух зградата на „Банк Отоман“ во градот.
Во истото време Милан Арсов фрлил бомба во кафеаната „Алхамбра“, а Владимир Пингов пред вратата на Топхането (турската државна управа) и е застрелан од војници.
Костантин Кирков фрла бомба пред солунскиот „Гранд хотел“.

На 30 април Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од многубројната турска полиција.
Истиот ден во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов.

На 1 мај, Илија Трчков фрла неколку бомби на централната улица во Солун.
Димитар Мечев фрла бомба пред хотелот „Египет“, а Георги Богданов ја крева во воздух кафеаната „Ноја“. Мечев и Трчков се убиени од турската полиција, а Богданов е уапсен.
Истиот ден Цветко Наумов (од Ресенските гемиџии) прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехти паша. Откако не успева, се самоубива активирајќи бомба.

За време на атентатите се убиени: Јордан - Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов, а уапсени се: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Африка). 

Од сите нив жив останува само Павел Шатев кој е амнистиран 1908 година по Младотурската револуција. Подоцна тој ги запишува спомените за Солунските атентати и за своите другари. Но, како и многу други наши големи луѓе од минатото и тој за време на СФРЈ завршува неславно. 
Пред крајот на Втората светска војна е избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ и се вклучува во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран за потпреседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. Но, за време  на Информбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како потенцијален непријател на државата“ без конкретно обвинение. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор.  Таму бил сместен во трошна куќа каде не го посетувал никој, освен човекот што секој втор ден му носел храна. Цело време бил сам, без огрев, на студено, во влага и мемла. Дење можел да шета низ градот, а ноќе се прибирал. Но, зимата 1950-51 се разболел, го сместиле во битолската болница во одделот за затвореници каде во јануари умрел, најверојатно од глад (барем така се расчуло). Властите не дозволиле да биде погребан во родното Кратово и затоа е закопан на битолските гробишта, во присуство на само петмина, сопругата, сестра му и уште три блиски роднини. Дури по 55 години, 2006 година за првпат делегација положила цвеќе на неговиот гроб. (од Утрински)
Ах бре Македонче!!!
Иако „Пустина“ е роман, сепак е заснован на една историска случка. Многу биографски елементи од Павел Шатев препознаваме кај едниот од главните ликови - Глигор.

No comments:

Post a Comment