Мразам недела...
Мразам недела зашто само за еден ден не можам сè да направам, а морам...
Морам да му посветам внимание на семејството, да направам неделен ручек, да средам по ручекот, да исперам, да испеглам, да средам низ дома, да се подготвам за на работа и се разбира - да најдам време за она што јас го сакам. Всушност тука е проблемот - во недела многу малку (или воопшто) немам време за мене.
Е, ова мене, во последно време почна малку да ме загрижува. Не од мој аспект, зашто мене ми е супер, туку од аспект на надворешниот свет, на светот надвор од мојата „чаура“.
Тоа „мене“ и порано беше присутно, но поради потребите на „другите“ времето му беше кратко. Постепено, времето на „другите“ почнав да го скратувам, а времето на „мене“ да го зголемувам. И што ми се случува? - јас почнувам да си живеам само со „мене“. Во мојот свет постојат илјадници теми кои сакам да ги прочитам и проанализирам, илјадници мислења и едеи кои сакам да ги чујам (поточно прочитам по блогови), илјадници нови нешта за кои порано сум немала време. А и сега времето постојано ми е „кратко“. Затоа спијам по 4-5 саати најмногу за да можам да стигнам да го поминам она што морам - животот во „надворешниот свет“(на работа) и што побрзо да си влезам онаму каде што сакам - во „мојот свет“.
И, добро, што всушност не чини тука?
Можеби не чини што во „надворешниот свет“ јас престанав да живеам. Таму сум само робот кој ги извршува задачите без да размислува и ги сослушува луѓето без да ги слуша. Немам желба да разговарам со никого. Сè ми е досадно. Досадно ми е да слушам за нечии туѓи бракови, деца, рецепти за ручек, расправии, и триста секојдневни глупости. Досадно ми е да бидам фина со тие што морам и да слушам една иста реченица по стопати свртена на разни начини (а понекогаш и несвртена, туку идентична). Досадно ми е да разговарам зашто околу мене нема никој што го интересира она што ме интересира мене. Никој во моето опкружување не чита по 200 страници на ден, никој не пишува ништо, никој не се интересира за филозофија, историја, литература, филм или што и да е за што би можеле да разговараме, а мене да ми биде интересно (или барем да не ми биде досадно). Нема. И, затоа, што би рекол еден мој пријател, целиот овој свет го ставам на „мјут“. А, за тоа време низ мозокот ми се вртат илјадници мисли и се чувствувам вака како што го опишала една блогерка, а понекогаш и вака.
И, ете што ми се случи барајќи конкретен пост од првата - седам тука сама во моето катче и 4 саати ја читам. Влегов во нејзината душа, влегов во нејзиниот свет. Поцрн е од мојот, си се тешам. Таа се обидела да најде блог - пријатели, а јас ни тоа не се трудам. Затоа бегам во „странски“ блог платформи. Македонската е премногу јавна - секој ќе те најде, секој ќе те чита, ќе те става на насловна, ќе те коментира и ќе ти наоѓа маана. Јас не ги сакам сите тие „пријатели“, сакам само еден со кој ќе можам да си ги споделувам моите мисли ... или никој ... па ќе остане само да си пишувам, колку да ми помине маката...
No comments:
Post a Comment