28.4.10

Сонетен венец

За да нема двојби (иако има бројки) како тече мојот сонетен венец, решив да го ставам тука како целина (а и да не го чита некој од назад кон напред).

1. (Месечарење)

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
дека бессони ноќи илјадници ќе бледам
дека толку длабоко ќе погледнам во себе
дека некакви сенки месечарски ќе следам.

Не мислев, но мојте мисли сами се ројат
ме демнеат, ме мачат, притискаат, болат
кај се вештерките судбината што ја кројат?
кај се рицарите мои сега да ги колат?

Нема мир да најдам додека животот трае
нема ни утеха во стихови полни очај
нема надеж ни во нашите коловртници

ниту во ѕвездата на Кутлеш која не сјае.
Нема надеж за бесмртни, миличко мое, знај
ама најмалку за нас, како бедни смртници.

2. (Ѕвезда)

Ама најмалку за нас како бедни смртници
се грижи некој горе, не ни подава рака,
пишува неми зборови на празни страници,
Проклето да е небото што нас не нè сака.

Погледнувам горе, небо, една ѕвезда паѓа,
блеснува желба во мене, уште неслушната,
ах, колку грешам, попусто надеж ми се раѓа!
Ѕвездата си била, за друга двојка гушната.

Солза се мрести, сака на образ да ми живне
стегам јас душа, но поглед без желба се мати.
Камен-срце да имав ќе те преболев тебе

и лесно ќе беше страста љубовна да стивне.
Небо, дај ми среќа, нејќам душа да ми пати
Миг штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.

3. (Опијка)

Миг штом трепнеш, о смрт, сè носиш ти со себе.
Каква смисла ли има тогаш овој страшен бол?
Вреди ли мракот земен покриен ко со тебе?
и вреди ли трпнеж срцев прободен ко со кол?

Во ноќта царувам, осамена, најсреќна знај,
лесни мисли во мракот се ројат, слободно
летаат тие, спокојно, во секој скриен крај,
талкаат и се ситат мили, дур не допрат дно.

Чаши бројам и мислам, таму ли е мојот спас?
Се прашувам, има ли на светов таков, којшто
чиста радост сетил од опијкини блесоци,

којшто тага стопил во бегство, од самите нас?
Среќа-тага, среќа-тага, мразен животе, што
одиш, и трошки збираш по незнајни врвици.

4. (Нема враќање)

Одиш, и трошки збираш по незнајни врвици
зашто патот кажан нејќеш веќе да го следиш!
Зад секој агол те чекаат нови крвници,
на местото да те вратат бедна кај што седиш.

Не, враќање нема, ништо веќе не е исто!
Можеш ти, но нема да молиш за пелин прошка
зашто знаеш во срцето дека ти е чисто
и тебе не ти треба туѓа презирна трошка.

Сега само сенки црни, мртво-живи глави
гледаш, караѓоз ли си игра некој на ѕидот
со сеништа ѕверски, грди, стрвни, голи, боси?

Препознаваш свој лик таму, и тој со нив слави!
Но, мугра сенките ги бледне, ѕирка од ридот,
еве, се буди нов ден, и нова надеж носи...

5. (Славејче)

Еве, се буди нов ден, и нова надеж носи
петел од далеку слушам и оџата в село.
Црцор птичји утрински, темнината ја гаси
зраци мирно, полека, облекуваат бело.

Славејче мило, ноќно другарче верно мое,
не си веќе само, како во ноќта наша глува.
Врапци будни се сега, стана друштвото твое,
пеј си, сите се тука, има кој да те чува.

И мене иста среќа ме чека, џагор, врева,
луѓе, насмевки рој, пријателска врвулица!
Но во срцето само една желба ми клика

само едно од сонот гнасен мене ме крева.
Кога твојот лик го гледам меѓу илјада лица
трескавична радост, сонце во срце ми блика.

6. (Тажна среќа)

Трескавична радост, сонце во срце ми блика,
знам јас, ден е овој среќен, тебе ќе те видам,
низ тунелот мој тесен како матна си слика,
доволно барем јасна, за среќна јас да бидам.

