1.1.10

Па, среќна Нова година...

Утрото по „прекрасната“ прослава на Нова година сам дома со жена си, со едно пиле печено и џамбо скопско, излага Живко да си купи цигари. Патем ја пали последната, гледа лево-десно, никој нема, нема ни со кого да си честита. Наеднаш го здомрзува да оди пешки и решава да се качи во фиќото. Не пали светла и не врзува појас бидејќи трафикана му е зад аголот. Го поткачува таму фиќкото на тротоарче, до контејнерите, ја џитка цигарата и слатко си плукнува. Додека со продавачот си разменуваат поздрави и честитки застанува полициска кола. Силната сирена го збунува, не му е јасно што се случува кога веќе до него застанале двајцата полицајци.
- Живко Апостоловски?
- Да, тој сум, - одговара збунето.
- Имаме снимка од твоето движење.
Живко ги гледа во чудо. Кое движење, се мисли, од дома не сум мрднал. Жими на работа што одам кога ќе ме викне шефот, а и тоа ретко се случува во последно време.
- Дај ми лична карта!
- Еве.
- А, не, не, оваа не ти чини, немаш нова?
- Па, не..., оваа уште ми важи.
- Не, мора да ја смениш! Имаш закажано?
- Не...
- Студираш ли ти Живко? - прашува едниот полицаец.
- А, не, не. Работам, нема кој да го издржува семејството.
- Фиќоно, кога последен пат го имаш измиено?- прашува цинично полицаецот.
- Пред една недела.
- Хм, хм, валкано е, да си го измиеш. А, Живко, трето дете имаш ли?
- Не, тазе сум во брак, една година.
- А жена ти да не абортирала?
- Ннне знам.
- Несигурен одговор, значи можно е.
- Неее....
- А, ТИ СИ МАКЕДОНИЈА?
Живко оџагорен гледа, слуша и ништо не разбира. (Оваа година му се расипа телевизорот.)
- Ништо шефе, - вели едниот полицаец, - нема попуст за Живко, на ниедно прашање не одговори точно. - Живко, честиткава за Нова година ќе ти стигне со извршител од трансакциона сметка. Среќна ти Нова, жив и здрав да бидеш, а со такви како тебе не можеме во Европа!
Збунет и огорчен од сметката поголема од неговата плата, почнува да пцуе во себе. Но, не може да издржи и почнува гласно:
- Да ти ја мочам европска Македонија!
- Мочај, мочај, па ни од следната плата нема да видиш ништо!
Си наведна глава Живко, реши да си поќути, си влезе во фиќото, ги запали светлата, го заврза појасот, не си ни купи цигари зашто реши веќе да не пуши, си ја подголтна плунката и сфати дека е бескрајно среќен што ќе може да летне во Европа.

9 comments:

  1. Дали работава е за со казните???

    ReplyDelete
  2. И се ако собереш..казна....1500евра.

    ReplyDelete
  3. dali rabotata e za so kaznite? ako se soberes azna..,.3000 evra!!!

    ReplyDelete
  4. убаво би било некој да ги праша луѓето дали имаат пари за да ги платат тие високи казни и да се загрижи за нивната иднина. павле

    ReplyDelete
  5. Ако пушиш цигари во кафана казната е од 150-300евра. НО, за кого 150 за кого 300? тој што пуши качак повеќе загадува и ќе плати 300? а тој што пуши малборо не загадува и ќе плати 150? ја така сфаќам, а ако грешам простете. павле

    ReplyDelete
  6. Со закониве го нема веќе вистинскиот Македонец. Оној што јас си го сакам - Балканецот. Што ќе биде следно? Да ја прашам Владата кога е предвидено да се оди во ВЦ? (да не случајно им го утнам тајмингот)

    ReplyDelete
  7. Ух, заборавив Живко да го натоварам со ќесиња ѓубре, зашто кај нас во Ѓорче смееме да го фрламе само од 7-9 наутро.

    ReplyDelete
  8. Не само во општина ЃП туку во сите општини на град Скопје. А најинтересно е тоа што (демек) имало камери на кантите. На семафирите има да, сигурно, ама на кантите.... кажги со опашки...

    ReplyDelete