7.3.10

Стоикот Сенека

„Каков напредок постигнав? Си станав пријател самиот на себеси. Тоа е навистина напредок. Таквите луѓе никогаш не се сами и им се пријатели на сите.“


Сенека потекнувал од богато семејство од Кордуба (Кордоба, Шпанија) што му овозможило да се здобие со најдобро образование (беседништво и филозофија) со цел да се искачи на највисоките државни позиции во Рим.
Уште како млад со воодушевување го прифатил стоичкото учење како и некои делови од питагорејството (селење на душата и вегетеријанството). Но, татко му не сакал тој да биде филозоф, па затоа му го прекинал школувањето и го испратил во Египет кај нивни роднина, префект. Тука се запознава со древната култура на Египет за која напишал и книга која денес е загубена.
По враќањето од Египет се зафатил со државни служби и беседништво. Во времето на Калигула истапил во Сенатот со една беседа (чија содржина ни е непозната) за која ќе заработел смртна казна. Но, тогаш се разболел од туберкулоза па смртната казна не му е досудена со верба дека и онака ќе умре. Тогаш, бил вплеткан во некои дворски сплетки и испратен на прогонство на Корзика. Обвинението било дека имал вонбрачна врска со сестрата на Калигула (што не е потврдено, но фрла поинакво светло на Сенека). За време на седумгодишното прогонство се задлабочил во филозофијата, а во Рим го вратила Агрипина, мајката на Нерон. Бил поставен за тутор на малолетниот иден император, бил воспитувач и советник, и се здобил со неограничено богатство и моќ. Станал најбогатиот Римјанин. Но, кога Нерон ќе се осамостои, богатството и моќта на Сенека ќе почнат да му пречат. Сфаќајќи ја опасноста, Сенека се повлекол на имот во Кампанија, но Нерон искористил некоја завера и го обвинил Сенека за учесник. Откако ја добил пораката од императорот, Сенека достоинствено ја прифатил, си ги пресекол вените, завршувајќи го животот во стоички дух како гостин кој е веќе заситен од гозбата.

Мисли од Сенека:

*Додека живееш, учи како да живееш.

*Учам да учам.

*И додека подучуваат (предаваат) луѓето учат.

*Тешкотиите го засилуваат мозокот, како работата телото.

*Подобро е, секако, да знаеш бескорисни работи, отколку да не знаеш ништо.

*Многуте животни неволји го учат човекот да молчи.

*Најмоќен е тој што се има себеси под сопствена моќ.

*Што мислиш за себе е многу поважно од она што мислат другите за тебе.

*Прости им на другарите, но немој себеси.

*Човекот е несреќен ако се убеди себеси во тоа.

*Како некој може да владее со другите, ако не може да владее со себе?

*Владата треба да служи, а не да господари.

*Секое патување има крај.

*Ниту една голема неправда не трае долго.

*Кога и да се измешав меѓу луѓето, секогаш потоа ќе почувствував дека сум изгубил по нешто од својата личност.

*Дружи се со оној кој те прави подобар.

*Упорната добрина го победува и најтврдото срце.

*Никој не треба да се гордее со нешто што не е негово.

*Ако живееш во согласност со природата, никогаш нема да бидеш сиромав, ако живееш според мислењето на луѓето, никогаш нема да бидеш богат.

*Сиромашен не е тој што има малку, туку тој што сака повеќе.

*Туѓите гревови се пред нашите очи, а нашите ни се зад грб.

*Додека ги одложуваме работите, животот поминува.

*Веднаш започни да живееш, и број го секој ден посебно, како посебен живот.

*Животот не е ни добар ни зол, тој е само место каде што доброто и злото постојат.

*Суровоста се раѓа од немоќта (слабоста).

*Ниту еден човек не станал мудар случајно.

*Пијанството е доброволно лудило.

No comments:

Post a Comment