12.5.15

Предавници!

Предавници!
Ѓавол што ви плен(ил)ум.
Издајници!
Кој ви тоа станал кум?

Ништо за вас не е важно
ниту нешто ви е тажно
душата ви празна сета
судбина ве чека клета!

Предавници!
Из'ртени од црно семе.
Каинавели!
Изроди од туѓо племе!

Индекс фрли, фаќај пасош
пат под нозе, бегај кодош
доста викаш, што се дереш?
Срамот свој ти не го переш!

Предавници!
Кукли на Џепето славен
Продадидуши!
Изникнати од адски пламен!

Урбани во „долен“ кат
исто исто стоти пат
опинци сме горди наши
газиме по гомна ваши!

Клетници!
Слеп сте вие смрден крт.
Крвници!
Малку ви е само смрт.

А тие па ко Силјан Штркот
со потсмев си го кријат бркот
среќни се што има доказ
бегството им има показ.

Плашливци!
Од далеку сте многу јаки!
Кукавици!
Се ситите на туѓи маки!

Собрани под назив хуман
ќе остават и човек здуман
за граѓански божем права
во торбата си клале глава.

Лицемери!
Продолжена сте рака вие!
Предавници!
На змијата што нозе крие!

В крвта ви е да се сруши
брат со брата да се згуши
за вас време идно нема
само сега да го снема.

Расипани!
До зла ви срж!
Предавници!

Да ве нема – мрш!

3.3.15

„Македонска крвава свадба“ во една модерна верзија за писмена работа

                 Денес ми се наполни душава кога прочитав една модерна, креативна, промислена, проткаена со хумор писмена работа, ми се наполни душава зашто сфатив дека духот и паметот ниту една политика, ниту една власт, никој, ама баш никој - не може да ја задуши до крај!
Со дозвола на ученикот, со псевдоним Кристијан Чаирски го пренесувам текстот во целост.

Љубовта кон верата и татковината - посилни од смртта
(инспирирано од „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински)

                Не сум баш некој верник, ниту би го положил мојот живот за државава, барем не во ова време. Сигурно исто се чувствуваат и моите родители, другари, а мислам дека тоа чувство нема да се промени ни кај наредните генерации.
                Колку ли е само интересно да ги споредуваш луѓето од минатото со денешниве де-генерации. Сигурно тогаш имале за што да се борат, односно немале тоа што го имаме ние денеска. Ние немаме волја, немаме чест, уво нè не боли за некојси Пинџур од 19 век или некојаси Цвета што некој Турчин сакал да ѝ прави срамотно. Генерација порасната пред телевизор, чии родители, пак, пораснале во социјалистичко време каде што верата и љубовта кон својата татковина па и не биле баш застапени. Што сакам да кажам? Можеби ние и сме немале добар пример. Можеби и не ни треба пример, можеби ни треба причина. Леле, колку би било филм сега Турците пак да нè окупираат. Можам да се замислам, онака, работам на нива цел ден за кришка леб, иако сечениот леб не ни бил измислен тогаш, ама ајде, шо - 21-ви век сме, земам си ги пасам овците, флертувам со чупињата од соседното село, земам кавалот и вежбам за на Ристе славата - свирката де, и така, по напорен ден, посветен на труд, си идам дома и глеам некојси Турчин земал ми ја јаде храната, ја замара баба ми, ја дрогира жена ми и ја носи кај него во харем. Ма како не би спиздел? Зимање тоа менлихерот, викање Рики, викање пола село, јавнување на магарето - бап,  на прва одма, и идеме да протестираме, пошо така се решаваат работите тука. После иде судскиот процес, магарето до Битола, плаќање на џандарот за кафе и цигари, исто и на тој пред врата, ама на судијата му носам бајадера и виски. Така сè брзо се рашава тука и си се враќам од кај што дојдов.

                Можеби тропам глупости и се потсмевам на некои работи што не се за потсмев, ама има ли разлика меѓу 19 и 21 век, освен сечениот леб, нормално? Финтата е што уште има сељаци, луѓето се чувствуваат како аргати, а правниот систем ни е „најдемократски“ во цел свет. Сепак, горд сум што сум Македонец и што израснав тука и вака. А за верата, има време, ќе одлучам подоцна.

