2.4.10

Едно време априлијада - сега ескивијада

На 1 април во ГУЦ направивме две во едно. Односно, го одбележавме 1 април - како ден на шегата со маскенбал и бидејќи беше и Велики четврток, за одбележување на Великден, организиравме натпревар за најубаво украсено јајце. И двете работи се наградуваа.
Бидејќи денешниве ученици не се палат по ништо, секогаш кога организираме вакви работи се плашиме дека одѕивот ќе биде многу слаб. Дури и соопштението што одеше ден претходно во училиштето беше со извесна доза на очај:

Соопштение       

          Утре, на 1 април 2010 година (четврток) сите ученици ќе учат во прва смена со скратени часови. Прославата во училишниот двор ќе започне во 11 часот. Учениците кои се пријавија за учество во наградниот маскенбал може да не доаѓаат на часовите за да си ги подготват маските. На натпреварот за најдобра маска ќе учествуваат и ученици од другите училишта.
          За конкурсот за „Најубаво украсено јајце“  учениците да ги донесат јајцата во 8 часот во наставничката канцеларија за да ги разгледа комисијата.
          Очекуваме сите ученици да земат активно учество во прославата и се надеваме дека нема да го искористат денот за пиење кафиња по околните кафулиња. Денот е работен, а тоа што ние сакаме да го одбележиме за сите да се чувствуваме поубаво не значи дека треба да се злоупотребува од ваша страна.

Како да натераш некого да биде дел од семејството, кога тој научил да биде сирак?!
Не можеш, па тоа ти е! Професорите се трудеа да ги убедат учениците да учествуваат, но тие повеќе сакаа да избегаат што подалеку. Обично, имаме проблем ако одиме во две смени, а настанот го приредуваме по втората смена, тие од прва смена нема шанси да се вратат. Па сега, за да не биде заради тоа, сите ученици ги стуткавме во прва смена, со скратени часови и веднаш по тоа започна настанот со музика и гости од другите училишта. И, не вредеше ништо таквиот труд. Кому му е гајле за настанот? Си беа среќни што часовите беа скратени, си излегоа, и во дворот гледавме само грбови што се оддалечуваат. Од 1300 ученици, останаа едвај педесетина во публиката и уште толку како учесници. Значи, на околу 1200 ученици им го видовме грбот. Жал ми е што е така, зашто сум идеалиста и верувам дека една заедница треба да функционира сплотено, а не да содржи само ескиватори.
Сепак, тие што останаа беа задоволни и навистина беше интересно и забавно.
За најубаво украсено јајце, беше избрано јајцето на кое беше насликана Богородица, а во средината, во зависност од каде го гледаш - крстот, или Исус. Многу добро насликано.
 
Втората награда ја зема јајцето - девојка (накитено со коса, обетки и трепки).

Третата награда си ја прибра најслаткото прасенце што сум го видела. 
И другите украсени јајца беа многу убави, еве некои од нив:

Потоа следеше дефилето од маски.
Прва настапи „Македонската свадба“ со сите мастрафи. Децата и музика донеле, си имаа сватови, поп, гости - и затоа ја добија првата награда. 

Не помалку успешни беа и другите маски од нашето училиште: 

Многубројни беа гостите од соседството (СГУС „Ѓорѓи Димитров“), со многу оригинални маски, кои на крајот, заради масовното учество, покрај со пофалница, исто така беа наградени со торта. 
Дојдоа и гости од СГУС „Орце Николов“, ама не знам која беше нивната маска. И тие, се разбира добија пофалница за учество.
Од музиката, насмеаните лица, добрите маски и сонцето, мене ми беше прекрасно, а оние што си отидоа дома (или воопшто не дојдоа) се надевам дека си поминале барем половина толку добро како јас. А денешната атмосфера во школскиот двор, со малку фантазија, можеби ја почувствуваа од моите слики.
И како за крај, сликата си кажува се:

2 comments:

  1. Зошто прасето трета награда?? Баш е убаво, баш е слатко.. требало да биде прва награда доделено на него.

    ReplyDelete
  2. И јас така мислев во прв момент, ама кога се загледав во сликата на првонагреденото, не можев погледот да си го одвојам. Едно е слатко, а друго е навистина добро.

    ReplyDelete