8.4.10

Џелем, џелем...

Денес е Ден на Ромите, а тоа некако ме потсетува на ден за борба против стереотипите.
Во Македонија можеби најмногу стереотипи се поврзани со Ромите, а тие најверојатно се погодени поради многубројноста на негативните, па затоа јас си го поврзувам едното со другото. Еве кои се негативните стереотипи за нив:  валкани се, лажат, крадат, необразовани се (глупи), питачи, мрзливи, живеат во мизерни услови, имаат многу деца, живеат кратко, итн. (и веројатно има уште некој). Од позитивните стереотипи ќе ги издвојам: музикалноста, веселоста, добрината, приврзаноста, слободољубивоста и сл.
Дали се лага или има и вистина во стереотипите?
За да не критикувам други, ќе си кажам за Македонците. Кој е стереотипот за Македонците? Тоа е секако, мојот омилен: „Македонче“ - што подразбира попустливост, покорност, чувство на инфериорност, на нешто малечко и безначајно; а како позитивно: добри домаќини и пријатели. И, вистина ли е? Вистина е! Тоа што нам не ни се допаѓа вистината е друг проблем. Тоа што има поединци кои не се такви, не значи дека поголемиот дел од народот не може да се сведе на стереотип.
Од ова произлегува дека стереотипот за Ромите е исто така вистина. Иако мора да напоменам дека вистината е релативна работа.
Во суштина, каде го гледам проблемот? Против што треба да се бориме? Против стереотипите или против она што сме?
Ако Македонците престанат да бидат попустливи (ако престанат да менуваат знамиња, имиња и сл. под туѓ притисок), ако престанат да бидат покорни (да послушуваат сè што ќе им кажат „големите“ странци), ако престанат да се чувствуваат инфериорно (како на пример, да се чувствуваат Срби зашто прабабата на мајката била од Врање - од срам што се Македонци, или пак да мислат дека секој што ќе дојде од страна е попаметен од него), ако престанат да се чувствуваат безначајни (зашто се малубројна „новосоздадена нација без корен)“ - тогаш ќе престане да постои и таквиот стереотип!
Се разбира дека стереотип секогаш ќе постои, но тој треба да се промени од еден во друг вид. Зашто само негативните стереотипи навредуваат, а со позитивните се гордееме и ги прифаќаме како чиста вистина!
Стереотипот тешко се менува. Едно вкоренето мислење за некого тешко се искоренува. Но, секој народ треба да работи на своето издигање и да се бори против недостатоците и негативностите.
Текстов сакав да го започнам вака: „Од кал да си Македонец да си“ - ама тоа требаше да се однесува на македонските Роми, па оваа изрека ми се виде непогодна, односно можеби некој ќе ја сфатеше како навредувачка (не дај Боже ќе ја поврзеше калта со темната боја на кожа и извалканоста, па се свртев на стереотипите). А всушност, утринава, бев воодушевена кога слушнав дека за химна на Ромите е избрана „Џелем, џелем...“ од Есма Реџепова и се почувствував горда. Горда што ромската химна потекнува од Македонија, горда на македонските Роми кои целосно ги поддржувам во нивната борба со сопствените стереотипи.

No comments:

Post a Comment