14.11.13

Литература и бројност на видовите птици во Македонија



Во Македонија нема многу литература за птиците (освен скудна стручна литература на ПМФ), нема книги, нема прирачници (освен мал прирачник, што никаде не можам да го најдам), нема водичи. Благодарение на мојата речиси едногодишна работа, сега барем на Википедија има статии за сите видови птици застапени во Македонија. (За да го видите списокот - кликнете на врската; а таму за секој вид има посебна статија).
Потоа, сретнав некои информации за полупропаднати (за друго потрошени пари) проекти, некои наметнати анализи, ама сè е тоа малку, сè е пак, онака, како што мразам - со себепонижување.
Еве, конкретно - многу се израдував кога видов дека постои некаква литература за СОСТОЈБАТА СО ПТИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (2012), и се надевав дека таму ќе најдам патоказ во моето птичарење. Читам вовед, традиција, историјат, каде во минатото се присутни птиците  - добро, супер вовед; читам понатаму - абеее, ...Македонија не може да се споредува со соседните ПОДОБРИ држави, таму има птици, бла, бла, кај нас нема толку, ние не можеме, ние не знаеме... - и следува разочарувањето. Како бе? Зошто? Во што тоа сме полоши? (во мрзата изгледа, и во комплексот на помала вредност, во грабежот на странските средства, во негрижата). А податокот од таа „стручна анализа“ воопшто не е точен!!! Ниту имаме помалку, ниту сме за сожалување!

Преспанско Езеро
 Во Македонија има околу 330 (според некои извори 328, 329, според други 332) вида птици. Во Европа има вкупно 514 вида. Значи, кај нас од вкупниот европски број има околу 64% видови птици. Што е најинтересно, во областа на Преспанското Езеро, кај резерватот Езерани се регистрирани 216 вида, што претставува над 66% на национално ниво, односно околу 50% на европско ниво. (Податоците се земени од студијата за заштитеното подрачје Езерани, декември 2009, каде може да го погледнете и списокот на видови птици во таа област.)
И ова е малку? И ова е за понижување? За давање предност на соседните држави? Воопшто не!

Не постои птичар во светот кој не би сакал да дојде на такво место каде би можел одеднаш да види барем 100 вида птици, а не пак, 216! Нашево место е идеално, само кога не би нè мрзело да направиме нешто, кога не би се справувале со оправданието дека „локалното население пружало отпор“ и слични глупости. Во врска со локалното население, секој пружа отпор кога треба да направи нешто ново. Но, ако им се објасни дека од тоа ќе имаат профит, дека покрај обичното птичарење тие луѓе ќе престојуваат, јадат, гледаат и уживаат, а со тоа и ќе трошат пари, зошто не би прифатиле? Покрај тоа, нивната животна средина ќе остане иста - најприродна што може, нивните ниви ќе си ги обработуваат како дотогаш, овоштарниците, исто така. Ништо особено не треба да се менува. Напротив. Треба само да се обезбедат основни услови за престој, што некој може да го искористи за заработка. Запуштените хотели, одморалишта и кампови може да се обноват, и туризмот на Преспанското Езеро повторно да заживее. 
На плажата во кампот кај Отешево
Иако е јасно дека за туризам не може да се споредуваме со Турција, сепак, еве за паралела и илустрација: на езерото Куш (Птичје Езеро), во западна Турција, Турците обезбедиле услови, ги ангажирале поголемиот дел од 127 агнеции кои нудат тури за птичарење, и годишно тие птичари, таму, трошат над 1.000.000 евра. А бројката на видовите птици и не е драстично поголема од кај нас. Има околу 270 вида.
Но, сето тоа, бара некој да се потруди, да се направи стратегија на државно ниво, да се стане членка на Рамсарската конвенција (тука може да видите за српското учество), да се престане со плачење и жалење - и да се направи нешто! Па макар тоа првично да биде многу малку, индивидуално и ентузијастички. Ама само нека биде...

Странците, односно птичарите, поконкретно, не е дека не знаат какви птици има во околината на Преспанското Езеро. Тие самите си доаѓаат, без учество на агенции. Но, зошто ние малку да не се потрудиме и да им го разубавиме престојот, а не да мораат да се сместуваат во кампот кој е во очајна состојба или во околните објекти кои, исто така, не нудат удобност?

