22.4.10

Ќе си играм поет (1. Месечарење)

Иако сум професор по македонски јазик и литература, сепак, никогаш особено не сум ја сакала ни почитувала поезијата. Во неа сè е толку интимно, субјективно, што дури ми изгледа смешно да се анализира. Таа, поезијата, е моментна, обично посветена некому и другите што ја читаат може само да се пронајдат во неа или ништо да не сфатат. Голата анализа на песните, според мене, е дури срамна. Стилски фигури? Рими? Строфи? Тоа е само форма која секој може да ја устрои.
Затоа, за експеримент, да пробам да бидам „секој“, деновиве размислував да почнам да пишувам некакви песнички. Па, ете, да видиме дали еден обичен човек како јас може да го направи тоа? Ќе има ли уметност во моите песнички, или тие ќе бидат само форма која сакам да ја постигнам?
Ќе ги пишувам ден за ден - 15 на број, секој ден, 15 дена.
Па, еве ја првата:

1. (Месечарење)

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
дека бессони ноќи илјадници ќе бледам
дека толку длабоко ќе погледнам во себе
дека некакви сенки месечарски ќе следам.

Не мислев, но мојте мисли сами се ројат
ме демнеат, ме мачат, притискаат, болат
кај се вештерките судбината што ја кројат?
кај се рицарите мои сега да ги колат?

Нема мир да најдам додека животот трае
нема ни утеха во стихови полни очај
нема надеж ни во нашите коловртници

ниту во ѕвездата на Кутлеш која не сјае.
Нема надеж за бесмртни, миличко мое, знај
ама најмалку за нас, како бедни смртници.

2 comments:

  1. Како бе така не сакаш поезија?

    Еве ја мојата омилена песна, напишана од блогерката Оксиморон (т.е Вероника Костадинова):

    Трговец со зборови

    Обид да се заврши приказната.
    Ефтино купен заплет
    трансформиран вешто
    во оригинална увертира
    со моќта на маркетингот.
    Внатрешен дијалог
    препродаден скапо
    во амбалажа на монолог
    и етикетирано алтер его.
    Лесно се манипулира
    со вредноста на зборот
    на берзата надмудрување.
    Хартии од вредност
    се бели листови
    полни со зборови
    а, празни мисли.
    Спакувај ги убаво зборовите.
    Мислата е деловен ризик.
    Тргувај трговецу.

    Целата песна е толку полна со метафизика, што просто може книга да се напише од тоа.

    ReplyDelete
  2. Па така, не сакам. Зошто мора да биде сложено и метафизички кога може да биде физички просто и јасно, приземно и стварно, опипливо, живо и човечно. Сакам јасна мисла која веднаш продира, обзема, замислува, преокупира, а не бладање во форма на поезија.
    Инаку, песната на Оксиморон е екстра.

    ReplyDelete