6.3.10

Епикурејска школа

Со ширењето на Македонската Империја, со создавањето на една космополитска држава и филозофската мисла си добива еден свој нов правец.
Во овој период (на ширењето на македонизмот) се развиваат три филозофски школи кои почиваат врз темелите на претходните искуства, но кои внесуваат и нешто ново. Тоа се: епикурејската, стоичката и скептичката. Сите тие го бараат патот кон среќниот и спокоен живот, но препорачуваат различни патеки.

Епикурејската школа е наречена така според нејзиниот зачетник - Епикур. Тој е роден на островот Самос (Сам со грчка наставка -ос?), од каде потекнува и Питагора, а во непосредна близина се местата од каде потекнуваат и другите славни филозофи како: Талес, Анаксимандар, Анаксимен и Хераклит. Епикур ќе основа неколку школи и ќе се здобие со голем број приврзаници. Најпозната е неговата атинска школа каде неговата група ќе биде нарекувана „филозофи од градината“ бидејќи се собирале во една градина која тој ја купил. За да не го критикувам многу, за негова среќа, во својата дружина тој вклучувал луѓе од сите сталежи, родови и полови. Што значи, во неговата школа имало и богати, и робови и жени. Всушност, тоа наликувало на „хипи комуна“ каде заедно живееле луѓе со слични размислувања, се дружеле, разговарале и си уживале, одвоени од надворешниот свет. Епикурејската филозофија и начин на живот продолжува да егзистира и по смртта на Епикур, до римско време, а има приврзаници и многу подоцна, односно со појавата на модерната филозофија.
Според Епикур, целта на филозофијата е човекот да го направи среќен. Тој препорачува да се живее согласно со природата, и во суштина е хедонист, сметајќи дека задоволствата ја чинат среќата. Тоа го поткрепува со однесувањето на тукушто родените деца кои знаат што е задоволство, што значи дека тое е инстинктивно, длабоко вкоренето тежнение на нашата природа. Но, тој предупредува дека постојат природни и неприродни желби (задоволства) кои сакаме да ги оствариме. Разликата е во тоа што природните желби имаат граница. На пример, кога сме жедни, имаме желба да пиеме. Но, не може да пиеме до бескрај, туку тоа има граница. Природни, но не и нужни желби се кога сакаме да пиеме различни пијалоци, а не само вода. А, ненужни, односно неприродни желби се желбите за слава, моќ, богатство, престиж и сл. Тие ги прават луѓето алчни и обземени со своите лажни фантазми, па затоа тие никогаш не се задоволни од она што се и секогаш сакаат да бидат нешто повеќе.
Главниот мотив на епикурејската филозофија е ослободување на човекот од ограничувањата што ги наметнува лажното мнение. Тука спаѓаат нашите страсти и нагони на кои им робуваме, како и предрасудите во однос на смртта, боговите и судбината. Филозофијата треба да биде лек за душата. Со сопствените страсти и нагони треба да се справиме со умереност, и со посакување само на нужните желби и со справедливост кон другите. Размислувањето за смртта е посебно интересно. Епикур вели:
„Смртта, тоа најстрашно зло од сите, нема ништо со нас: додека не има нас, ја нема смртта, а кога смртта ќе дојде, не нема нас.“
Цицерон (Кикерон) го дава ликот на вистинскиот епикуреец и вели: „Тој секогаш наоѓа начин во секој миг и ситуација да открие задоволство во живеењето. Секогаш е ведар и расположен, дури и кога има болки, и не чека подобри времиња во иднината, туку се радува што може да го живее дадениот миг, а од минатото ги памети и чува како скапоценост убавите моменти што ги доживеал.“
Кај епикуреецот основни начела се: отсуството на стравот од Боговите и смртта, неверувањето во судбината, душевното спокојство, самодоволноста и повлечениот живот.

2 comments:

  1. Нено Богдан:

    Епикур темелно не ја разбирал човековата природа.

    А тоа е дека човек не станува зрел (т.е. целосна, заокружена личност)од моментот кога станува способен да се грижи за себе, туку од моментот кога станува способен да се грижи за некој друг.

    Поконкретно, од моментот кога ќе стане родител.

    Од тука, смртта има многу заедничко со нас.

    Ако ние живееме, а нашите деца умираат, тоа е ужасна душевна болка.

    Ако пак ние умреме, а нашите деца поради нашите „гревови“ (сме ги оставиле во беда и долгови) страдаат, тогаш и тоа сознание боли додека е човек уште жив.

    Онаа приказна сигурно ја знаеш: кога донеле пред царот син и татко и кога на таткото му удриле сто стапа тој не пуштил ни глас,ама кога на детето му го удриле првиот од трите досудени стапови, таткото веднаш почнал да плаче.

    Прашан зошто, тој одговорил дека кога ми удривте сто стапа по грбот не ме болеше, но сега ме удирате по душава.

    Епикур е во иста насока како Ниче мислител. Философ што не ја разбира човековата природа.

    ReplyDelete
  2. Мојот коментар во врска со потомството беше многу феминистички (Филозофијата - некомплетно искуство)бидејќи до сега не сретнав некој од филозофите да се занимава со тоа. Сите (за кои пишував до сега) се занимаваат само со себе и својата душа, својата среќа, својот мир... Ама епикурејциве ми се симпатични зашто не ги интересира политика и си живеат во свој свет (ах, кога би можеле и ние така).

    ReplyDelete