12.11.13

Птиците



Последнава година целосна преокупација ми станаа птиците. Тоа излезе сосема случајно. Како училиште (СГГУ „Здравко Цветковски“) се вклучивме во проектот Википедија во моето училиште и бидејќи сакав да обработиме една целина, случајно ја одбрав темата за птиците. За нив имаше само неколку статии, па решивме сите статии да ги преведеме и адаптираме за македонската Википедија. Ги опфативме само птиците што се среќаваат во Македонија.
На почетокот тоа беше механичка работа, само превод - нова статија, но откако учениците престанаа да ми помагаат, јас самата напишав околу 200 статии за птиците. 

Така, почнав да навлегувам во деталите околу нивниот живот, особини, пеења, интелигенција и постепено сосема се опседнав со нив. Сега насекаде гледам птици, го препознавам нивниот лет, звук, форма. Почнав да ги сликам и снимам и ми стануваат сè поинтересни.

Минатата година речиси ништо не знаев за птиците. Немав поим дека има толку многу различни видови. До тогаш, сите за мене беа или врапчиња, или чавки, или штркови, или гулаби. Дури сега почнувам да го распознавам големото богатсво на разните видови.
Во списокот на Википедија се статиите за сите видови птици што ги има во Македонија, а кои јас, со мала помош од учениците ги напишавме.

Порано се занимав со риболов, но во рибарењето најмногу го сакав мирот и спокојството што го чувствував седејќи надвор покрај езеро. Никогаш не ми се допаѓало убивањето на рибите. Но, сега, неспоредливо поголемо задоволство ми претставува птичарењето. Повторно сум во природа, повторно во некаков вид на лов, но со камера - а „уловот“ секогаш ми е достапен и можам да си го гледам кога сакам. Оддалеченоста на птиците не овозможува веднаш да се забележат сите нивни детали, но кога ја гледам снимената птица - уживам во сета нејзина раскош на бои, облици, однесувања и звуци. 

Се разбира дека јас сум аматер во врска со птиците и птичарењето, ама моите сознанија и искуства чувствувам потреба да ги споделам, па затоа, тука, во наредните постови, ќе пишувам за разните видови птици во Македонија.

28.10.12

Ништожност



Колку сме само
смешни и ниски,
сметајќи се себе до Бога блиски
со равенка тргаме во потрага дрска,
за смислата наша
да најдеме врска.
Време ни мине во кавги дневни;
завист,
љубомора,
на сите сме гневни,
богатство земно во нашите сништа,
пари и злато
душа ни ништат.
Сите сме само ко животни исти,
немилосрдни убијци
живи егоисти!
Страсти ниски во нас се кријат,
тлеат и чекаат момент да звријат .
Сознание тешко од нив нè двои,
секој од нас часови си брои.
Утеха бараме во среќата вечна,
за животот,
за смртта конечна.
И како што полека одминува време,
си паѓа од срце тешкото бреме,
како куче на патот згазено тажно,
и јас ќе бидам утре,
ништо не е важно...

20.9.12

тишина

Молчам... оти ако зборувам - ќе пукнам.
Ќе пукнам како балонче од сапуница, без звук и последица.
Ќе пукнам како мраз во чаша жежок чај, како камче од запалка што лета во непознат правец, како јајце невнимателно носено, како гума на нечиј велосипед...
Ќе пукнам, без никого да засегнам, без никој да види и чуе.
Ќе пукнам внатре... и ќе си молчам.


17.3.12

Архитекти



Изгледа дека иднината е во аудио-видеото, пишаниот збор веќе не проаѓа :)

Архитекти




Изгледа дека иднината е во аудио-видеото, пишаниот збор веќе не проаѓа :)

16.2.12

Ново јубилејче

Ако сама не си ги прославувам, никој нема да ми ги прослави моите јубилејчиња.
Жал ми е што речиси целосно си го запоставив овој блог заради полесната комуникација на фејсбук, полесното прикачување фотографии таму, заради секојдневните работни обврски во кои заглавив и заради „стручниот“ блог кој оваа година ќе го завршам и чие јубилејче сега го прославувам.
Значи таму, на: Македонски јазик и литература, како блог на кој ги има речиси сите содржини од наставата по македонски јазик и литература за средно стручно образование, денес го дочекав милиончето. 1 000 000 посетители за блог и не е така малку за година и три месеци. Очигледно е дека тоа им е потребно на нашите ученици. Се што им треба да си го најдат на интернет и да не ги отвараат учебниците. Затоа учебниците користени веќе три години останаа нови :)

