11.9.10

Патување низ Македонија - Врбен

 (Со кликање на сликите, може да ги видите во поголема варијанта, а некои вреди да се видат така) 

Кон селото Врбен од Маврови Анови води посебен пат. Патот е направен веројатно заради електраната што се наоѓа во селото. Искачувањето нагоре веднаш пружа задоволство на прекрасен поглед. 

Прво, од височина го гледате Мавровското Езеро, а потоа кањонот на реката Радика. На една широчинка направено е одморалиште, во шумата клупи, а на исфлената карпа – може да седите и само да уживате во величествениот поглед. 

Шумата кон Врбен е позната по богатсвото од чаеви, шумски јагоди и секако, печурки. Познавачите тука собираат лисичарки, но повеќе ценет е вргањот кој врбјани го продаваат 500 денари за килограм. 

Самото село не е големо и не е многу живо. Тука зиме тешко се доаѓа, но летно време претставува место за вистински одмор и бегство од цивилизацијата. 

Во мала длапка, опкружено со шума и пасишта, со тишина која ве прегрнува, со воздух кој мириса на чисто, на цвеќе, на здив од бебе – воздух кој вреди барем еднаш во животот да го почувствувате, зашто да се опише, не може. 

Прошетавме низ селото, имаше стари куќи, но и нови – повеќе викендици. На некои беа обесени јагнешки кожи за сушење што даваше една различна, специфична слика. На влезот од селото една од куќите ми се виде интересна, речиси преполовена од товарот на годините и застанав да ја сликнам 2-3 пати. Но, во тој момент, во таа тишина во која и кокошките уживаа, 
еден младич се залета кон мене, почна да ми вика дека е забрането да ја сликам куќата – неговата куќа, која била најстара во селото и била заштитена. 
Многу непријатно се почувствував, иако со разговор го ублаживме првичниот негативен однос, па дури момчето и на кафе не покани, сепак, убавиот впечаток ми беше расипан, зашто се почувствував како крадец, престапник, изгнаник од селото – кому му беше забрането да краде од туѓата убавина. Јас само сакав некоја слика да зачувам, да ја пренесам на светот – за сите да ја видат, но, не било така, испаѓа дека – македонската убавина е заштитена и забранета за гледање од други.

No comments:

Post a Comment