Куќата е симбол на жената. Куќата и жената се суштината на семејството, тие се матката – центарот на размножувањето, на потомството, на животот.
Се обидов да направам еден историјат на македонската куќа од архитектонски аспект, но во истражувањето и читањето постојано ме прогонуваше жената, огништето, домот. Така сфатив дека не може да се гледа само надворешниот аспект на градбата, бидејќи таа е секогаш поврзана со нејзината примена, со секојдневните потреби на луѓето, со оној што бил постојано дома – жената, мајката. Па според тоа, не е случајно што во Македонија постоел култ кон Големата Мајка – претставена како куќа.
(Можеби некому ќе му биде смешно, ќе го поврзе со амебите, ама мене ми е многу поврзано МА со:
Ма – Македонија;
Ма – Мајка;
ДоМа – До мајката)
1. Во Македонија приватните живеалишта најчесто се среќаваат под поимот куќа, иако под овој поим се подразбира и просторијата во која гори огнот, каде се вршат главните дневни работи, а ноќе се спие.
Породинска куќа |
Само во околината на Скопје има неколку неолитски населби: Говрлево, Маџари, Зелениково ...
Неолитските градби се направени од плитар, односно се конструирани од исправени дрвени столбови и испреплетени хоризонтални гранки кои се поврзани со кал за да направат ѕид. Денес, смесата од кал со тревки за налепување на ѕидовите археолозите ја неарекуваат лепеж.
Последниве години во Македонија се направени рекунструкции на две неолитски населби во кои посетителите можат да се почувствуваат како дел од минатото, тоа се: неолитската населба Тумба Маџари во Скопје и Неолитското село на вода во Градиште, Охридско. Оригиналните наоди од Тумба Маџари се наоѓаат во Музејот на Мaкедонија каде е направена и реконструкција на неолитска куќа.
Внатрешноста на овие куќи е едноставна, подот е набиена земја, а просторијата една, евентуално преградена или визуелно или со ниска плетена ограда. Во неа централно место зазема огништето и околу него садовите за готвење, често крај прозорецот (светлината) и разбојот за ткаење. Понекогаш леглото функционално е кренато на дрвена платформа – заради топлината, одвојувањето од животните и заштеда на просторот.
Преспанско Езеро |
Охридско Езеро |
2. Од археолошките наоди може да се реконструира македонската куќа од античко време, која според распоредот на „просториите“ не се разликува многу од неолитската. Всушност, единствената разлика е камената градба на темелите, односно долниот дел од куќата која нагоре продолжува со плитар – испреплетени гранки пополнети со кал измешан со тревки. Македонските куќи проучувани на археолошкиот локалитет Вардарски рид говорат токму за таа македонска специфичност. Тие се сосема различни од познатите „грчки“ типови – простас, перистил и пастас, односно, организацијата на просторот е во зависност од потребите и желбите, но најчесто слично како во минатото – на долниот кат биле внатрешните дворови, тремовите, кујните, работилниците, продавниците, складишните простории, а горниот кат бил наменет за престој на сопствениците каде не се среќава строга поделба на машки и женски одаи, и каде меќу другото се наоѓале местата за култни активности. На Вардарски рид не е пронајден храм со светилиште што неведува на заклучокот дека обредните активности се обавувале во домовите, а според пронајдените аретефакти култот кон Големата Мајка, или малку модифициран со женските божества на Афродита, Артемида, Деметра, а најмногу кон Кибела продолжил да биде доминантен на нашите простори.
3. Од древномакедонскиот, преку римскиот, византискиот, па и отоманскиот период, македонската куќа останувала иста. Иако за периодот од 15 до 18 век немаме зачувани споменици, ниту интересот на истражувачите бил свртен кон нив, сепак, имаме искажувања од патеписците што минувале низ Македонија и што ги опишале приватните домови како ниски дрвени куќички или куќички од плетар облепени со земја и кал, со кровови што можеле да се дофатат со рака.
Но, веќе од 19 век интересот се свртува и кон ова градителство, па оттаму имаме опис на повеќе развојни етапи на македонската куќа.
Најопстојна студија за ова, што може да се најде на интернет во пдф е: „Виртуелни модели на живеалишта од македонското народно градителство“ од Даворин Трпески – што може да им биде корисна за моите ученици, идни архитекти, кои ПРЕД СЕ мора да си ја знаат својата традиција, своето минато за да можат да бидат модерни проектанти, кои нема да го имитираат светскиот модерен тренд на исплакната „уметност“ – туку ќе се задржат на своите корени и на крошната од своето дрво ќе ги разлистаат новите лисја.
