Македонија е толку многу богата со историја, археологија, природни реткости и убавини, а толку сиромашна со трговски дух, што не е чудо што никој не ни доаѓа во посета (мислам на туристите).
Што може да се продаде, односно што лесно би купиле странските туристи? Мислам дека за тоа се потребни светски познати личности од минатото кои ќе ги врземе со определено место, определена приказна и купишта дрангулии за продажба.
Значи, прво ни треба светски позната личност која има врска со нашава територија. Многумина ќе си речат дека такви не постојат. Дека никој интересен не е од тука. Голема грешка!
Еве, на пример - Јустинијан. Најголемиот број Македонци не ни знаат дека тој потекнува од Македонија, од место близу Скопје, сега село Таор, а во негово време Тауресиум. Зарем не можеме да го продадеме Јустинијан?
Јустинијан бил голем император, наследник на неговиот вујко Јустин, кој пак потекнува од Бадеријана (денешното село Бадер, близу Таор) и кој самиот успеал да се искачи на престолот на Источното Римско Царство заменувајќи го ромејскиот цар Анастасиј. Роденото име на Јустинијан било Управда (што би рекол Нено - многу словенско звучи за човек од овие простори, што живеел пред „инвазијата на Словените“, односно во 5 - 6 век) и уште како дете неговиот вујко го зел при себе во Константинопол и му овозможил најдобро можно образование. Интересно е што неговото име Управда има голема врска со она по што и ден-денес е познат. Тој е составувач на т.н. Јустинијаново право кое содржи неколку книги: Јустинијанов Кодекс, Дигеста, Институционес и Новели . Јустинијановото право преживува преку Византија, Италија, навлегува во Западна Европа и станува основа на современите правни системи - што значи, постои до денешен ден. Па така, праведниот Управда кој сакал да воспостави ред и правда го оформува правниот систем кој трае веќе 1500-600 години. Сите образовани луѓе, а особено правниците знаат кој е Јустинијан и срамота е ние да не знаеме и да не можеме да ја продадеме неговата приказна.
За животот на Јустинијан може повеќе да прочитате на Вики, и од други извори, (или од тука) за да не се повторувам и јас.

За среќа, работите се движат во добра насока. На археолошкиот локалитет Таор и оваа година ќе се работи, а освен официјалната страница, оваа година е направен и блог (фотографијата е преземена од таму) каде ќе се прикажуваат сите тековни работи (ептен ме радува).
Сепак, мислам дека овие чекори се премали. Дури смешно изгледа преголемата радост на ангажираните околу овој проект во врска со поставувањето на патоказите кои се губат во мноштвото други реклами (да, подобро е од никакви, но 5 минути гледав во таблите за да ја пронајдам вистинската).
За да го продадеме Јустинијан и да ги привлечеме странските туристи - треба цело Скопје (и Македонија) да „вришти“ со Јустинијан.
Да го има на парите, да го има на сликички, мали мозаичиња (бидејќи тоа е единствената и најпозната слика на Јустинијан),
измислени скулпури, споменици, брошури, летоци, да има вистински пат кон Таор (зашто сегашниов е жив срам) и средување на локалитетот. Покрај другите големи личности (за кои ќе пишувам во некој од следните постови) Јустинијан треба да стане заштитен знак на Скопје и Македонија. Кога ќе се отвори било кој сајт за Македонија - треба Јустинијан да боде очи, да се нуди и продава неговата приказна.
Е, многу би сакала ова да се случи за време на мојот живот.
(Еве уште неколку интересни врски за Јустинијан:
Од Крале Марко, од Волан;
Данило Коцевски, Јустинијана - градот кој го нема (роман).