7.11.11

Калемено дрво

Бидејќи лани за патронат на ГУЦ бевме во Егејска Македонија, оваа година мораше да тркнеме и до Пиринска. И колку што едните се вакви - другите се онакви?!? Иако ние си бевме фини туристи во соседната држава и гледав ништо од нивната политика да не ме допира, сепак, не можеше да остане без ништо. Веќе два дена ја пеам во себе песната на Војо Стојановски „Една мисла имаме“ и си се потсмевам на тоталната глупост на Бугарите. Значи, едната вечер ни беше организирана свечена вечера со музика - и тоа, се разбира македонска. Луѓето од тој дел на Бугарија, поточно од Пиринска Македонија одлично ја знаат македонската песна, се разбира сметајќи ја за своја, што не им го сметам за недостаток - па нормално дека си е нивна кога тие си се наши. Ама, пречат преправањата, односно фалсификувањата на оригиналот. Бидејќи им се пееше на Македонци, песната беше испена речиси сосема точно - освен делот кога „ние не сме Грци, Бугари ни Срби...“ не даде срце, ни „бугарскиот закон на вистината“ мораше да се преправи, да се подисфалсификува во: „ние не сме Грци, Шиптари ни Срби“. Не може да пројде дека не сме Бугари, па тоа ти е. И кога по интернет почнав да барам нешто за песната налетав на напис од 2000 година, кога авторот на текстот бил сведок на изведбата на песната за божиќните празници во Благоевград. Таа иста песна ептен ја осакатиле и пробугарчиле. Односно си направиле своја - бугарска: Не се плаши, не се срами - Б’лгарин да си... и после: ние не сме Грци, Византијци ни Срби, чеда сме на Аспаруха, гордост најб’лгарска (ахахахахаха). Греота се, не можат поинаку, им влегло во карактерна особина и не можат да ја искоренат. Некој што нема свое мора да го украде туѓото и да го прикаже како свое. Вечно така и уште така!!! Бреееј. Кирил и Методиј - Бугари (уште кога Бугарите не знаеле збор словенски), Димитар и Константин, Гоце Делчев, Јане Сандански - Бугари, сите Бугари, па изгледа и Војо Стојановски во оригинал ја напишал песната на бугарски - ама ние сме си ја преправиле.
Грдо им е преправањето, фалсификатот нивни, а уште погрдо што ни го префрлаат нам. Ама ние одамна сме отрпнале, па не ги сфаќаме сериозно, туку ги гледаме како некое детенце со тешкотии во развојот. По малку ги жалиме, по малку се помируваме - дека е тоа - тоа, им нема спас.
Ама сепак, малку се утешив дека баш се не можат да присвојат. А тоа е ВЕДРИОТ ДУХ. Во сите продавници и кафеани (бидејќи само таму имавме контакти со Бугари) сите лица беа сериозни, укочени, па дури и намрштени. Иако зборовите што излагаа од луѓето беа љубезни, љубезност, ведрина и топлина не можеше да се види на нивните лица. И ова можеби немаше да го забележам ако една продавачка не ни позавиде на нашата ведрина, расположеност, насмевка, хумор. Ни рече: „Ах, бре, вие Македонците колку весел народ сте, сите насмеани и расположени“. И навистина е така. По ова не можев а да не се загледувам во секој бугарски лик и да се чудам - како може цела нација да биде со скаменети фаци? Со лица од кои не можеш да прочиташ никакви емоции - освен, можеби огорченост. Или барем мене таквиот лик ми значи огорченост. И така, ми стана јасно зошто не можат да создадат свое, зошто им е потребно да го земат нашето. Само луѓе со ведар дух, со бистрина, срце и ум може да создаваат - овие камени лица - не!
Калемени, или помодерно - клонови.  

П.С. Жал ми е ако навредив некого... (иако ним не им е жал кога навредуваат).

