13.9.10

Патување низ Македонија - Мијачија (Галичник)

 Мијачијата, мијачките села, мијаците се многу познати по чувањето на својата традиција - архитектура, обичаи, јазик, култура. Тоа е областа која го зафаќа долното течение на реката Радика, а селата обично се сместени во повисоките планински предели. Најпознати мијачки села се: Галичник, Лазарополе и Гари; но тука спаѓаат и: Селце, Росоки, Тресонче, Сушица, Осој, Долно Косоврасти и Горно и Долно Мелничани.
Преку Бистра, патот води до едно од најпознатите мијачки села – Галичник

Оваа година не отидовме до таму – зашто како и кај многу други интересни села, патот води само до таму и назад – не може да поврзеш, не може да отидеш патем, мора цел ден да го поминеш само за таму и да се вратиш по истиот пат (патче) назад. Жално е што селото не е поврзано и од другата страна со пат барем до селото Јанче (или можеби не е жално?).
Галичник е најпознат по галичани (хаха, се зезам), ама така излегува. Селото е сместено на стрмнина, а од таму погледот кон Дебарското Езеро е прекрасен.

Во 19. век Галичник бил мало гратче, поголем од Гостивар. Од таму се многу познати личности, но за мене најважен е Ѓорѓи Пулевски – првиот вистински докажан (со пишани траги кои ги оставил во аманет) МАКЕДОНИСТ. 

Во неговиот „Речник од три јазика“ (Тријазичникот за даунлоуд) отпечатен 1875 година тој не се двоуми на кој народ му припаѓа (македонскиот), ниту кој јазик тој народ го зборува (македонскиот)!!!

Галичник зимно време е речиси недостапен поради својата местоположба, но затоа лете  (од мај до октомври) живее продолжувајќи неколку свои традиции. Селската слава Петровден (втората недела од јули) е времето на случување – прво се организираат овчарски средби (натпревари за брзо молзење и стрижење овци, како и дегустација на сирење – во бачилото „Вардар“), а потоа се одржува Галичката свадба – која е продолжување на традицијата и вистинско доживување за посетителите, и домашни и странски.
Од 1990 година, во август се организира ликовна колонија на која доаѓаат сликари од целиот свет.

No comments:

Post a Comment