Пред луѓе си мислам, ова не е шега вкусна
да не познаат нешто, глумам среќа, радост
но штом останам сама, ми натежнува усна,
чело црта линија тажна, очи губат младост.

Доаѓа другар ведар, и ми носи тој цвеќе,
Гледа во мојте згаснати очи кај тага пека:
„Што ти се случува, судбината што ти носи?

Во очи ти старост замени радоста веќе!“
Молчам, и си мислам, дал да му кажам дека:
Ова е мугра на животот мој кој се коси.

7. (Разговор)

„Ова е мугра на животот мој, кој се коси“-
почнувам тивко да сронувам мисла. И веднаш,
мака во солза бега, лицето ми го роси.
Како само да чекав некој да праша еднаш.

Липам, но брзам од душа чемери да тресам:
„Јас не можам веќе ништо од вчера да гледам,
на крстопатов стојам, стари сеништа бесам,
нов живот сакам, сакам јас нов пат да следам,

нови нешта сакам, сакам јас возбуда жива,
старото боли, смрди, чека на смена ваму
со некоја пролет свежа кајшто среќа клика.

Сакам да избегам одма од сегашност сива,
во нов живот и во нов свет, некаде таму,
минатото каде ми станува бледа слика.“

8. (Освестување)

„Минатото, каде ми станува бледа слика?
Од него, каде да бегам, каде да се скријам?
Од сегашност, што по мене кукавички вика,
Од утре во немир, во неизвесност што вријам?“

На зборојте мои, враќа пријателот верен:
„Во средна си доба, не можеш да бидеш иста
одбери го патот, ти одбери живот смерен
не лажи се, не наоѓај изговори триста,

во момент на слабост, ајде, изнајди ти сила.
Освести се, сети се, што во живот е вредно?
дом и деца, живот имаш совршено скроен.

Не играј си, биди ти, таква каква си била!“
„Не е е лесно“, велам, „се чувствувам бедно,
Има ли, кажи, спас, од мојов живот двоен?“

9. (?!?)

Има ли, кажи, спас од мојов живот двоен?
Има ли, кажи, спас од ноќите пробдеани?
Има ли, кажи, крај на сомнежот мој броен?
Има ли, кажи, крај на лагите посеани?

Не, нема пат друг освен напред ил назад!
Не, нема зора нова со зраци крв алови
Не, нема раце в преграб мене да ме пазат
Не, нема бег од вистини голи и јалови.

Жално е што сакам силно тебе да те гушнам,
жално е што сакам по цел ден да те гледам,
жално е што сакам понекогаш да те лажам,

жално-тајно во прегратка моја да те мушнам.
Лажно ли е, или жално, стално што те следам?
Лажно ли е, баш сè, пред другите што ќе кажам?

10. (Пролетен мирис)

Лажно ли е баш сè пред другите што ќе кажам?
Лажно ли е што велам, ми мириса на пролет?
дека од облаци дождовни по малку тажам
дека од нашето сонце пак ќе земам залет?

Ми мириса на пролет, пoвторно кревам врева,
на цвеќе полско, нане, на мајчина душичка
на јоргован, на зумбул, на покосена трева.
Ми се присторува? велат: каде си миличка?

Сè е лажно, знај, зашто сè мириса на тебе!
Каде и да пројдам, ти веќе таму си прошол
каде и да дојдам, ти веќе си бил таму дар

но, колку и да брзам, не те стигнувам в себе,
колку и да брзаш, почекај! одговор би нашол
избави ме, те молам, од овој страшен кошмар!

11. (Македонија)

Избави ме, те молам, од овој страшен кошмар,
од време измешано, од векови минати,
од векови сегашни, од соседскиот дар-мар,
од вистина составена од слики скинати.