17.10.11

Американските лесни серии го нудат алкохолот како решение за среќен живот

Во последно време заглавив со гледање американски „хумористични“ серии. Жива зараза. Немојте да се зезнете и да почнете да гледате. Почнав поодамна со Friends. Тогаш, пред 3-4 години, имавме семејна традиција секој распуст да си ги гледаме, сите заедно, по неколку епизоди навечер, или преку ден. И тоа не беше страшно, дури убаво беше. Од Friends, прејдов на CSI, па CSI NY, CSI Miami, па ми улета Everybody Loves Raymond, и сериите што ги даваа на нашите програми и на хрватската Нова, како Lost, 24, The Sopranos, Fraiser, Seinfeld, по некоја епизода од House MD… и, така се создаде зависноста. Оттогаш почнав да ги симнувам и да ги гледам цели серии одеднаш, и за жал, некако се уште не можам да запрам. А многу ме нервираат. Ме нервираат со нивните скриени и не толку скриени пораки. Од нив не може ништо да се научи, освен дека за да живееш убаво треба да пиеш. Да, да, таму, во тие серии, во тој обичен американски живот ама баш никој не пуши, бидејќи тоа е гнасно, штетно и селски, ама затоа речиси сите пијат - тоа е шитот. Било која серија можам да ја земам за пример - еве ќе почнам со постара -  Just shoot me. Дејството цело време се одвива во канцеларии, на работа, ама... директорот, се разбира има полно бифе со пијалаци кои често ги пие, а можеби најинтерсениот лик таму е Нина, поранешна манекенка. Интересна е зашто води забавен живот, постојано е по журки и прослави и постојано е под дејство на алкохол. Таа ништо не јаде, ама затоа пие. Тоа е дел од нејзината диета. Тоа ја одржува витка. Слично е и во Two and a half men, кул е братот кој ништо не работи, само пие и се забавува. Другиот е лузерот, исмеаниот, млакиот, немажествениот. Ама, ете, во вистинскиот живот и не е баш така - зашто и во реалниот живот Charlie Sheen (кул братот) е таков како во серијата - па го избркаа и го заменија со друг.
Шемата на Friends е сосема преземена во серијата How I met your mother, каде имаме 3:3, 3 машки и 3 женски - пријатели кои најчесто се среќаваат во кафеана, ама за разлика од Friends каде се пиеја само кафиња и чајчиња, овие пиииијат се и сешто. За да не се оддалечат од кафеана ликовите од серијата It`s Allways sunny in Philadelphia држат кафеана и божем, а всушност тенденциозно, се занимаваат со општествени проблеми како: расизам, абортус, оружје, разни болести, злоставување итн. и веројатно за да можат да ги издржат сите тие проблеми - младите главни ликови речиси ништо не работат и само пијат. Серијата Cougar town  мора да ја спонзорирал некој производител на црно вино - зашто таму ликовите (повторно 6) стануваат и легнуваат со вино. Виното е во центарот на вниманието - тоа лекува се. Со него полесно се живее, тоа дава радост и среќа. Само во една епизода пиеја бело вино, зашто тоа било  „паметно вино“ - со помалку алкохол, а требаа да разговараат нешто сериозно?!? И да не гушам понатаму, секаде е исто (со можеби некои исклучоци), ама врв на разврат, пијанчење, неморалност ни продаваат во Californication. Главниот лик мислам дека нема ниту една позитивна особина - и тој треба да ни биде симпатичен, да го прифаќаме, и можеби да биде модел на идеален маж за младите генерации.
И што да кажам? Жал ми е што можеби една година потрошив на гледање вакви серии (уште мнооогу изгледав, не само спомнатите), што не станав зависник од алкохол, ама од нив - да. Сега сум на „лечење“. Ќе гледам филмови (хахаха).

