8.3.10

За вистинскиот 8 Март

Осми март (Денот на жената) не е празник на трговците со цвеќиња, не е можност да се изрази љубов со подарување влечки, не е празник на мајките кога дечињата треба да цртаат честитки со изрази на љубов, не е празник на „мајчините очи“, но со текот на времето тоа станал!
Осми март е денот кога жените конечно ги побарале своите права да бидат еднакви со мажите во општеството!
Историчарите велат дека во дамнешно минато постоел матријархат и дека тогаш целото семејство и општество (какво и да било) „се вртело“ околу жената. Но, бидејќи „колективната меморија“ досега отприлика како она што го кажува Гете (во мотото на мојов блог) - 3000 години, јас во мојата потсвест го имам чувството на обесправен пол. 100 години не се доволни за да се исправи неправда стара 10000 и повеќе години.
Жените во текот на човечката цивилизација биле третирани како домашни животни за расплод, без можност да се школуваат (бидејќи нивниот мозок божем не бил способен за тоа), без можност за вклучување во креирањето на „државата“, односно во политиката, без можност да кажат што мислат и да бидат креативни. Немале право на глас како што тоа го имале „моќните“ мажи.
Лично, не живеам во обесправени услови. Ги имам сите права, можност за креирање политика, можност за влијание, праведна распределба на обврските околу децата и домот - но, сепак, чувствувам револт (очигледно, нели?). Од каде произлегува? Прво, од историското сознание, и второ, од се уште омаловажувачкиот однос на мажите кон жените (барем во Македонија). Се разбира дека не зборувам за малиот процент „еманципирани мажи“ кои НАВИСТИНА полово не дискриминираат. Кај простиот македонски (и албански) селанец се уште жената е на ниво на расплодно животно. А, и кај тие, напредните, сигурна сум дека додека возат автомобил ќе чуете коментар во стилот: „жена!“ (со голем презир - дека не ја бива за возење), „жена!“ (со презир, ако е на раководна функција и утнала нешто), „жена!“ (со презир, за било каква работа што ќе ја направи жената и ќе погреши). Понатаму изразите „женски памет“, „женска глупост“ и сл. се вообичаени во нашиот секојдневен живот.
Често ми замеруваат дека сум била феминистка - а и таму чувствувам дискриминаторска нишка. Да, феминист сум во вистинската смисла на зборот, но не во онаа во која тие ја кажуваат! Јас сум феминист - борец за еднакви права (ништо повеќе од тоа), а не феминист - повторно со презир, дека претерувам и дека „барам преку леб погача“.
Овој 8 Март е јубилеен - 100 години од прогласувањето на празникот - Ден на жената, кога таа се изборува да го добие правото на глас (да смее да излезе на избори!) и да има еднаква плата со мажот на исто работно место! Ваквите барања ги изразиле во улични протести жените во Њу Јорк, на 8 март 1908 година, но на 8 март 1910 година во Копенхаген по иницијатива на Германката Клара Цеткин тие права официјално се побарани.
Тоа е 8 Март - празник на вистинскиот феминизам, а не на лигавење и извртување на фактите повторно во полза на мажите - празник на мајката?, празник на љубовта? (немојте ве молам!).
На крај, им го честитам празникот на сите жени, со надеж дека во следните 100 години ќе успееме да се избориме за вистинска рамноправност.

No comments:

Post a Comment