Ти, ти го можеш тоа, зашто голем си ко Земја,
голем како Александар и Филип заедно,
како Орфеј и Херакле во борба со ламја,
голем како Македон и Бело Море бездно,

голем, како цела македонска историја,
голем ко коловрт бесмртен, ко вртешка,
голем ко Аристотел, ко Аполон строен

голем ко мојата бесмртна Македонија!
Каков строеж е ова, судбо моја претешка?
Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен!

12. (Мозаик)

Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен,
за великите како, ко за најславниот крал,
ко за фалангата силна, за народ мој броен
ко за некој светец славен, ко за Исусов грал.

В жили ми тече вековна крв, ровари, рее
таа прави в миг да бидам Големата Мајка
а ти од Говрлево Адам. Павле го сее
првото семе, а Лидија, станува бајка.

Јас мозаик од камчиња древни си правам,
каде миличко секогаш си посебно нешто
со зборови, песнички и приказни те снажам

во акростихот на мојов сонет ќе те ставам.
Знаеш, рубин си, но и опиум мој си, зашто
крај нема, кога за бескарајната љубов лажам...

13. (Вистината)

Крај нема кога за бескарајната љубов лажам,
крај нема кога со зборови да си играм сакам,
крај нема штом вистината треба да ја кажам,
штом и последна порака треба да ти праќам.

Не грижи се, јас храброст идна ќе ти вдишам,
не плаши се, од несреќи тебе ќе те пазам,
не тажи се, ако треба солзи пак ќе бришам
и страшните бубачки за тебе ќе ги згазам.

Вистина, сè минува, животот е зајак брз
реалноста гуша стега, но ти фати смелост,
за нова младост, за среќа нова ти фрли зар.

Да, живот не е вечен, лебди една мисла врз
о, вистината кој ја знае, љубов нуди вечност!
О, вистината дал ја знае, мојто миличко бар?

14. (Збогум)

О, вистината дал` ја знае, мојто миличко бар?
Дал` знае колку смеа, колку радост донел тој?
Дал` знае колку значи, колку тој е голем дар?
Дал` знае колку многу смени, во животот мој?

Време дојде и за збогум, крајот наш се ближи,
така е, но солзи нема, плачот не ме гуши.
Ако кругот ита, кон почеток свој се движи,
не тажам, среќна сум што ние, сродни сме души.

Збогум мило и со среќа, живот убав имај
радост, деца, дом топол, жена - љубов вечна!
Грабај живот што ти нуди, земи се за себе

само музо, спомен остај, тоа не ми земај!
А споменот - е тука вткаен ... оти кога почна,
не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе...

15. Магистрал

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
Ама најмалку за нас како бедни смртници.
Миг, штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.
Одиш, и трошки збираш по незнајни врвици.

Еве се буди нов ден, и нова надеж носи
Трескавична радост, сонце во срце ми блика
Ова е мугра на животот мој кој се коси
Минатото каде ми станува бледа слика.

Има ли, кажи, спас од мојов живот двоен?
Лажно ли е баш сè пред другите што ќе кажам?
Избави ме, те молам од овој страшен кошмар

Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен.
Крај нема кога за бескарајната љубов лажам
О, вистината дал ја знае, мојто миличко бар?

3 comments:

  1. Едно време, човек ако сакаше неговата поезија да биде достапна за читање на јавноста, мораше да ги објави во збирка (книга) или да моли некој уредник во весник / списание да му ги објави песните.

    Денеска, цел свет има пристап до твојата поезија со неколку кликања на тастатурата.

    Сега уште да имаш микрофон па да ги снимиш исчитани лично од тебе, па да ги ставиш како стриминг или за даунлоад на сајтов...

    Или на јутјуб да ставиш клипови: аудио е ти читаш стихови, а видеото е одат слики од пејсажи или нешто такво кое би ги илустрирало стиховите.

    Па ако можеш и со некоја соната од Шопен или Лист да измиксаш како музичка позадина...

    ReplyDelete
  2. Браво, од срце!
    Страницата, инаку, е навистина одлична!

    ReplyDelete
  3. Многу ти благодарам :)

    ReplyDelete