14.1.10

Трета среќа!

Обичајот, „пита со паричка“ некои го прават за Бадник, а некои за Василица. Јас ги прифаќам и двете, па така годишно имам 3 пити со парички во кои учествувам. Кај мајка ми, кај свекрва ми и на работа. Порано многу „страдав“, бидејќи никогаш паричката не ми се паѓаше мене, а потоа си се помирив. Ама, оваа година сè се смени.
За Бадник се собравме кај моите родители цела фамилија, а татко ми ги кршеше и ги делеше парчињата лепче. За Господ, за куќата, за најстариот, и по ред за сите по возраст. Кога скрши едно парче, од него ѕирна паричката, а син ми веднаш извика „ене ја!“. Сите се збунија, па и татко ми. Не знаеше кој му е на ред, кому треба да му ја даде веќе откриената паричка. Ама редот си бев јас - па свечено ми ја доделија. Малку сомнително ми беше ова паѓање на паричката, па не го сфатив како моја среќа.
Денес, на работа, повторно сомнителен случај.
Кога ги поставија питите на маса, јас излегов малку. Кога се вратив, пити повеќе немаше. Ама на колешката што седеше до мене случајно и се фатиле две парчиња. Едното го изела, а другото не можела. И побарав само мало крајче за да не биде дека воопшто не сум пробала од питите. Таа ми рече:„Земи, ама ако има паричка, моја е“, а јас и одговорив: „е, не може, ако има, моја си е.“ Откинав еден залак и од него испадна паричката. И сега, чија е паричката? По долго полемизирање, „судот“ одлучи да ми ја дадат мене. Ама, искрено, не ми беше ќеиф.
И, конечно, попладнево кај свекрва ми беше последното место за докажување на правдата. Додека возев натаму бев убедена дека паричката ќе ми се падне мене, за да не се сомневам во претходните два случаја. Таму, си го одбрав парчето, пробуричкав - ништо. Ама и кај другите ништо. Си земаа сите по уште едно парче со надеж дека овојпат ќе имаат повеќе среќа, но јас не можев да земам, бидејќи и првото ми беше многу. И... на крајот, кога го изедов речиси целото парче, кога дојдов до корката, ја здогледав - ми светна! „Еве ја!, - реков, - сепак била кај мене!“
Ете така. Оваа година надокнадив за сите претходни. Којзнае колку среќа ќе ме прати! Тројна среќа!
Се зезам, не верувам во среќа од парички, ама чувството е убаво кога токму тебе ќе ти се падне.

3 comments:

  1. Нека ви е со среќа, многу здравје, среќа и успех да ве пати во животот. Павле

    ReplyDelete
  2. Си заслужила, Борка

    ReplyDelete
  3. Се надевам дека малку од твојата среќа ќе прејде годинава и на мене.Јас.

    ReplyDelete