23.5.10

Глупав сон

Веќе мислев дека сум заборавила што е сонување, ама деновиве ме растурија соништа. Баш супер, не ми e досадно ни додека спијам.
...

Ноќ. Уште некој час и ќе се раздени. Сите спијат, а јас се измачувам гледајќи веќе гледани филмови. Вртам по каналите - ништо. Излегувам надвор. Го вдишувам свежиот воздух по паднатиот дожд. По улиците нема никој. Уличните светилки премногу осветлуваат, па барам некои споредни, неосветлени уличиња. Влегувам во едно такво. Чувствувам дека тука ме чекаат изненадувања, го чувствувам присуството на луѓето, но не отстапувам, продолжувам по уличката. И, вистина. Во најтемниот агол забележувам движење. Автоматски ја ставам десната рака на мечот. Погледнувам надолу и сфаќам дека навистина имам меч. Од каде ми е? Нема врска, си велам, добро е што го имам и го враќам погледот кон темниот агол. Го слушам секој шум. Но, таму веќе ништо не се движи. Се приближувам да ѕирнам. Нема никој. Но, во тој момент од горе, како по јаже, се симна суштеството - точно пред мене. Бетмен???
- Те чекаме, сите сме тука, - ми рече.
- Ајде тогаш, да одиме, - одговорив.
Ме зема во раце, прелетавме неколку улици, го прескокнавме Вардар и таму, на брегот влеговме во една стара куќа. Собата беше зачадена од цигари и мирисаше на алкохол. Сите пиеја, се смееја, слушаа некоја панк-музика. Сите беа тука, Супермен, Спајдермен, Хулк, Ајронмен, Иксмен, Даркдевил, Кетвоман и сите нивни пријатели и непријатели. Голема гужва. Сите во своите костуми, собир на накази. Што барам тука? Всушност, прашањето е, што бараат тие тука?
Кога влеговме со Бетмен, сите замолчеа, се свртеа кон нас и во глас ме поздравија (и тоа на македонски)
- Здраво, Македона! - и ги кренаа чашите во моја чест. Си продолжија со забавата, а до мене со својата количка се приближи Иксмен.
- Не повика и ние дојдовме. Како да ти помогнеме?
Зелениот келнер ми донесе виски, ми ја запали цигарата, а јас на екс го испив. Зошто сум ги повикала? Побарав уште едно виски. Почекав. Ги гледав суштествата со гадење. Не се такви како на филмовите. Бедно изгледаа, испијането, очајно. Немаа што да прават, немаа со кого да се дружат, немаа што да работат.
- Кога сум ве повикала? - се решив да прашам, бидејќи на ништо попаметно не можев да се сетам.
- Минатата ноќ. Ги почувствував твоите вибрации.
На ништо не можев да се сетам. Никого не повикував. Но, почна да ми се враќа минатоноќниот сон. Сонував како само со една голема бомба цела Македонија беше уништена, разорена до темел. Ништо не остана од неа. Ни човек, ни дрвце, ни планинче, ни река.
- Да, - реков, - се заканува голема катастрофа на мојата земја. Мора да ми помогнете.
- Го знам тоа, ама и ти треба да знаеш дека за тоа помош нема. Од судбината не се бега. Може да спречиме еднаш, двапати, но тоа секако ќе се случи. Ова е Армагедон, и кога-тогаш ќе биде уништен.
Ја знаев вистината, ама сепак се надевав дека сите овие херои ќе можат да помогнат.
- Ќе одложуваме додека може. Остави двајца од твоите да ја спречуваат експлозијата. А јас ќе ги извлекувам луѓето од овде. Да се тргнат, да се раселат низ цел свет.
Иксмен ме погледна под око, малку презирно зашто сакав да се оствари нешто што не се остварува, но ме послуша, односно ми ја исполни желбата.
Додека разговаравме веќе сите дознаа зошто се тука. Погледнуваа во мене, ја испиваа последната пијачка и си заминуваа. Како да не сакаа ни да ме поздрават. Скришно ми се потсмеваа. Почна да ме боли овој нивни однос. Сакав да им се развикам, да им кажам дека е тешко и неприфатливо ова што треба да се случи. Се обидував да зборувам, да викам, но глас не се испушташе од моето грло. Сакав да ги задржам. Како и да е, може да помогнат, барем за некое време. Солзи почнаа да ме печат и гребат, и понатаму се обидував да викам. Мачна болка ми го притискаше срцето. Немав воздух, немав глас, немав сила...
Се разбудив.
...


9 comments:

  1. Pomalce da spiete, nema da sonuvate vakvi gluposti.. Spajdrmen, Betmen....

    ReplyDelete
  2. bezpomosnost - grozno cuvstvo...

    ReplyDelete
  3. Хахахаха, а ако мнооогу и се спиело, не и се читале книги, ако не и се седело на фб...??

    ReplyDelete
  4. Павле, понекогаш баш ти завидувам...

    ReplyDelete
  5. Интересно е тоа што навистина ретко сонувам, а сонов се случува на Духови - за тогаш велат дека соновите се остваруваат. Што од овде треба да се оствари? Тоа дека ќе ја снема Македонија, а ние се надеваме на помош од некои „креатури“.

    ReplyDelete
  6. Да не се навредивте? Јас не мислев такво нешто.. :-)

    ReplyDelete
  7. Не бе Павле, не се вреѓам јас од твоите коментари...

    ReplyDelete
  8. Инаку кога сме кај соништата, кога веќе не се вреѓате од моите коментари, некои велат дека на празници биле празни соништата... Јас така знам за сон сонуван на празник....

    ReplyDelete
  9. Ај, не се опуштај до толку - муабети, на фејсбук или во училиште :)

    ReplyDelete