И ај, да не се занесувам – да си се вратам јас на македонската куќа од 19 век, бидејќи сето ова започна заради „Крпен живот“ и описот на куќата во Мариово, која и ден-денес ја има, прилично разрушена по македонските села. Таа куќа сликана во разни краишта е во принцип истата – камена до половина во рамничарските, потоплите краишта или целата камена – во планинските.
Стар бунар во Зрзе, Прилепско |
Рајчица, Дебарско |
Лазарополе |
Лазарополе |
Вевчани |
Вевчани |
Врбен, Мавровско |
Зрзе, Прилепско |
4. Материјалите со кои се градени македонските куќи се оние кои биле најдостапни:
а) При градењето на куќа од плет, земјената кал се употребувала за мачкање на плетот, а исто така, земјата црвеница се употребувала и за премачкување на подот, откако претходно ќе се поставела основата од греди и штици, и на крај се завршувало со набиена глинеста земја. Покрај ова, како што е спомнато погоре, калта се употребувала и како врзно средство при употребата на кршен и делкан камен во градењето. Од глинеста земја се изработувале тули (ќерпич), печена цигла и ќерамиди, материјали кои исто така, се употребувале при изградбата на живеалиштата во Македонија.
б) Сламата претставува еден од основните елементи кои биле користени при изградбата. Покрај тоа што се употребувала, измешана со калта, за малтерисување, во најголем број од случаите, сламата (најчесто `ржаната слама, поради нејзината поголема должина) била употребувана како еден од вегетативните материјали за покривањето на живеалиштата. Оваа техника за покривање на куќите била најизразена до првата половина на XX век, кога била заменета со поиздржливи материјали кои се користеле при покривањето. Но, и покрај тоа, сламата и понатаму сè уште широко била во употреба и во поново време и главно се користела за покривање на помошните стопански објекти.
в) Дрвото, покрај тоа што се употребувало во изработката на наједноставните живеалишта и при наједноставните начини на градење, било во употреба и во покомплексните типови на живеалишта, каде што имало и естетска функција. Во одделни планински предели може да се сретнат живеалишта целосно изработени од дрво, на дунѓерски (дрводелски) начин со споеви „на жлеб“, „на перо“, без користење на метални ексери. Исто така, и при изградбата на покомплексните објекти, во некои предели скоро целата конструкција на куќата била изработувана од дрво, во т.н. бондрук техника. Бондручната конструкција е составена од дрвен скелет со вертикални, хоризонтални и коси греди. Ѕидовите се исполнети со ветки, споени во преплет, премачкани (од надворешната и внатрешната страна) со кал и сено. Честопати, покрај исполнувањето на бондручната конструкција со преплет од прачки, како пополнувачки материјал се употребувале уште и керпичот и каменот, во зависност од застапеноста на материјалот во пределот.
Покрај бондручната конструкција, од дрво се изработувале и испустите на куќата, т.н. еркери, со што се овозможувало проширување на внатрешниот простор на катот. Потоа, од дрво се изработувале сите прозорци и врати, огради, чардаци, скали и сл. Од дрво се делкале штички за покривање на куќите, тнр. шиндра, која се користела паралелно со камените плочи и сламата.
г) Каменот, како градежен материјал, може да се рече дека е застапен речиси во сите етнографски целини во Македонија. Некаде неговата искористеност доминира до толку што се практикува скоро целата куќа да биде изградена од камен, додека пак некаде употребата на каменот е делумна, па најчесто од него се изработуваат или само темелите или пак само приземјето. Во одредени случаи каменот како градежен материјал е толку малку застапен (на пример троњот) што се употребува само како постамент, на четирите ќоша, врз кои се поставени четири дрвени колци на кои се протега просторот за живеење. Кај живеалиштата на кои доминира каменот при градбата, камените ѕидови се израмнуваат и се поврзуваат со дрвени сантрачи, еден вид дрвени серклажи што се поставуваат на растојание од околу 80 сантиметри.
Покрај неговата употреба како основен материјал за градба на надворешните ѕидови на куќите кои се истакнувале со својата монументалност, каменот се употребувал и како градежен материјал за преградување на внатрешноста на овие куќи, односно за создавање засебни простории (одаи или соби) во нив.
5. Најважни надворешни елементи на живеалиштата во Македонија, кои заслужуваат посебно внимание се: еркерот, кровот, фасадното обликување, влезните врати, прозорците, скалите, оградите и оџаците.
Еркер, Крушево |
Небрегово, Прилепско |
Камени кровови, Крушево |
6. Исто така, распоредот на просториите е карактеристичен за македонската куќа: постојат стопански простории, простории за домаќинтвото, санитарни простории, станбени простории и простории за минување.
