21.9.10

Патување низ Македонија - Дебарско (Рудникот Кнауф)

Течението на најбистрата македонска река, Радика, завршува со влевање и полнење на Дебарското Езеро. Тука, секогаш се наоѓаат многубројни рибари, најчесто во лов на бојник, но може да се најдат и други риби - плашка, клен, а во езерото, крап, јагула и др.

По патот кон Дебар се наоѓа селото Долно Косоврасти каде има термоминерални води кои мирисаат на сулфур (расипано јајце), но кои се најлековити во Европа, а трети во целиот свет. Бањата Косоврасти сега е во поуредена и посовремена варијанта.
Водите во близината направиле цела една кристална планина каде се наоѓа рудникот на Кнауф. За жал, овој рудник не е отворен за туристи, но со најава и групи ученици може да го посетите - што е навистина прекрасно искуство.
Рудникот се наоѓа на 90-200 м под површината и речиси целата планина е со гипс во три варијанти: алабастер, анхидрит и кристалот селенит (богородично стакло). Според водичот, Рефик Имами, чистината на кристалот е 99,99 што е единствена во светот, или можеби и во Мексико има нешто слично.

Во рудникот се влегува со заштитни шлемови зашто отворот е реалативно тесен и низок (па може да си ја чукнете главата), но набрзо пред вас се отвара осветлен широк простор кој светка од белината на кристалот. Воздухот внатре е добар, свеж, на места мириса на сулфур од водичките кои се слеваат, температурата секогаш иста, околу петнаесетина степени, а цврстината на кристалите ја обезбедуваат сигурноста.
Таму нема никакви потпорни столбови и при земјотреси не се одронува ниту едно парче од кристалите. Глетката е прекрасна - во длабочината, каде се правени ископувања и е вадена рудата е направен широк простор, со неколку природни столбови - како голема округла воздушна топка во длабочината на земјата.

No comments:

Post a Comment