11.9.10

Патување низ Македонија - Радика

(Со кликање на сликите, може да ги видите во поголема варијанта, а некои вреди да се видат така)

Не знам од каде е потеклото на името, ама мене Радика ме потсетува на радост (дарување радост), среќа, убавина.

Западна Македонија е толку убава токму заради водите кои течат низ неа, а можеби најубавата вода е реката Радика со своите притоки, сите бистри, попроѕирни и од стакло.
Радика извира на 2200 метри надморска височина и до влевањето во Дебарското Езеро е долга 67 км. Во неа се влеваат: Рибничка Река, Жировничка Река, Мавровска Река и Мала Река. Со канали, од нејзината вода се полни Мавровското Езеро кое истекува во Вардар, па затоа таа е единствена река во Македонија со два слива: јадрански и егејски.
 (Угоре вискоко, удолу длабоко; на десната слика сме многу приближени до изворот на Радика)
Прекрасен е кањонот на реката стар неколку милиони години, опкружен со големи планински масиви – Бистра и Стогово на исток; Кораб и Дешат на запад.
Зборовите не можат да ја доловат убавината, па ни фотографиите, единствено со присуство таму, ќе може да се сфати и доживее вистинскиот дар на божествената природа. 

На патот кон Дебар, на почетокот од кањонот се наоѓа Трница, единственото од времето останато место (кафеанче, ресторанче) каде може да јадете природен бакардан (качамак) со домашно кисело млеко, толку цврсто што треба речиси со нож да го сечете. Секое чинивче чини по 100 денари, па така, бакардан со кисело млеко за четворица ќе ви излезе 800 денари – не баш евтин појадок, но за еднаш во годината, вреди да си го дозволите.

Радика не можам да престанам да ја сликам, секоја нејзина капка е нов свет, нова убавина, секоја кривинка крие ново искуство, нова планета на соништата... А сликите ми го запираат моментот – на секој се сеќавам, како да е сега...
 Во реката од секаде се влеваат води, мали поточиња исцедени од врвот на планините, некаде преправени во чешми со вкусна вода од која не може да се изнапиете...
По патот кон нејзиниот извор, кон Ничпур и Стрезимир има неколку пристапни места каде може да уживате. На првото, близу до регионалниот пат, направен е див авто-камп (кој ми беше незгодно да го сликам, за да не им го реметам уживањето на камперите), а понатаму кај Ничпур се наоѓа цркавата на ридот и изворите во подножјето. Тука има летниковец и место за движење, како и приод до реката, место за скара, и на секој чекор изворчиња - буквално, дури и по патот.
Не ми е јасно зошто водава се вика „Топлец“ кога заби отпаѓаат сред лето од што е студена.
За нагоре, по патот, згодно е да имате некое теренско возило (тоа ќе го посакам многупати подоцна), зашто е стрмно, тесно, лизгаво - и зашто освен дрварите со камиони, никој нема, па ако ви притреба, помош нема да најдете.
 Тука, вода има секогаш, а напролет, таа надојдува уште повеќе и ја прави реката дива, нескротлива...

Колку и да сакам да си ја зачувам недопрена мојата Македонија, сепак, некогаш ми фали место (а особено покрај Радика) каде што ќе можам да застанам, да се напијам нешто и да уживам, а не вака:
Ја пројдов цела Радика и такво место не најдеов, иако викаат дека имало некое, но тоа мора да го чуваат само за пријатели, бидејќи обичен минувач не може да го најде...
Како и да е, за мене кањонот на Радика е едно од најубавите места во Македонија, а Радика, најубавата река која секогаш ја поврзувам со бујна вегетација, особено со репушите (како што ги вика татко ми, а јас не им знам друго име) и со радичката пастрмка која само еднаш сум ја пробала, но доволно ми е за цел живот...

No comments:

Post a Comment