Стопанските простории во куќите од земјоделските краишта се сместени во визбите (потон, подрум, кевар, ќерал, клет, клед). Таму се наоѓаат шталата, оставата и дрварницата. Овие простории, архитектонски се сместуваат во зависнот од конфигурацијата на теренот на кој што е изградена куќата, и најчесто со едната страна се вкопани во земјата.
Клетот претставува помошна просторија која е лоцирана во приземјето или е вкопан во земјата, под куќата. Најчесто ѕидовите се масивни за да можат да ги крепат катовите од куќата кои се наоѓаат над него. Во најголем број случаи на клетот му припаѓа најпространиот дел од корисната површина во приземјето и токму поради тоа има повеќезначна намена (складирање на прехранбени производи, односно користење како магацин, за складирање на житото, за чување на орудијата за работа и сл.).
Просториите за домаќинството главно, се претставени преку кујната, која во македонските традициски живеалишта може да се сретне во три
варијанти:
- простории за домаќинството со санитарни простории во дворот;
- зимски простории, со кујна во приземјето, односно во меѓукатот и
- летни простории, без кујна на катот.
Една од најзначајните простории во македонските традициски живеалишта претставува ‘куќата’, која се сретнува кај сите типови живеалишта, почнувајќи од наједноставните, па сè до посложените.
Неизоставен, односно составен дел на ‘куќата’ е огништето, кое може да се сретне во две различни варијанти:
- отворено огниште, кое најчесто ја зазема центаралната позиција на просторијата;
- отворено огниште поместено на еден од ѕидовите и
- огниште вградено во конструкцијата на ѕидот.
На основа на применетата форма на огништето можеме да зборуваме за староста на куќата. Отворениот тип огниште се сретнува кај постарите објекти, а огништето, пак, кое е вградено во конструкцијата на ѕидот се сретнува кај оние живеалишта кои се од понов датум.
Положбата на ‘куќата’ во живеалиштето најчесто е во центаралниот простор, за да може да комуницира со сите останати одделенија во куќата. Во зависност од тоа дали живеалиштето е раширено во хоризонтален или во вертикален план, ‘куќата’ била сместена или во приземјето (кај живеалиштата кои се само со приземје) или била сместена на катот (кај живеалиштата со еден и со повеќе ката).
Во санитарните простории се вбројуваат: шпајзовите (познати уште под имињата: килер во Штип и хуџера во Струмица), просториите за миење на садовите и нужникот. Обично, коритото на умивалникот и нужникот висат над канализацијата.
Станбените простории, покрај тоа што се употребуваат за дневен престој, истите се употребуваат и за ноќен одмор. Во нив спаѓаат собите, односно одаите и чардаците.
Одајата (или собата) претставува просторија која има повеќенаменска функција: преку денот се користи за одмор, во вечерните часови се користи за примање гости, понекогаш и за веселби, а во текот на ноќта се користи за спиење. Во најголем број случаи одаите се лоцирани на катот од куќата, доколку куќата е на еден кат; но доколку куќата е на повеќе ката, тогаш одаите го зафаќаат нејзиниот најгорен кат. Од аспект на функционалноста, одаите се секогаш поврзани со чардакот на катот, кој ги поврзува сите останати простории. На еден кат понекогаш има и повеќе одаи, во зависност од големината на куќата.
Простории за минување се тремот, скалите и чардакот.
Чардакот е просторијата која ги соединува сите останати простории во куќата. Најчесто служи за седење во текот на денот и за одмарање, за извршување најразлични домашни работи, за одржување веселби и како комуникациски простор со останатите простории во живеалиштето во вертикален (со останатите нивоа) и во хоризонтален план (со просториите од истото ниво). Скоро во најголемиот број случаи, чардакот ја има најповолната ориентација, јужната или југоисточната и југозападната страна на куќата. Во македонските традициски живеалишта, чардаците се сретнуват во две варијанти: или се отворени (кои се карактеристика за рамничарскитепредели)100 или се затворени (наоколу се затворени со прозорци и се одлика за постудените предели заради заштита од временски непогоди, студ, дожд, снег) и имаат минсофа.
Минсофата претставува простор, малку поткренат од чардакот, обично во аголот,
висејќи над улицата. Од минсофата луѓето имале многу подобар преглед кон улицата која поминувала веднаш под неа.