14.9.11

Разбој

Се сеќава ли некој на Бојан Караѓуле? На Благуна и Калина? На мостот каде за добро и лошо се собираат стружани, на струшките сокачиња, на Дрим? Се сеќавате ли на романот „Разбој“? Моите сеќавања веќе бледеат, а новите генерации нема ни да ги имаат.
Со што заслужи Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна и автор на многу романи, но и на еден од најубавите (Разбој), да го нема во програмата по македонски јазик и литература?
Што исткајавме на нашиот разбој со постојаните промени во програмата? Поквалитетно, помодерно и подостапно образование за младите? Тешко дека сме постигнале такво нешто. Мислам дека еден дел од промените во програмата беа резултат на фактот дека младите не сакаат да читаат книги. И, од големите автори се бараа малечки книги, за колку-толку децата да се запознаат со некое творештво. Така, на пример, прво романот „Војна и мир“ од Толстој беше заменет со малку помалиот „Ана Каренина“, за потоа неколку години сосема да биде исфрлен, па по несогласувањето на професорите по македонски Толстој воопшто да не се изучува, го вратија со некое негово безначајно дело како што е „Смртта на Иван Илиќ“ !?! Тоа не е Толстој! Достоевски исто. Целосно исфрлен, па вратен (во стручното) како лектира.
Не ќе да е решение да се бараат помалку страници за читање. Оние што не сакаат да читаат нема да прочитаат ни 2 страници, а оние што сакаат (иако се малку) ќе прочитаат и 1000. Но, да се прави компромис со број на страници, во суштина е глупаво. Подобро е и тие што не читаат информативно да бидат запознаени со вистинскиот квалитет, отколку Толстој да го поврзуваат со „Смртта на Иван Илиќ“.
И, да се вратам на почетокот - да, „Разбој“ има повеќе страници. Сум го читала одамна, но во мене уште живее Калина, во мене трае потрагата по Бојан Караѓуле, се раѓа Благуна... во мене живее Струга и Дрим од страниците на романот, живее во минатото, но и во сегашноста. Жал ми е што новите генерации нема да го доживеат тоа, па макар и преку моето раскажување.

12.8.11

Туризмот на Македонците

Фала богу што во последно време се вложува за привлекување на туристите во Македонија. Конечно, некои археолошки локалитети се уредија, Охрид го потсредија, Скопје има што да понуди, помалите гратчиња си прават свои стратегии за привлекување луѓе - и се на се, многу подобро е од порано.
Ама Македонците си се исти...
Ќе се подмочавме од среќа нашите нељубени соседи да ни доаѓаа во посета остварувајќи некаков реципроцитет...

100 милиони евра потрошиле Македонците во Грција

12.08.2011 - 17:03 
Сепак Грција и ова лето е најатрактивна дестинација за македонските туристи.
Според статистиката на МВР, македонско - грчката граница само во изминатите два месеци ја минале 400.000 македонски државјани.
176 илјади во јуни и 230 илјади во јули.
Ако се земе в предвид дека просечен македонски турист за 10-дневен одмор троши по 300 евра, Македонците кај јужниот сосед летово оставиле над 100 милиони евра.
(веста си е од тука: http://www.time.mk/read/7229c3bb7e/c08a1594cf/index.html.)
Само 100 милиони евра - па што е тоа за нас?

2.8.11

Пивофестот во Прилеп


Откако лани бев на Пивофестот во Прилеп решив повеќе да не го промашувам. Супер е. Многу опуштено, широко, средено, баш екстра. Оваа година малку и снимав за да си ја испробам камерата. Малку ми се тресат рацете, ама тешкичка е кога се држи високо крената, над главите на публиката. Ова ми е и прва снимка што ја ставам на youtube... па и не е така лошо :)

2.6.11

Предилинденска Македонија - Гемиџиите

По Берлинскиот конгрес во јуни 1878 година на Бугарија и било признато правото да постои како независно кнежество. Северна Тракија добила независност под името Источна Румелија која 1885 година била приклучена кон Бугарија, а Македонија била вратена под османлиска власт. Претходно и Србија и Грција добиле независност. Всушност, само Македонија пред почетокот на 20 век останува во границите на Отоманската Империја. Незадоволни од ваквата ситуација и поради теророт на самоволните турски паши Македонците ги започнуваат своите акции за ослободување. Повпечатливи се акциите на грабнувањето на Мис Стон, како и самоубиствените анархистички (терористички, но не во денешна смисла на зборот) акции на гемиџиите.
Аферата Мис Стон е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. По Солунската провала ТМОРО била во тешка положба и имала потреба од поголеми финансии. За опоравување на организацијата се одржало советување во Софија на кое присуствувале Гоце Делчев, Ѓорче Петров, д-р Руменов, Ризо Ризов и др. Предлогот да се побараат пари од бугарската влада бил категорички отфрлен од страна на Гоце Делчев, па затоа преостанало само да се преземат киднаперски акции во Македонија. По повеќе предлози за киднапирање, изборот паднал на мисионерката Мис Стон. Јане Сандански, всушност на своја рака ја извршил акцијата и цели 6 месеци се изнамачил чувајќи ги двете жени, Стон која имала 55 години и бремената Цилка. Сандански многу се грижел за удобноста на жените, а кога Цилка требала да се породи тој довел две бабици и во една опасна ситуација  кога можеле да бидат откриени не дозволил бебето кое плачело да се убие. Исходот на целата акција иако одолговлечен бил добар – 104 килограми злато и биле предадени на четата, а грабнатите  жени биле ослободени на 23 февруари 1902 во селото Градашорци во близина на Струмица.
Втората интересна акција во нашата историја е акцијата на Гемиџиите. Кружокот се формирал со идеја со саможртва да се помогне на револуционерното македонско движење. Членовите на кружокот биле анархисти – пацифисти и либерали кои сметале дека општеството може да биде организирано во ред без контрола. Водач на кружокот бил Јордан Поп Јорданов – Орце (1881 – 1903), помал брат на Миле Поп Јорданов (опеан во народната песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“). Орце бил душата на кружокот, млад, интелигентен, начитан, со силна воља. Неговата верба во исправноста на избраниот пат – жртвата за татковината, е водилката во делото на Гемиџиите. 

