5.3.10

Која филозофија ми е најблиска?

Иако растев и се развивав во времето на социјализмот, сепак, основните принципи и доктрина на христијанството ми биле всадувани уште како дете. Се разбира, познати ми беа сите христијански обичаи кои ги прославувавме во помала или поголема мера, животната приказна на Исус Христос, некои приказни од Стариот завет (Постанокот), итн. Но, не можам да заборавам кога во средно училиште за првпат се сретнав со источната „религија“, која секако е повеќе филозофија, и со какво воодушевување почнав да ја проучувам и да се интересирам за неа. Не можев да верувам дека таква убавина ние само површно ја спомнуваме, и дека таа не е дел од нашиот живот. На ова се потсетив сега, зашто ќерка ми за првпат се сретнува со источната филозофија (во средно училиште) и го гледам кај неа истото воодушевување.
Се прашувам дали е тоа случајно, дали зашто е воспитувана „на мој начин“ или можеби постојат подлабоки (да не речам некакви исконски) корени за тоа.
Мислам дека не е до воспитувањето, зашто пред некоја година кога со учениците (различно воспитувани) разговаравме на оваа тема - реагираа со истотото воодушевување.
Затоа, ќе си ги кажам моите „антиквизаторски“ размислувања во врска со ова.
Во основа, во светот постојат две верувања, две филозофии на сфаќања за животот, за постанокот на светот, за постоење „виши“ суштества (богови) итн.
Едното сфаќање е на ариевците (индоевропјаните) кои верувале во многу божества (политеизам). Имињата на боговите кај сите индоевропски народи потекнуваат од истиот корен, впрочем како и јазиците - затоа се индоевропско семејство. Освен многубоштвото, главни карактеристики на оваа древна филозофија се: сфаќањето за цикличното повторување на историјата, вечната борба меѓу доброто и злото, увидот - како највисок степен на сознание и приближување кон бога (видот како сетило е на највисок ранг), верување во бесмртноста на душата, поточно на нејзината реинкарнација, итн.
Второто сфаќање е семитското. Тие верувале (и веруваат) во еден бог (монотеизам), историјата ја сфаќаат праволиниски - со почеток и крај (апокалипса), за спас на душата сметаат дека е потребно покајување и исчистување, тие ги слушаат божјите заповеди (па затоа слухот е најважното сетило), итн.
Сите три западни религии (христијанство, јудаизам и ислам) се со семитско потекло.
Не знам за другите, ама мене источните (всушност ариевските) религии ми се поинтересни, попримамливи и поприфатливи. Можеби звучи смешно да барам некаков внатрешен и дамнешен корен на оваа моја симпатија кон нив. Но зошто тогаш, ми се случи мене, и и се случи на ќерка ми, кога ќе се запознаеме со нив да се почувствуваме како да сме доживеале „откровение“ или „увид“ во нешто што било скриено од нас, а сме го носеле во нас?
Како и од каде семитските религии доаѓаат кај нас и кои се главните пропагатори?
Тоа се нашите соседи, јужни и западни.
Сметам дека и едните и другите имаат семитско, а не индоевропско потекло. Зарем не е чудно што и едните и другите божем говорат јазик од индоевропско потекло, а и едните и другите се сосема сами во својата „група“ јазици. Ниту грчкиот, ниту албанскиот немаат сродни јазици, не спаѓаат во ниту една група. Сите останати се големи расчленети семејства. Особено не можам да сфатам како „научниците“ се справуваат со тоа што „најстариот“ европски јазик - грчкиот, нема свое семејство! Како од него не се развил НИТУ ЕДЕН друг јазик???
Освен осаменоста на овие јазици во огромното индоевропско семејство, дека и едните и другите се сосема друг народ од останатите европски, доказ е и религијата која ја носат и наметнуваат - семитската, еднобожечката.
А, за малку да не подизлажат и натераат да ја прифатиме таа религија (која за нас е туѓа) морало да се направат бројни отстапки. На пример, визуелното претставување на Бог во овие религии е забрането, но во нашите цркви и тоа како има цртежи (икони и фрески) на Бог и Исус; понатаму, во нашите христијански обичаи и тоа како влегле многу „пагански“ огнови, маскирања, песни и разни други обреди.
Се разбира, сега враќање нема. Срамота е да кажам дека Ѕеус, Атена, Аполон, Афродита, Хермес, Силен, итн. ми се многу посимпатични „од нешто друго“. И не само срамота (среќа што не е Среден век), туку ќе ме направат безбожник, богохулник, и не дај Боже, ќе ме линчуваат на плоштад пред да ја стават статуата на Аце наш (ама, посимпатични ми се, па тоа ти е...).

No comments:

Post a Comment