9.4.10

Еден обичен ден

Денес фатив рекорд во снузирање. Од 9 до 11.30 на секои 5 минути. Тоа се 30 стискања на телефонот. Тоа се доспиени 30 петминутки. И, што добив? Ништо! Само главоболка. Сега ми е тешко да мрдам, да се раздвижам, да се подготвам за на работа. Тешко ми е и кафево да го пијам, а уште потешко кога ќе се сетам што ме чека таму... Ќе треба да земам длабок здив - и да издржам. Тоа вообичаено изгледа отприлика вака:
Уште на скали ме дочекуваат проблемите што ги мачат жените од техничкиот персонал (бидејќи нивната соба е на влезот и гледаат кога доаѓам).
На првата скала доаѓа една и ми вика: „Во 23 учениците грицкале сончоглед и лушпите ги фрлале зад радијаторот. Да им кажете да не грицкаат, зашто јас не можам таму да чистам“. По неа трча друга и вели: „Во 45 сите кабли од компјутерите ги извадиле, не можам да метам од нив“. Успевам да качам 3-4 скали, а од горе ме здогледува трета: „Во 60 скршија стакло, да ги викнете стакларите да наместат.“ Се подзатрчувам уште малку нагоре во надеж ако побрзам дека нема уште некој да ме види. Не дека не сакам да ги видам, или да избегам од обврските, ама не би било лошо да ме остават барем палтото да го соблечам. Пред вратата на директорката има редица од странки, а пред мојата ме дочекуваат луѓето од администрацијата, кој нарачува средства за чистење, кој шрафови и лепаци, бои, лакови, кој канцелариски материјали и сл. И, оп, се вровнувам во канцеларија, набрзина го соблекувам палтото, но сè уште не сум го закачила, веќе некој чука. Ученици. Носат извештај за нови бељи по училници, а зад нив стојат двајца-тројца професори со свои барања. Влегува еден, се јавува дека мора да оди некаде и не може да ги држи последните часови, влегува другиот не можел да дојде на наставнички, влегува третиот и кажува како учениците се многу безобразни и едвај го одржал часот. Јас патем го вклучувам компјутерот, го вклучувам автоматот за кафе, на ситни ливчиња ги запишувам туѓите проблеми (за ако треба да ги решам да знам од каде да почнам) и се уште стојам (зашто ако седнам може некој да ми заседне и ништо работа да не завршам). Си го правам кафето, и експресно излегувам од канцеларија надвор за на мир да го испијам. Таму секогаш има некој со кого ќе испушиме по една цигара и ќе поразговараме порелаксирано. Си ги средувам приоритетите во глава, што прво мора да завршам и седнувам на компјутер. Правам распоред за состаноците кои следуваат, но ни 5 минути не останувам сама. Влегуваат колегите, носат тестови, носат други работи што треба да им се отпечатат, па распоредот што го правам, наместо за 10 минути, ќе го направам за час и половина. Тогаш, пак успевам малку да киднам, на уште една цигара, да прошетам по ходници да ѕирнам дали е сè во ред, и доаѓа време и јас да одржам некој час. Тоа е полесниот дел зашто знам што треба да правам и знам што ме очекува.
И, ќе ми помине главата?
Или да се вратам и да си поснузирам уште малку?
Не, чекај, петок било денес. Надвор е убаво, сончево, пролетно. Дај да земам еден аспирин и да уживам во денот зашто е вреден за уживање како сите претходни и како сите идни...

2 comments:

  1. Мобилниот: Ајде Билјана, разбуди се, ќе задоцниш за на училиште!

    Билјана: Ма не сакам веќе да одам на училиште, секогаш таму ме пречекуваат проблеми, секогаш како јас да сум крива па морам сите да ги решавам...

    Мобилниот: Ама Билјана мораш да одиш на училиште.

    Билјана: Зошто морам?

    Мобилниот: Затоа што ти си заменик директорот!

    snooze...

    ReplyDelete
  2. Да, де, баш како ова што веќе сум го напишала...http://iskonmakedonija.blogspot.com/2010/01/blog-post_8958.html

    ReplyDelete