Големиот писател Прокопиј Кесариски напишал купишта книги (денес истории) за уште поголемиот император Јустинијан.
Во почетокот на царувањето на Јустинијан, Прокопиј му бил секретар и правен советник на војсководачот Велизир, кој му бил надреден, но и покровител. Со години, тие двајцата заедно ги преживувале војните против Персијците, походот во Африка, војните против Готите во Италија и втората војна со персискиот шах Хозрој (кога се нарушува „вечниот мир“ со Византиската Империја). Во тие години Прокопиј му бил приврзан на талентираниот војсководец Велизар и со него ги преживеал стравувањата од љубоморниот Јустинијан (кому завидливите дворјани му ја поткопувале довербата). И, кога Јустинијан повеќе нема да биде наклонет кон Велизар, Прокопиј решава сам да си го пробива патот кон врвот. Така станува писател и ги опишува сите воени походи каде го велича големиот император. Тоа се 8 книги „Историја на војните“, каде во првите 2 е опишана персиската војна, во третата и четвртата војната во Африка против Вандалите, 5.,6. и 7. за готската војна и во 8. која е додадена малку подоцна „За градбите“ се слави Јустинијан како голем градител.
Овој Прокопиј не ми е многу симпатичен лик. Својот покровител (и пријател) го напуштил кога било „густо“ и се свртел кон моќта (императорот) за кого почнал да пишува ласкави романчиња. Лицемерно типче. И најверојатно, зашто сепак не можел да го издржи притисокот на постојано лажење и величање на императорот, ја напишал „Тајната историја“ - книга во којашто Јустинијан и Теодора се опишани како ѕверови, најдолни луѓе, со најлоши особини - бескрупулозни, бесрамни, сурови, убијци, со еден збор - грозоморни!
Теодора
За разлика од другите истории на Прокопиј, каде Теодора е жена од народот и опишана како цврста и решителна, жена која стои веднаш до својот маж и му помага во најтешките моменти, во „Тајната историја“ ја гледаме нејзината опачина (а богами и изопаченост). Еве со каква одбивност тој ја опишува младоста на Теодора:
„...Уште извесно време била незрела да биде со маж и не можела да се однесува како жена; но таа не се воздржувала од тие работи и се оддавала на срамен полов акт на машки начин, со пропаднати момчиња, а тоа го правела дури и со робови кои ги придружувале своите господари во театарот, користејќи го згодниот случај, покрај другото, да ја завршат и таа срамна работа. Теодора поминала долго време во јавната куќа, оддавајќи си го телото на такви неприродни занимања. Веднаш штом пораснала и стигнала до зрелост, отишла меѓу актерките и станала обична хетера, од оние кои старите ги нарекуваат уличарки. Бидејќи не знаела да свири на флејта ниту на харфа, ниту пак била обучена за танчерка, таа требало постојано да си го продава телото и своите убавини на првиот којшто ќе го сретне. Потоа учествувала во мимички претстави, дури станала и актерка во театарот, секогаш играјќи со шутовите во непристојни сцени. Била особено остроумна и префинета и веднаш предизвикувала општо внимание. Таа не знаела за срам и никој никогаш не ја видел засрамена, без двоумење вршела најсрамни услуги. Дури и кога ја тепале и ја опсипувале со навреди и со шлаканици, таа весело се шегувала и громко се смеела. Се разголувала однапред и на случајно присутните им го покажувала отворено она што треба да биде скриено и невидливо за мажите.
Теодора се подбивала со своите љубовници, правејќи се наивна. Била недостижна за изнаоѓањето нови начини за љубовни односи и со тоа успевала трајно да ги освои душите на развратниците. Никогаш не оставала таа да биде освоена, напротив, со примамлива насмевка и со ласкање, со заводливо одење, ги намамувала своите жртви, особено голобрадите. Ниту една друга жена не била толку моќна во сладострастието. Често одела на организираните пирови со десет и повеќе момчиња, на врвот од машката сила и искусни во рзвратот, и ноќта ја минувала со сите нив. А кога тие се изморувале од таа работа, таа одела кај нивните робови, понекогаш триесетина на број, и имала односи со секој од нив, без да се засити од таа срамна работа.
Еднаш Теодора отишла во домот на еден виден човек, и како што раскажуваат, скокнала на работ од масата, пред погледот на сите присутни на пирот, ги кренала безобразно алиштата од нозете нагоре и не се засрамила отворено да ја покаже својата бесрамност. Таа го вршела својот занает со своите три дупки, но пак била незадоволна и ја укорувала природата што не ги проширила доволно и оние на нејзините гради, за да може да измисли и за нив некој нов вид однос. Многупати забременувала, но речиси веднаш успевала да пометне, со вештачки средства...“
И? Грозно? Да, нели?
Никој од нас не може да си замисли дека една идна императорка (поточно сопруга на император) е возможно да била ваква.
Но, според мене, сите особини кои се претходно опишани се добри предиспозиции за владетел. Ќе издвојам некои од нив:
1. Недоволна образованост и снаодливост
Владетелите се свесни дека им недостасува образование, но тие се снаодливи и на други начини да ја надополнат таа празнина.
(...Бидејќи не знаела да свири на флејта ниту на харфа, ниту пак била обучена за танчерка, таа требало постојано да си го продава телото...)
