4.4.10

Какви се и што прават нејзините деца...

Многупати до сега сум го опишала чувството на најдлабока осаменост токму кога сум во друштво. (Мразам недела, Сами, и сл.)   Затоа и сега во Маврово се чувствував така и затоа го посакував интернетот. Да бев сама со фамилијата и без друштво немаше да има проблем, ама вака, за мене е проблем. Она што ми пречи во дружењето е непронаоѓањето на себеси! Спречувањето да го правам она што сакам да го правам, односно примораноста да го правам она што сите го прават во друштво - глупи муабети и заебанции. Епа, досадно ми е тоа, што да правам?
На пример, јас си замислувам во Маврово да си се прошетам нагоре-надолу по планината, да си фотографирам, да си седнам во двор на сонце и да си читам нешто што ме интересира. Ама, од ова, кога одиме со друштво, ништо не добивам. Само што стигнавме, не испивме ни едно кафе, се собравме 6 души. Па иди Бибе - шетај или читај. Нема шанси! Седевме со саати, мажите со своите муабети - жените со свои. Поточно, јас морав да слушам нешто што веќе барем трипати сум го слушнала и што многу подобро го знам од самата раскажувачка - какви се и што прават нејзините деца. Дрн, дрн, дрн, дрн.... и не сопира, и не дозволува некој друг нешто да каже... Потоа (фала му на Господ) муабетот прејде на школскиот систем во Австралија, тема која барем малку повеќе ме интересира и на која едвај се задржавме, зашто првата сакаше нејзините деца да ги вклопи во тој систем, па пак да се вратиме на нејзиното... какви се и што прават нејзините деца. Додека изминуваше времето, и половина слушав, а половина - не, до мене стоеја четирите книги што си ги земав за читкање и за кои сфаќав дека нема да ми дозволат да ги отворам. И, така, пројде денот и дел од ноќта. Преморена од долгото напрегање на „дружењето“ брзо заспав.
Утредента станав порано (што вообичаено не го правам) со надеж дека ќе можам малку да се оптегнам на сонцето, да си читам и да уживам. Ама, ме цивна. Сите станале, пијат кафе и се дружат. Ги викнале комшиите на дружење, се собрале 10 души, и дрн, дрн, дрн, дрн... какви се и што прават нејзините деца...
Подразочарана, го замолив маж ми да одиме до Бистра, да шетнеме бар повина час, ама не - не можело, сме дошле да се дружиме, па нема смисла да се двоиме. Ах, си проколнав сè што станав толку рано. Барем ќе си отспиев ко човек и не ќе морав тука да ги слушам како едните на другите им продаваат „пувки“ и се прават она што не се.
Заврши утринското кафе, и тргнавме накај договорената дружба со куп стари пријатели. За ова бев психички подготвена, ама не бев многу расположена поради претходните напрегања. Се собравме, салати, мезе, пиење, зборување, зезање. Ама на жените им застуде и влеговме внатре. Каква грешка! Требаше да се смрзнувам надвор, барем ќе ми беше поинтересно. Тука, повторно во свој амбиент, меѓу жени, таа си почна со истата изверглана приказна, какви се и што прават  нејзините деца..., другите се уфрлија со своите деца, па дојдоа рецептите на дневен ред, и леле мори мајко... Дооооооосадно!
Ќе си речете, па добро, зошто ти не наметнеш некоја тема, па да зборувате за тоа што те интересира и да не ти биде досадно. Мислите дека е возможно? Да зборуваме за Јустинијан, Александар, за Македонија и патриотизмот, за античките филозофи, за Илијадата, за богатствата на Македонија и нејзината необична убавина, за археолошките локалитети, за црквите и манастирите, за ... Епа, да ви кажам, еднаш се обидов, беа кај нас на гости, и многу брзо си отидоа. (Ова треба да го чувам како тактика за бркање гости). Значи, тоа ним им е досадно, а бидејќи јас сум фина и не сакам да ги малтретирам другите со моите преокупации, си молчам и си трпам и сè помалку сакам така да се дружам.
Затоа ми фали интернетот, ми фали мојот свет каде никој не ме напиња, каде си бирам со кого ќе се дружам, каде си пишувам тоа што ми е кеиф - па кој прочита - ок, негов избор, кој не, баш ми е гајле.
П.С. Моите најблиски (стари) пријатели не го читаат мојот блог, ниту моите најблиски роднини, брат ми, братучедите, ниту маж ми.

5 comments:

  1. Има лек и за тоа, да си правиш по свое, да кажеш не, а најдобро да бираш со кого се дружиш во природа. Јас комбинирам и други нешта па ми е убаво , со мали отстапки . Ајде денес се враќаш во својот свет, Поздрав

    ReplyDelete
  2. Ако сакаш да бидеш навистина сам, најди си друштво.

    Ако сакаш да бидеш навистина сиромашен, збогати се.

    Ако сакаш да не те слушаат навистина, викај на сиот глас.

    Ако сакаш никој да не ти верува, кажувај ја вистината.

    П.С: Ова горе се вика „оксиморонска метафизика“ а не знам дали забележуваш, и твојот текст е како оксиморон. Во него зборуваш дека не ти се интересни муабети за децата, пријателите, фамилијата - а завршува текстот со реченица во која зборуваш за - децата, пријателите, фамилијата...

    ReplyDelete
  3. Да, како среќна околност што нема да ги прочитаат моите озборувања.

    ReplyDelete
  4. Читаме,читаме.И да ти кажам право, си уживаме.Јас.

    ReplyDelete
  5. Јас си чита и си знае, ми го разубавува денот и никако не спаѓа во „старите“ пријатели иако има добар стаж. Гушки и бацки љубави...

    ReplyDelete