Потесниот круг гемиџии биле: Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид.
Другите членови на кружокот биле: Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, Начо Стојанов, Гоце Чанев, Цветко Наумов и др.

Планот на Гемиџиите од последното советување одржано надвор од градот бил: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот, да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.
Секој имал своја задача и определено време за акција. Учесниците биле целосно посветени на делото и подготвени да умрат за Македонија. Нивната цел биле само објекти, но не и невини човечки жртви. Тие го жртвувале само сопствениот живот.

Текот на акциите бил следен: 

На 28 април Павел Шатев го потопил со динамит францускиот брод Гвадалкивир. Акцијата била успешна, бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени.
Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов го креваат во воздух возот на линијата Истанбул-Солун. И при оваа акција немало жртви.

На 29 април Константин Кирков поставил два килограма динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град бил во темнина и без вода. Завладеала паника, хаос и страв.
Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, Jордан Поп Јорданов (Орце) ја крева во воздух зградата на „Банк Отоман“ во градот.
Во истото време Милан Арсов фрлил бомба во кафеаната „Алхамбра“, а Владимир Пингов пред вратата на Топхането (турската државна управа) и е застрелан од војници.
Костантин Кирков фрла бомба пред солунскиот „Гранд хотел“.

На 30 април Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од многубројната турска полиција.
Истиот ден во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов.

На 1 мај, Илија Трчков фрла неколку бомби на централната улица во Солун.
Димитар Мечев фрла бомба пред хотелот „Египет“, а Георги Богданов ја крева во воздух кафеаната „Ноја“. Мечев и Трчков се убиени од турската полиција, а Богданов е уапсен.
Истиот ден Цветко Наумов (од Ресенските гемиџии) прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехти паша. Откако не успева, се самоубива активирајќи бомба.

За време на атентатите се убиени: Јордан - Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов, а уапсени се: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Африка). 

Од сите нив жив останува само Павел Шатев кој е амнистиран 1908 година по Младотурската револуција. Подоцна тој ги запишува спомените за Солунските атентати и за своите другари. Но, како и многу други наши големи луѓе од минатото и тој за време на СФРЈ завршува неславно. 
Пред крајот на Втората светска војна е избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ и се вклучува во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран за потпреседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. Но, за време  на Информбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како потенцијален непријател на државата“ без конкретно обвинение. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор.  Таму бил сместен во трошна куќа каде не го посетувал никој, освен човекот што секој втор ден му носел храна. Цело време бил сам, без огрев, на студено, во влага и мемла. Дење можел да шета низ градот, а ноќе се прибирал. Но, зимата 1950-51 се разболел, го сместиле во битолската болница во одделот за затвореници каде во јануари умрел, најверојатно од глад (барем така се расчуло). Властите не дозволиле да биде погребан во родното Кратово и затоа е закопан на битолските гробишта, во присуство на само петмина, сопругата, сестра му и уште три блиски роднини. Дури по 55 години, 2006 година за првпат делегација положила цвеќе на неговиот гроб. (од Утрински)
Ах бре Македонче!!!
Иако „Пустина“ е роман, сепак е заснован на една историска случка. Многу биографски елементи од Павел Шатев препознаваме кај едниот од главните ликови - Глигор.