14.9.10

Патување низ Македонија - Мијачија (Лазарополе)

Воздушната оддалеченост меѓу Галичник и Лазарополе не е многу голема, но за да стигнете со возило од едното до другото село треба да извозите стрмни патчиња подолги од 100 км. Односно, од Галичник да се вратите по истиот пат преку Бистра, да се повозите по регионалниот пат кон Дебар и кај таблата каде што е означен излезот од Националниот парк Маврово да завртите лево. На проспектите од Маврово во таа околина беше означен мостот Еленскок – како атракција, ама на терен немаше никаква ознака, па за оние кои не знаат точно каде е, тешко се наоѓа. Всушност, мостот е многу блиску до раскрсницата, на ширинката каде некогаш имало табли со опис на националниот парк и содржините во него. 
 Легендата за мостот е многу симпатична и може да ја прочитате тука, да не ја прераскажувам без потреба.
(Бујната вегетација околу мостот како и дождот што врнеше ме спречија да го сликам за да се види целосно).
За жал, само што ќе се излезе од портата со ознака за Националниот парк Маврово почнува да недостасува се – никакви ознаки никаде! Но, и да се загубите без ознаките нема да ви биде жал – природата е навистина прекрасна.
Патчето кон Лазарополе е тесно, стрмно, но асфалтирано. Искачувањето по патот ве води близу до високите планински врвови, близу до облаците. Таму дождовите секојдневно ги мијат селата и целата природа. Прекрасни и застрашувачки глетки – си помислувате дека качувањето нема крај. А и што е тоа што ќе го видите кога ќе се искачите, се прашувате? Повторно стрмнина, непристапна планина? Но, изненадувањето е пред вас – се појавува широчина, и се чувствувате како да сте во некое птичје седало на највисокото дрво. 

Кога ќе се сретнат мијаци од различни села секогаш се расправаат чие е поубаво – ама вистина било така, секое е од убаво поубаво.
Пишувајќи за убавината жалам што не можам да изнајдам зборови барем половично да ја опишам. Јас не сум од многумината кои мислат дека нашиот јазик е сиромашен – а и во текстови сметам дека слободно може да се користат дијалектизми, но како и да е, многу зборови за убавина немаме. Па сега си помислив – тоа е веројатно така зашто ја прифаќаме како нормална појава, како опкружување и секојдневие, па затоа и не ни требаат многу зборови, ние едноставно ја доживуваме.
Селото Лазарополе си има стар дел и нова населба со викендички – но и тука, како и во Галичник тешко дека може да се искачите зимно време.
За среќа, и овде се случуваат некакви манифестации кои ќе ги натераат луѓето да отидат и да ја доживеат и допрат недопрената природа. А и на интернет може да се најдат доста информации за него, како на пример овој одличен блог.

За поприбирливите, таму е и Калин хотел кој нуди удобност во етно амбиент.

No comments:

Post a Comment