Византија, односно, Источното Римско Царство доживува најголем подем за време на Јустинијан и Теодора (но, и најголем пад по нивното заминување од власт). Големиот Јустинијан успева да ја прошири и зацврсти империјата, а Теодора е една од ретките жени, која успева да застане рамо до рамо со својот маж, па и таа да биде почитувана како „императорка“ (кој вика дека немало феминизам пред 1900 година?)
Веќе кажав, дека Прокопиј ја напишал „Историјата на војните“ во 8 книги во која ги опишал големите подвизи на императорот, како и неговите градби. Неспорна е неговата величина. Од последната книга, „За градбите“ дознаваме за постоењето на Јустинијана Прима, големиот, прекрасен град што го изградил по разурнувачкиот земјотрес што се случил во близина на неговото родно место.
Прокопиј, како раскажувач, веќе малку го опишав во постот за Младоста на Теодора, но тука би сакала да додадам уште нешто. Тој е очигледен лицемер и ласкател, кој на секој начин сакал да му се додвори на големиот и моќен император. Претерувал во опишувањето на позитивностите на Јустинијан, претерувал во величањето, претерувал во сè. Таму Јустинијан не е реална личност. Ниту еден човек нема само позитивни особини. Па, затоа сметам дека во „Тајната историја“ тој повторно многу претерува, но овојпат во негативна смисла. (Во однос на тоа дали е негова или не оваа книга, сè повеќе познавачи на неговото дело се убедени дека е негова и денес тоа е веќе неспорно.)
Прокопиј и припаѓал на старата сенаторска аристократија која во времето на Јустинијан ги губи своите привилегии и не може да се помири со големите промени кои секогаш се случуваат бурно. Тој посакувал да биде сè по старо, и ако веќе нешто морало да се менува, тогаш императорот секако (според него) требал да се грижи за благосостојбата на своите поданици. Бидејќи тоа Јустинијан не го правел, предизвикал гнев и омраза кај Прокопиј. И јас да сум на негово место веројатно би напишала една ваква книга каде би си ги истресла сите свои чемери, со многу претерување и субјективизам. Односно, она што мене лично ми пречело би си го пишувала некаде скришно. Затоа, не ми е чудно постоењето на една ваква книга, која заради големиот „трачаризам“ отсекогаш била многу популарна. Убедена сум дека ни половина од тоа не е реално, туку е само еден горчлив излив на човек кој немал кому, ни каде да си ја истресе душата.
(Погледнете го и ова во врска со Теодора.)
(Погледнете го и ова во врска со Теодора.)
Ако во „Историја на војните“ сè е убаво и бело, во „Тајната историја“ сè е грозно и црно. И уште еднаш да повторам, не постои човек кој е само добар или само лош, само ангел или само демон. Секој има свои добри и лоши страни. Па, ако сакаме да бидеме реални во проценката на карактерите на Јустинијан и Теодора (ако тоа воопшто некому му е важно), тогаш веројатно дел од она што е опишано во „Тајната историја“ е вистина (барем од гледна точка на Прокопиј).
Веќе кажав со колкава омраза ја опишал Теодора, како сурова, бескрупулозна, распуштена - најмногу ваква, бидејќи една жена најлесно е да ја навредиш нарекувајќи ја проститутка, но сега тука ќе се задржам на Јустинијан.
Него не може да го обвини за распуштен живот, бидејќи тоа за мажите не важи, па се свртува кон неговиот суров карактер.
„До востанието наречено Ника, тие (Јустинијан и Теодора з.м.) сметаа дека ќе можат да се дограбат до богатствата на сите богати граѓани. Но, кога тоа избувна, како што веќе раскажав, властодршците ги конфискуваа имотите на речиси сите сенатори (Прокопиј бил сенатор, з.м.), посегнаа по целата нивна покуќнина и по најубавите имоти, а се откажаа од оние кои подлежеа на најжесток и најтежок данок и, божем од човекољубие, им ги вратија на нивните претходни сопственици. Затоа, несреќниците беа сè повеќе притиснати од собирачите на данок, од постојано растечките лихви и долгови и беа принудени да живеат во очајна борба за преживување.“
Тука, Прокопиј всушност стравува за својата лична судбина, и судбината на својот имот, па затоа ги сожалува своите блиски по сталеж луѓе, а властодршците ќе ги направи најстрашни демони во продолжение на текстот:
„Поради сето тоа, Јустинијан и Теодора никогаш не ни изгледале, мене и на мнозина од нас како луѓе, туку такви кои се потонати во крв или, како што велат поетите, човекојадни демони. Тие најпрво се советуваа меѓу себе како најлесно и најбрзо можат да го уништат целиот човеков род и неговите дела, а потоа земаа човечки лик и, претворени во луѓе-демони, ја растресуваа целата населена Земја.“
Тука е јасно дека претерува, тој самиот кажува, дека за таквите луѓе поетите би кажале дека се човекојадни демони. Но, оваа мисла од тука се провлекува цело време во книгата, речиси како единствена вистина. Што значи, бидејќи не може Јустинијан да биде проститутка, ќе биде демон.
Но, сето ова, ама воопшто не е важно!
Важно е она што беше главната поента на моето пишување за Јустинијан.
Ние треба да го грабнеме, да го избрендираме и да го рекламираме како една од атракциите на Македонија. Со него и со другите големи луѓе што потекнуваат од Македонија треба да се гордееме, да ги истакнеме и тие приказни да му ги продаваме на светот, а не плачките од типот „сите (соседи) нè мразат“, „големата неправда на Македонците“ итн. итн.
И Нено пак ќе рече дека текстовиве за Јустинијан и Теодора се оксиморонски, или можеби парадоксални - ем сакам да ги величам, ем јас прва трачарам во врска со нив.
ReplyDeleteНе знам дали си ги запазила оние црвени постери низ Скопјево што беа лепени (и уште стојат), со списокот на „...бил Македонец“
ReplyDeleteПа ги имаш на списокот, Александар бил Македонец, Филип бил, Кирил и Методиј, Самуил, Карпош, МАРКО КРАЛЕ... ама Јустинијан го нема.
Инаку, Марко Крале е син на српскиот феудалец Вукашин Мрњавчевиќ роден во Босна
„...Вукашин је био син властелина Мрњаве из Ливна који је живео код Благаја на Неретви...“
Во тоа време, сите битни фаци во Македонија биле Срби или Босанци како на пример „Краљев сродник и угледни охридски властелин, био је босанац Остоја Рајаковић (+1379) кога је краљ Марко оженио кћерком свог пријатеља охридског жупана Гропе.“
Значи, Марко е Македонец, а Јустинијан не е, барем според тој плакат излепен из цело Скопје.
Марко де, истиот оној што загинал во битка со христијани борејќи се на страната на Турците!