10.1.10

Македонија во српската историја (трет дел)

Неколку востанија во текот на 19. век, но и поддршката од Големите сили доведуваат до создавање на Кралството Србија.

1804г. е Првото српско востание, на чело со Караѓорѓе, но по Второто српско востание 1815 г. на селанскиот водач Милош Обреновиќ, Србија станува вазалско кнежество. Тој својата титула „ја купил“ така што главата на Караѓорѓе му ја подарил на Султанот.
Веќе по 6. руско-турска војна, 1828г. со мировниот договор во Адрианопол, Србија се здобива со целосна автономија, но врховната власт останува во рацете на Турците.
„Кнезот Милош, како и Караѓорѓе, тежнеел кон обединување на сите Срби, секогаш помислувајќи на Херцеговина, Босна и Стара Србија (Косово, Метохија, Стара Рашка, северна и западна Македонија)“.
Тогаш се случува националната преродба која ја предводи Вук Стефановиќ Караџиќ, реформирајќи го српскиот јазик и азбука, пишувајќи речник на српскиот јазик, собирајќи и објавувајќи ги сите народни песни, ја превел Библијата, и ги „преиздал сите стари списи“.

Во занесот на српскиот романтизам, ретко тие преводи се веродостојни, односно од сите го брише зборот „Македонија“, веројатно прилагодувајќи се на моменталните состојби (заменувајќи го со Грција, или Румелија). Ова веќе го спомнав со Душановиот законик.
Но, сепак, и тој има пропусти... па вели... “су се Маћедонија српске звале све земље народа нашега (Владимир Ћоровић: Историја српског народа, налов „Обнова пећке патријаршије“, Прва књига, Издавачи "Глас српски", Бања Лука и "Ars Libri", Београд, 1997 г.)

- но сега веќе не. Од него па натаму, ништо не смее да се вика Македонија!

Па, така, во средината на 19. век започнува борбата за поделбата на „териториите“ во минатото наречени Македонија, а сега безимени.

Првиот Балкански сојуз е склучен 1866-1868г., но разговорите започнале уште во 1860г. Во 1861г. во Цариград започнале српско-грчките преговори во кои се разговарало за создавањето на Бугарија, дипломатските акции и за идното територијално разграничување. Во 1868 г. е склучена српско-грчка Конвенција, во која, во случај на заеднички воени акции, на Грција би и припаднале Епир и Тесалија, а на Србија Босна и Херцеговина (и тогаш сè уште биле релативно скромни!).

(Интересно е што ова време во учебник за средно образование од 1871г. Македонците се нарекуваат „најстар народ на Балканот“, за набрзо потоа да ги снема од сите нивни учебници и тогашни и сегашни.)





1878г. се случува Берлинскиот конгрес кој бил реакција и поништување на одлуките на Санстефанскиот мировен договор и создавањето на Голема Бугарија. На овој Конгрес Србија добила повеќе отколку што очекувала - независност и нови територии кон југ.

За да си ја зацврсти својата положба, Милан, 1882 г. Србија ја прогласил за Кралство. За ова, 1881 г. склучил тајна конвенција со Австро-Унгарија, со која се обврзал дека ќе се откаже од секаква агитација во Босна и Херцеговина, а добил ветување за територијално ширење кон југ.

„1885г. почнала Српско-бугарската војна. Кралот Милан и неговата влада сметале дека тоа што кон Бугарското Кнежество е приклучена и Источна Румелија се нарушила рамнотежата на Балканот. И наместо да маршира кон Стара Србија, Милан, и покрај расположението на народот, и објавил војна на Бугарија. Српската војска доживеала тежок пораз во битката кај Сливница и спасена е со интервенција на Виенската дипломатија.“(од „Нова историја на српскиот народ“).

По оваа изгубена војна Србија се свртела кон поинаков пристап за освојување. Во 1887г. бил донесен специјален реферат за српските цркви и училишта надвор од Србија, а со истата цел 1889г. се формирал и посебен оддел во Министерството за надворешни работи. Па така, во Македонија се отварале српски училишта, им се давале стипендии на македонските ученици за школување во Србија (и во српски дух - од кое, на пр. К.П.Мисирков брзо побегнал, прво во Бугарија, па во Русија).

Ваква дозвола од Високата порта Србија добила дури во 1893г.

Всушност, во еден документ од тоа време, кој го презентира Ханс Лотар Штепан во „Македонскиот јазол“, многу јасно се гледа што се сличило:

„Пред австриската окупација на Босна, никој во Србија не помислил не искажување претензии кон Македонија... Се дури Србија ги бараше своите брегови на Јадранското Море, немаше тврдења дека во Солун има српско население... Дури откако на Србите, со насилен акт на Берлинскиот конгрес, им беше одземено природното право, поради историјата и јазичните граници, дасе прошират кон Јадранското Море, со вештачка агитација погледот на српската политика се сврте кон Македонија“

Во српската (и бугарската) нова историја се негираат било какви востанија на македонскиот народ во овој период. Според нив, тоа биле чисто српски (или бугарски) востанија.

Но, постојат документи и печат на кој убаво се гледа кој и за што се борел во Кресненското востание (1878), а тука го има и целиот Правилник преведен на англиски, за да биде појасно!

Според нашите соседи, народот не бил национално освестен, односно тогаш во Македонија немало Македонци!!!
А, тогаш со кого си играле мајтап Лозарите?
Во каков занес паѓал Ѓорѓија Пулески, а по него и Крсте Петков Мисирков?
И зошто тогаш му го промениле презимето на прадедо ми, а на дедо ми нешто подоцна повторно. Зашто сакале?

Покрај вардарскиот дел од „Стара Србија“, еве уште нешто за најголемата српска болка (последниот печат на Косово):

„После Српско-турската војна (1877-1878) расселувањето од широки размери настанало од две причини. Арнаутите, жителите на Косово, почнале, заради војната, ужасно да им се одмаздуваат на Србите кои им биле раја. Одејќи и враќајќи се од војната, им ги палеле куќите, им ја одземале стоката и ги обесчестувале децата, па Србите си ја спасувале главата бегајќи во Србија, преку граница, која сега повеќе им се приближила и им овозможила полесно бегство. Од друга страна, од новите граници на Србија протераните Арнаути од Србија почнале масовно да се задржуваат во Косово, како место кое е најблиску до нивните имоти од напуштената Србија.Овие нови исселеници, познати под името „мухаџери“, го преплавија Косово потиснувајќи ги со сила Србите за да си направат место за себе... Значи, на тој начин, Арнаутите исторвремено од две страни ги преплавиле српските села: едни кои се повеќе се спуштале кон Ситница, а другите од српската граница. Денес, на прсти може да се избројат селата во кои нема Арнаути, а безбројни се селата во кои нема Срби, а ги имаше до неодамна. (Б. Нушиќ, „Косово - опис на земјите и народите“)


No comments:

Post a Comment