2. Подготвеност за сценски настап и бесрамност
Секој владетел мора да застане пред толпата, пред погледот на сите да го покаже (барем едно) своето лице и да разоткрие голем дел од својот живот. Да ужива во својата голотија на која другите и се восхитуваат (или онанираат на неа).
Бесрамно да застане и да лаже пред толпата, да не се срами од своето минато па макар и колку да е тоа гнасно (а за ова не е проблем зашто бесрамникот не се срами од ништо, а најмалку од своите постапки)...
(...скокнала на работ од масата, пред погледот на сите присутни на пирот, ги кренала безобразно алиштата од нозете нагоре и не се засрамила отворено да ја покаже својата бесрамност...)
3. Иницијативност и манипулација
Владетелот секогаш треба да предводи и да ја започнува играта. Исто така, мора да умее да ја заведе толпата за таа бескомпромисно да го следи. Потоа, откако таа ќе биде целосно под контрола, може слободно да манипулира со неа.
(...Никогаш не оставала таа да биде освоена, напротив, со примамлива насмевка и со ласкање, со заводливо одење, ги намамувала своите жртви, особено голобрадите...)
4. Истрајност
Во случај на неуспех, владетелот мора да истрае и со крената глава да продолжи понатаму.
(...Дури и кога ја тепале и ја опсипувале со навреди и со шлаканици, таа весело се шегувала и громко се смеела...)
5. Издржливост
Владетелот мора да биде издржлив и психички и физички. Физичката кондиција му треба за сценските настапи, а психичката, всушност таа и не му треба, бидејќи ја поседува особината од точка 2 (бесрамноста).
(...Често одела на организираните пирови со десет и повеќе момчиња, на врвот од машката сила и искусни во рзвратот, и ноќта ја минувала со сите нив. А кога тие се изморувале од таа работа, таа одела кај нивните робови, понекогаш триесетина на број, и имала односи со секој од нив, без да се засити од таа срамна работа...)
6. Инвентивност
Владетелот мора да измислува нови начини за манипулација и владеење со другите.
(...Била недостижна за изнаоѓањето нови начини за љубовни односи и со тоа успевала трајно да ги освои душите на развратниците...)
7. Блискост со сите слоеви во општеството
Владетелот мора да покаже отвореност кон сите од толпата (на сите да им се додвори), па дури и да биде во најблизок контакт со нив, на пример со најсиромашните и со геј-популацијата.
(...но таа не се воздржувала од тие работи и се оддавала на срамен полов акт на машки начин, со пропаднати момчиња, а тоа го правела дури и со робови...)
8. Бесчувствителност
Ако треба, за власт и кариера, владетелот мора да биде подготвен да ги жртвува и најблиските.
(...Многупати забременувала, но речиси веднаш успевала да пометне...)
Ете, затоа не ми се виде многу чуден извадоков од младоста на Теодора - зашто таа се искалила за својата блескава иднина и кариера.
(Бидејќи ми испадна многу долг текстов, а не дојдов ни до половина, другите коментари за книгата ќе бидат во некој следен пост).
Како прво големо прашање е дали баш Прокопиј ја напишал таа книга.
ReplyDeleteКако второ, дури и да ја напишал баш оној Прокопиј кој толку години му бил верен слуга на Јустиниан, дали треба да му се верува?
Кај нас Љубчо беше некогашен пациент во Бардовци, Бранко шмрка хероин по цен ден и пие виски по цела ноќ, Киро и бил швалер на Јованка Броз, Тито не бил Јосип Броз ами Јозеф Амброз... тоа се само шпекулации и оговарања што ги шират политичките непријатели во недостаток на аргументи.
Јустиан бил голем државник и тоа е историски факт. А дали жена му на некоја забава кога имала 12 години ја кренала сукњата до колена или малку погоре - ниту можеме да знаеме ниту пак е релевантно за историјата.
И Ричард Трети е опишан како крволочен монструм, ама дури во последниве децении вистината излегува на видело дека токму тој бил реформатор и државник, а оној кој го соборил од власт со помош на странски платеници и кој во драмата на Шекспир е опишан како голем херој бил во реалноста неспособен и корумпиран владетел од кого Англија страдала.
Или земи го Че Гевара денеска, кого младите бунтовници го сметат за своја икона.
Тој Че стрелал илјадници луѓе без судење, донел закон со кој забранил во Куба да се слуша рокенрол и да се носат фармерки (!)... впрочем овој човек Humberto Fontova http://www.hfontova.com/ одлично го демаскира „херојот“ Че.
А Че живеел пред половина век па гледај колкав вештачки мит за него денеска има. Замисли за Теодора и Јустиниан какви глупости се акумулирале во вековите по нивната смрт.
Еееее, не се лути де! Вистина е дека е многу сомнителна книгава, ама трачовите отсекогаш биле поинтересни за нас жените од „сериозноста“. А и не мислам дека Теодора е лошо опишана - баш си е способна женската.
ReplyDeleteП.С.
Четврток е, така? За малку ќе заборавев, сега одам кај тебе да видам што има ново.
Поздрав
Јееееиј, ќе има и утре и задутре... (па што се случува, што се овие отстапки од твоја страна?)
ReplyDelete