18.9.10

Патување низ Македонија - Река (Водопад Дуф)

На влезот од селото Ростуша, веднаш над амбулантата, започнува патеката кој води кон водопадот Дуф. На почетокот, пред тесни скалички е поставена табла со опис на водопадот и оддалеченост. Кога ќе започнете да се искачувате по стрмните скалички не знаете што да очекувате, малку разочарувачки, ве дочекува нива, рамна патека - но веднаш потоа започнува вистинското уживање за очите и душата. 
Навлегувате во шумичка со свеж воздух кој нема да ве напушти до крајот на патеката. Жештината на летото останува зад вас, во селото или некаде уште подалеку. Ме изненади уреденоста на патеката, со дрвени заштитни огради, со прекрасни места за мал одмор, или подолг одмор, ако сте решиле денот да го поминете тука. 

Секое проширување е уредено, со клупи, корпи за отпадоци и летниковци. Секој чекор од патеката е уживање кој ви отвара нов прекрасен поглед. 
Текот на бистрата вода на рекичката е како животот... постојано се менува  - наместа е мирна, наместа брза, а наместа паѓа од високите карпи дочекана од коритцата под неа... 

Уживањето во водопадот Дуф, не е само самиот водопад - туку буквално целата патека, целиот тек кој ве задржува да подзастанете, да погледнете и да го доживеете неповторливиот момент на течењето...
 Во стрмните карпи ви се чини дека можете да ги изброите вековите изрезбани во нив од водата која непрестано се спуштала и си го пробивала патот. 

На следното свртување мислите дека сте на друго место - во зелен свет, како некој да го обоил, целиот обраснат со мов.

Уште многу прекрасна природа ќе доживеете до крајот на патеката...
А потоа, зад високата карпа на која е сместен летниковец почнувате да го слушате звукот на водопадот... скриен зад уште поголеми карпи...
И... тука сте... пред величествен поглед надополнет со дразнење и на другите сетила - звукот од  несопирливата вода што паѓа, ситните капки што ве галат по кожата, воздухот заситен со вода, студенилото на карпите и зеленилото над нив низ кое сонцето едвај се пробива....
Од огромната уста на карпата ја гледате водата која доаѓа од некаде... каде што за нас пристапот е недозволен - од градите на природата...
Водопадот Дуф е место кое барем еднаш во животот треба да го видите и доживеете...

2 comments: