8.9.10

Патување низ Македонија - Маврово

(Со кликање на сликите, може да ги видите во поголема варијанта, а некои вреди да се видат така)  

Почна учебната година, почнаа обврските, па можам и јас да си почнам со приказните за Македонија и нејзините убавини.
Во Маврово имаме викендичка и затоа патувањето низ Македонија го започнавме таму. Иако не знам колку пати сум била во Маврово, никогаш многу не сум шетала – кругот секогаш бил ограничен на: летно време – на езеро по риба, зимно – на Бистра на скијање. Овојпат прво се упативме во новоотвореното Туристичко биро, убава куќарка, на соодветно – видливо место, со средена околина – така како што треба. Внатре проспекти, карта на Националниот парк Маврово, разгледници. Ако купите карта, проспекти и разгледници ќе добиете гратис (а картата од едната страна е на цела Македонија). Фино. Ги разгледав проспектите, се почудив на понудата – таму имало сенешто за кое јас не сум знаела. Прво, како за разгледување неколку интересни работи, но и: маунт-бајк, кајакарење, планинарење??? – каде тоа и кога? Е, тоа не знам, не пишува, јас не сум видела, ама има на слика на проспектот – значи некогаш било. 
Шала на страна, убаво е Маврово – и лете и зиме. Прекрасен воздух, прекрасна природа и мир. Се разбира дека кога би се наоѓало во некоја друга земја, таму би вриело од луѓе, би се нуделе секакви глупи работи за глупи туристи – но, како и се кај нас – Маврово е празно. Па затоа може да уживате во мирот и тишината.
На почетокот од моето патување, жалев што нема поголема туристичка понуда и поголема посетеност... но на крајот бев среќна што е така!
Иако, целиот Национален парк е всушност Бистра, мавровчани се одвоиле – поточно, општината Маврово-Ростуша си го средила својот дел. Оваа година најсредено ми се виде. Секаде имаше патокази, на проспектите – убаво означени местата за посета. Таму, на пример, за првпат видов (и слушнав) дека во селото Маврово имало пештера – и тоа средена за посетители! Откако се изинформиравме за се, решивме да си одиме по старата мавровска шема – и да си се симнеме на езеро по риба, па од утре, здравје – ќе почнеме со шетањето.

Нема поубав мир, поубаво спокојство, одмор за очите и душата – од рибарењето во Маврово. Крај езерото само по некој рибар, по падинките по некој кравар, а тишината ја кршиме само ние – со нашите трски и реткиот шепот. 
Тука и така, чинам би останала цел живот... но, за жал, кога ќе се стемни, студот и по некоја лисица те бркаат зашто доаѓа нивното време на владеење крај езерото...

И уште првата вечер почнав да се премислувам. Што ќе беше ако Маврово беше преполно? Ако низ езерото пловеа чамци, едрилици, скијачи и сл. Како ќе го најдев јас својот мир?
................

Маврово

Зелени очи
илјадници зелени очи
и само едно жолто
на небото,
ме гледаат
ги гледам...
Божествена тишина
ме гушка
ме лулка
ко во колевка...
Родена сум
или сега се раѓам?
Господе...
ова е рај на земјата
или патувам кон тебе?

1 comment:

  1. Еден човек оди во Маврово и таму го наоѓа својот мир.

    Па, воодушевен им кажува на сите дека ако отидат таму можат сите да го најдат својот мир.

    Одат сите, и бидејќи е гужва - никој не може да го најде својот мир.

    Но еден човек останал во Скопје, кое е испразнето, оти сите отишле да го бараат мирот свој на Маврово.

    И тој осамениот во Скопје - го наоѓа својот мир.

    Нелогична логика... :-)

    ReplyDelete