9.9.10

Национален парк Маврово

Националниот парк Маврово по својот опфат е најголем во Македонија со територија од 73 088 хектари на која се наоѓаат 36 населени места.
Се состои од четири локални предели, секој специфичен по својата убавина: Мавровска Котлина, Горна Река, Мала Река и Долна Река. 

Паркот ги опфаќа планините: Шар Планина (нејзиниот западен дел), Бистра, Кораб и Дешат со 52 врва повисоки од 2000 м надморска височина и врвот Голем Кораб со височина од 2764 м – кој е највисок во Македонија, а според последните мерења е и неколку метри повисок од Триглав (Словенија) кој се сметаше за највисок врв во поранешна Југославија.
Името Маврово значи Црно Поле кое е потопено 1953 година и е создадено вештачкото Мавровско Езеро.


Најголема туристичка понуда има во Мавровската Котлина бидејќи се развива како ски-центар почнувајќи од 1964 година и се изградени неколку хотели, одморалишта и голем број викенд-куќи.
(Сликата од ски-центарот Заре Лазаревски е преземена од официјалната страница на Националниот парк Маврово).
Околу езерото се наоѓаат селата: Маврови Анови, Маврово, Никифорово и Леуново.

На влезот од паркот (кога се оди од Гостивар) се наоѓа Бунец – сафари паркот, едно од најатрактивните ловишта во Македонија.

Асфалтираниот пат околу езерото, особено од страната на Леуново, не е многу прометен и затоа е згоден за велосипедизам.
Кај каменолонот, на влезот од шумата е направено излетничко место многу пријатно за престој.

Во селото Маврово, близу хотелот „Бистра“ се наоѓа пештерата Шаркова Дупка која е отворена за посетители. За жал, јас се уште не сум била во пештерата и немам свои слики од таму - еве само линк до страницата на Национален парк Маврово, каде може да прочитате повеќе за неа.
Кога ќе застанете во Маврови Анови не прошуштајте да каснете нешто од домашните производи кај Дарко и да пробате од најубавото кисело млеко, кое не е толку скапо како во Трница. (Инаку, Дарко ми беше ученик - голем поздрав до него! )


П.С. Бидејќи подготвувам сајт за Македонија, некои од текстовите што ќе се најдат овде ќе бидат малку поофицијални и посувопарни за да можам да ги искористам и за таму.

No comments:

Post a Comment