Лазарополе |
Зрзе |
Тремот во македонските традициски живеалишта најчесто се сретнува во приземјето и воедно претставува просторија која ги поврзува останатите одделенија од куќата (и во хоризонтален и во верикален правец) со дворното место. Нивото на теренот, пред влезот во тремот, во најголем број случаи е ист со нивото на подот од внатрешниот простор. Понекогаш, во зависност од конфигурацијата на теренот, тремот е вкопан, така што нивото на просториите во првото ниво се совладува со скали. Во некои предели тремот се користи и како простор за складирање, односно како магацин. Покрај употребата на името трем постојат и во употреба се и други имиња поврзани со локалната терминологија, па така, овој простор уште се сретнува и под имињата гезентија и подчардак.
7. Основни типови македонски живеалишта се: куќа со огниште, поземка, троњ, куќа на клет, куќа на еден и два боја, братска куќа.
Куќата опишана во „Крпен живот“ е најобичната поземка, типична за Мариовскиот крај, во оваа книга сосема прецизно, исто како Стале Попов опишана како: „ При истражувањата во етничкиот предел Мариово, од страна на етнологот Љупчо Ристески, во однос на овој тип на живеалишта се потврдуваат констатациите на претходните етнографи и етнолози кои го обработувале живеалиштето во различни етнички предели на Македонија. Така, и според истражувањата во Мариово, овој тип на традициско живеалиште се состои од две одделенија, со правоаголна основа, која што била поделена само со една долга греда по половината, наречена долно било, со што просторот во неа бил поделен на два дела. Едниот дел бил познат под името горни крај или тланик – простор кадешто живееле луѓето и долни крај или пондила – простор во кој што бил сместен добитокот. Во просторот на долниот крај се наоѓале две врати од кои главната и поголемата била на источниот крај на куќата, додека помалата (колку човек да се провне) на западната страна. На горниот крај, до самиот ѕид се наоѓала уште една греда, наречена горно било, на којашто седеле чесните гости и тоа било местото каде што се одржувале најсвечените семејни обреди и прослави. Во средината на горни крај, имало ископано четвртeста дупка која што од сите страни била пополочена со убави, мазни и големи плочи – огништето.“
Прозорче, Ореовец, Прилепско |
Слично на ова е опишана мариовската куќа во „Крпен живот“:
Куќите на ова село – како на сите села по Мариово. Од камен соѕидани, од едно одделение, немалтерисани ни однатре, а камо ли однадвор, без никакво душеме, со две врати: една голема на средето на ѕидот, обично на источниот ѕид; другата малечка, само човек да може да се протне со наведена глава, на спротивната страна од големата.
На средето куќата се дели на два дела, но не со преграда, ами со една долга греда колку што е широка куќата (колку да се знае оти е разделена) спружена од едниот до другиот ѕид поземи; таа греда се вика „долното било“. Од гредата нагоре е „горни крај“, а од неа надолу - „долни крај“, каде што остануваат и вратите.
Горни крај, до самиот ѕид е спружена друга греда што се вика „горното било“. На неа седат чесните гости. Тука е „тланикот“, за разлика од долни крај каде што се „пондилата“. Малку под ова било на средето е ископана четвртеста дупка и од сите четири страни опточена со убави плочи. Тоа е огништето каде што се вали оган, пече леб, погачи, булиња, се вари манџа, топли вода и каде што во зимните студени дни се греат домашните на пламенот и жарот од сувите дабови и букови дрва.“
Таа куќа има една соба – заедничка за сите, и за луѓето и за животните, и за мажите и за жените и за децата, и за старите и за младите. Таа куќа е кровот над глава, огништето, храната, топлината, семејството, заедницата. Таа куќа е нашето богатство, нашето минато кое не смееме да дозволиме да исчезне.
Ново и старо; Крушево |
„Виртуелни модели на живеалишта од македонското народно градителство“ од Даворин Трпески,
Домувањето на Вардарски Рид;
Архео блогот;
Крпен живот
Според големината, постов небаре јас сум го пишувал :-)
ReplyDeleteМакедон = мајкин дом
Ематија имено било името на областа под Олимп пред да го добие името Македонија.
Ематија = еМАТИја (мати е мајка во многу словенски јазици, голема мајка, матица)
Олимп била света планина кон која се насочувале молитвите.
Молимпланина = Олимп ?!
Грците ја викале Олимпос, но дури и според официјалната етимологија, името Олимпос е пред-грчко.
Исто, островот Крит (името исто официјално е пред-грчко) според митологијата бил место каде бил скриен Зевс од бесот на татко му Кронос. Крит - место каде се крие нешто?
Хахаха, па тоа дека не сум пишала одамна, мораше да биде долго. А за Крит сум убедена дека е од „крити се“ - односно се крие.
ReplyDeleteПотекло на името Македонија
ReplyDeletehttp://macedonianspark.com/mk/istorijaideologija/makedonskaistorija/507-2011-05-19-12-52-20