Родителите посакуваат нивните деца да бидат совршени, а се помируваат со нивната несовршеност...
За мајките, верувам дека најубавите моменти во животот се раѓањето на децата. Иако поминаа многу години сè уште живо се сеќавам на чувството на љубов кога се роди моето прво дете. Држејќи го во раце тоа мало живо суштество кое беше мој плод, кое излезе од мене, му се восхитував, а често и плачев од пресилната љубов. Но, многу брзо сфатив дека веќе не е дел од мене, дека си е посебен човек кој се развива на посебен начин. Често родителите веруваат дека децата се нивна сопственост и дека може да прават со нив што сакаат. Им ги наметнуваат своите ставови, ги тераат да бидат она што во младоста самите не успеале да станат, ги казнуваат за самостојните чекори кои не се во склад со нивното гледиште на животот, ги тераат да живеат онака како што самите мислат дека треба да се живее. Но, не е така. Секој има право да си го одбере својот пат, а родителите треба да бидат тука за да помогнат...
Епиктет е стоички филозоф кој живее на почетокот од нашата ера. Уште кога бил дете го довеле како роб во Рим. Има една анегдота за него во која се гледа неговиот цврст карактер, самоконтрола и интелект. Имено, неговиот господар Епафродит, нешто незадоволен од Епиктет го ставил на направа за измачување истегајќи му ја ногата. Сосема мирно, Епиктет го предупредил дека ако продолжи со истегнувањето, ќе му ја искрши ногата и ќе го направи својот роб куц. Господарот сепак продолжил и ногата навистина се скршила, а Епиктет само рекол: „Ве предупредив дека ќе се скрши“. Веројатно поради духовната надмоќ и почитта што ја предизвикувал кај луѓето, неговиот господар го ослободил. За време на императорот Домитијан кој ги прогонувал филозофите од Рим, Епиктет заминал во Никопол (Епир) каде отворил своја школа. Меѓу учениците се издвоил Флавиј Аријан, кој најверојатно ги напишал „Разговори“ и „Прирачник“ - дела од каде се црпат знаењата за учењето на Епиктет.
„Прирачникот на Епиктет“ е една книшка од афоризми, изреки, кои претставуваат синтетизирани и издвоени тематски целинки. Секоја од нив пренесува посебна порака.
Можеби заради животното искуство (тоа што бил роб), а сигурно и заради големата духовност, неговите изреки зрачат со вистинитост.
Еве како тој ја дефинира сопственоста, односно она што е во наша моќ и она што не е.
1.
Од нештата, едни се во наша моќ, а други не се во наша моќ. Во наша моќ се сфаќањата, дејствието, стремежот, одбегнувањето; со еден збор, сите дела што изворно се наши. Не е во наша моќ телото, имотот, угледот, местото во општеството; со еден збор, сите дела што изворно не се наши.
2.
Она што е во наша моќ, по природа е слободно, не е недостапно ниту пак може да биде одземено. А она што не е во наша моќ е слабо, ропско, може да биде недостапно, туѓо е.
3.
Затоа запамети: ако го сметаш за слободно она што по природа не е слободно, а за свое го сметаш она што е туѓо, ќе трпиш многу страдања, јадови и маки, прекорувајќи ги за тоа боговите и луѓето. Но, ако за свое го сметаш само она што е твое, а за туѓо она што навистина е туѓо, никогаш никој не ќе те принуди на нешто, никој не ќе ти пречи, никого нема да прекоруваш ниту да обвинуваш, ништо не ќе правиш против своја волја, никој не ќе ти наштети нешто; непријатели нема да имаш оти не ќе претрпиш никаква штета.
*Првите неколку изреки од книгата се однесуваат на работите што се во наша моќ (или наша вистинска сопственост) и оние што не се. Според Епиктет (а мене ми е многу прифатливо), вистински среќен и задоволен човекот може да биде само ако е свесен што е негово.
Што е мое? Всушност, моја е само мојата духовност, моите сфаќања и размислувања, моите знаења и стекнати искуства, мој е изборот како ќе дејствувам, како ќе се однесувам, кон што ќе се стремам и што ќе избегнувам за да не бидам повредена. Па, тука е одговорот и на филозофското прашање - што сум јас? (кој сум јас?) Јас сум мојата духовност, моите сфаќања и размислувања. Ништо друго не сум јас. Јас сум господар само на овој дел - можам да мислам како сакам, да стекнувам знаења, да се стремам кон осознавања. Овој дел од мене никој не може да ми го одземе, затоа Епиктет го дефинира како слободен (а веројатно и затоа што бил роб, па сè друго било потчинето, ама духовноста никој не можел да му ја одземе). Телото? Тоа во секој момент може да се прекрши, разболи, но духот не може; имотот во секој момент може да изгори, пропадне и да се загуби; угледот со најмал кикс може да биде срушен и секогаш зависи од другите; сите овие работи се слаби и туѓи, и не зависат од нашата моќ.
Значи, за да не страдаме во животот, мора да расчистиме со себеси и да сфатиме што е наше и во наша моќ, а што не е.
8.
Запамети: за секое поединечно нешто што ја привлекува твојата душа, ти користи или го посакуваш помисли си какво е тоа, почнувајќи од она што е најмалку важно. Ако посакуваш грне, помисли си дека ти едноставно посакуваш грне. Ако тоа се скрши, нема толку да жалиш. Ако многу го сакаш своето дете или жена, помисли си дека тоа што го сакаш е човек. Доколку се случи некој од нив да умре не ќе се избезумиш од болка.
10.
Не самите нешта туку мислењето што луѓето го имаат за тие нешта предизвикува немир кај нив. На пример, смртта не е нешто страшно оти и Сократ ќе се плашеше од неа. Самиот наш став спрема смртта предизвикува страв и затоа смртта ни е страшна. Кога нешто ни пречи или сме вознемирени, не треба причината да ја бараме во нешто друго туку во нас самите, во нашите сопствени ставови спрема тоа нешто. Кога ќе направи нешто лошо, простиот човек ги обвинува другите; оној што е на почетокот од образованието се обвинува себеси. Вистински образованиот човек не ги обвинува ни другите ни себеси.
11.
Немој да се гордееш со туѓи предности. Кога еден коњ би се фалел говорејќи: „Јас сум убав“, тоа некако би се прифатило. Но ако ти се пофалиш велејќи: „Имам убав коњ“, знај дека се гордееш со коњско добро...
15.
Никогаш за ништо немој да речеш: „Го загубив“. Подобро речи: „Го вратив назад“. Ако ти умрело детето, речи дека си го вратил назад. Лишен си од она што ти е дадено на овој свет; сега си го вратил назад. Но, ќе речеш дека тоа ти го одзел некој арамија! Не е твоја грижа на кој начин ти е земено даденото. Сè додека ти е дадено, грижи се за него како за туѓо како што гостите се грижат за она што припаѓа на гостилницата.
19.
Ако посакуваш твоите деца, жена ти и сите твои блиски да живеат вечно, бездруго си малоумен. Ти сакаш она што не е во твоја моќ да биде во твоја моќ, а туѓите нешта сакаш да бидат твои...
Децата што сум ги родила не се мои (секако дека се мои во пошироката смисла на зборот), но не се моја сопственост за да смеам да се однесувам со нив како со себе. Само тие имаат право да одлучуваат за својата душа (духовност, напредок, стремеж), а јас можам само да поттикнувам и помагам, ништо повеќе (и ништо помалку).
No comments:
Post a Comment