8.11.09

Што пропуштивме во Струмица?

За Струмица, историско-археолошки има што да се знае и што да се види. Ние повеќе ги запознавме бутиците отколку историјата на градот, па затоа, ако некого го интересира, еве...

Струмица има одлична местоположба и природа. Се наоѓа на патот кон Егејското Море, односно ги поврзува југот со северот, истокот со западот. Струмичкото Поле и планината Беласица го прават градот убаво место за живеење, од древнина до денес.
За постоење на живот од неолитот потврда е населбата „Страната“ кај селото Ангелци која датира од 4500 до 3800 г.п.н.е.
Во античко време градот е познат како Астраион, наречен така според пајонското племе Астраи. Во историјата на Тит Ливиј градот го среќаваме под ова име, а во врска со убиството на Деметриј (братот на Персеј).
Остатоци од римскиот период има во месноста Градиште каде се наоѓаат две обѕидија - внатрешно (од 4. век) и надворешно (од 6. век).
Најубавиот дел е римската бања која е случајно откриена при градба на хотелот „Цар Самоил“. По потпаѓањето на Македонија под римска власт, градот го менува името во Тивериопол заради патронот на градот Тибериј Клавдиј Менон.
Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363г.) во Тивериопол се убиени 15 свештомаченици. Тие бегајќи од Солун, а сакајќи да го заштитат христијанството и неговото ширење, биле фатени и убиени во Струмица. Дел од нивните мошти се чуваат во црквата Свети 15 Тивериополски маченици во Струмица, а градот и денес го одбележува 11 декември - денот на погубувањето. Во црквата е пронајдена гробница датирана од 9. - 10. век каде е сочуван фрескописот на 15 свештомаченици и кој се смета за еден од најстарите во Македонија.


По распадот на Римското Царство, Тивериопол влегол во составот на Источното Римско Царство, односно во провинцијата Macedonia Secunda за што сведочи доцноантичката урбана палата Мачук.
За 6.век во„Житието на тивериополските маченици“ стои дека „еден варварски народ... навлегол во Тивериополските земји, опустошил многу градови, па и самиот Тивериопол, а од неговите жители едни со меч ги истепал, други заробил а убавите згради и храмови ги срамнил со земјата“ . Тој народ подоцна е наречен словенско племе Струмјани бидејќи се населило крај реката Стримон (Струма). Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество определен период, додека не биде завладеана од Византија.

Во периодот од 845 година до 855 година како византиски воен управник во брегалничко-струмичкиот крај бил Методиј (братот на Кирил).
Потоа градот потпаѓа под Бугарското Царство до појавата на комитопулите, односно Самоил и неговото царство.
На Струмичкото кале познато како Цареви кули (симбол на Самоиловото време) археолозите пронашле остатоци на живот од пред 7000 години. На калето се живеело до доцниот среден век, но пронајдена е и црква од 13. век што докажува продолжување на христијанската традиција во која Струмица е еден од центрите.


На Беласица се случила познатата Беласичка битка во која 15 000 Самоилови војници биле ослепени од страна на Василиј Втори.
Потоа еден век градот бил под Византија која ја зацврстувала својата власт преку христијанството. Струмичката епархија во рамките на Охридската архиепископија била ставена во службата на Цариградската патријаршија. Карактеристично од тоа време е тоа што многу имоти од струмичко меѓу кои и манастирот во Вељуса му биле подарени на светогорскиот манастир „Иверион“, а многу цркви и манастири биле изградени и обновени.
Манастирот „Света Богородица Елеуса (милостива)“ бил изграден 1080 година од струмичкиот епископ Мануил. Таа е една од ретките цркви која е целосно сочувана иако страдала во пожар во текот на Балканските војни. Оригиналните мермерни плочи со натписите се чуваат во музејот во Бугарија, а целата библиотека и други вредни предмети во Грција, односно на Света Гора. Каменот вѕидан во Вељуса не можеле да го земат!!! Па така денес, можеме да одиме и да и се восхитуваме на црквата, на нејзината истрајност низ вековите.
Дел од старите фрески на ѕидовите се зачувани и зрачат со убавина...




реткиот приказ на детето Исус...

кои се насликани 1085 година, а дел од нив во 1164 - во истото време со црквата во Нерези и кои стилски се многу слични. Сочуван е и дел од подниот мозаик...


а црнилата од пожарот потпален од Грците е видлив на сите ѕидови.

Во наредниот период немирниот дух на струмичаните не стивнувал. Имало неколку феудалци кои се осамостоиле и создале независни феудални имоти, како што се: Добромир Хрс и Севастрокрар Стрез и кои затоа биле ликвидирани од Визнтија.
Во 13 век, Македонија влегла во рамките на Душановото Царство, а по распадот на царството со регионот владеел Углеша (братот на Волкашин), се до Маричката битка кога Македонија потпаднува под османлиска власт.
Најверојатно од овој период е необичниот гроб наречен Струмин, за кој постојат три легенди.

Орта џамијата е црква изградена во 11. век која со доаѓањето на Османлиите била претворена во џамија. Денес е археолошки локалитет и музеј.



Во 20. век, по Балканските војни, Струмица била под бугарска управа, а во кусиот период во кој Грција го завладеала регионот направила голем пустош, палејќи цели села (и црквата во Вељуса).

Освен историја, Струмица и струмичко има и географија (?)

Сериозно, во близина на Струмица се наоѓа планината Беласица од која извираат многу термални води и која изобилува со рудни богатства (кои не се експлоатираат). Таму се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија...

Смоларскиот...


а на северните падини на Беласица...

Колешинскиот...

И така, следниот пат можеби повеќе ќе шетаме отколку што ќе се журкаме (или на истиов начин ќе дознаваме каде сме биле, а што не сме виделе).

П.С.

Посветено на директорката... струмичанка.











2 comments:

  1. Sram da ni e!!!!!!!!!!!

    ReplyDelete
  2. da,da mnogu strumi4ki ubavini ste propustile da vidite

    ReplyDelete