25.4.10

Цако, нашиот ангел со бисер песни...

Денес, поточно веќе вчера, се случи нешто многу поважно од моите песнички, па затоа ќе мора да го прекинам низот на „мојот венец“.
Денес, мојот внук од брат, Александар, кој сите го викаме Цако ја промовираше својата збирка песни (мило на тета).(Вест и во Канал 5 за нашата ѕвезда.)
Цако е нашата радост, нашата болка, понекогаш причина за семјните расправии, но најголемата причина за вистинско зближување на семејството.
Цако се роди со Даунов синдром, нè збуни сите, нè отера во ќорсокак. Што сега? Како понатаму? И ништо - ја прифативме реалноста и почнавме да живееме со неа. Цако во сè функционира нормално, освен што има типично закосени очи, потешко зборува, потешко чита и пишува, потешко пресметува задачи. Но, Цако, сè друго гледа со душа - секоја ваша реакција, секое ваше движење, секој ваш поглед со одвратност кон „различното дете“. Може вие не знаете, ама тој сето тоа го сфаќа и сето тоа длабоко го погодува.
Уште кога беше многу мал, се сеќавам, го земав да се прошетаме низ Трговски, заедно со моите деца. Седнавме во „Шехеразада“, тогаш таму имаше детски играчки. Сите тројца отидоа да се лизгаат, да се кријат во малата куќичка. Цако полека (бидејќи и успорено се движи) влезе во куќичката. Но, само што се приближи до игралиштето, луѓе, само што се приближи, сите родители си ги прибраа своите деца. Цако ме погледна, се почувствува како да направил нешто грешно, крена раменици и влезе во куќичката.
Тешко дека некогаш сум се почувствувала погрозно. Ми идеше да ги истепам сите родители заедно со нивните деца. Ми идеше да го грабнам Цаце и да го однесам во некој друг свет каде нема да ја чувствува болката што другите му ја причинуваат. Ама немаше каде. И сè уште нема каде.
Цако си растеше, ние го сакавме, го сакаа и многу други. А, тој, тој ги сака сите. Без разлика дали му се смеат, дали го навредуваат, дали го плукаат - тој пак ги сака сите.
Во средно на Цако мислам му беше најтешко. Соочен со деца на возраст во која не се грижат за туѓите чувства, со деца кои по секоја цена сакаат да си го покажат својот мангуплак. Си страдаше Цако, но таков е животот (сите страдаме, нели?). Тие години најголема потпора, другар, „соученик“ кој му помагаше да учи, беше неговиот дедо Милан (Мио, Мики) - татко на мајка му. Тие заедно си живееја во дел од заедничката куќа, заедно спиеја, јадеа, пиеја пивце, заедно правеа сè. Но, лани Мики умре.
И Цако почна да си ги пишува своите песни - песните на чија промоција бев денес: 



За мојот дедо...

Мики

Сè би сторил
да те видам пак.
Секој ден е тажен
сам по себе.
Толку си ми потребен,
те молам, врати се.

Со небото

Секоја вечер би те чувал
и во моето срце
ќе бидеш само ти.

Со небото ти си вечен знај!
Мики, ти си месечина
која цел живот ќе ме следи
во добро и зло.

Ветрови и снегови
ја сликаат твојата смрт.


Не, не, не

Сега ни покажуваш
што е тоа љубов
немој да одиш прерано,
не можам да сум сам.

Сонот оди
и од мене и од тебе.
Сакам да се вратиш, знај!

Ми фалиш

Уште една ноќ без тебе,
јас не можам без тебе.
Те молам, врати се!
Те молам,
не оставај ме сам пак.

Знај, моето срце
чука за тебе,
а ти не си тука
покрај мене.

Проклето

Секој ден...
не е како порано.
Само ти си ми во мислите.

Секој ден...
Без тебе не можам.

Да е проклет денот
што отиде.

Сам сум

Без тебе јас пропаѓам,
ангелу мој!

Јас сум сам,
не можам да поверувам.

Сонувам да се вратиш пак,
ти си во моето срце
засекогаш, знај!

Зошто

Зошто си ми драг?
Зошто баш ти ми требаш?
Зар не гледаш дека е крај?

Зошто живеам?
Во тебе сакам да останам.
Во тебе само уште малку,
и сè ќе се смири.

Плачам

Јас плачам пак.
И не можам да верувам.
Прости ми
што плачам без крај,
но не можам.
Врати се.
Ме мачи тоа што те нема.

Кога ги прочитав овие песни рикав ко магарица. Не можев да сопрам со плачење. Зашто, Цако, знаете ли колку ја скри болката по смртта на дедо му, знаете ли колку никому не покажа дека е толку многу сам...

Денес, на промоцијата, пак не можев да не пуштам солзи. Но, овојпат од гордост. Зашто денес Цако беше најславниот на свет, зашто тој има своја книга:


(на насловната е цртежот на Цако од градинка - „Мојата сестра“)
И, зашто без разлика на сè, без разлика на сите, Цако е среќен, и сите не сака...

Нема да се нервирам

Небото е прекрасно!
Ѕвезда падна во темницата!
Нема веќе да се нервирам.
И животот е песна.
Сега знам
веќе нема да се нервирам,
само ќе се смеам.

3 comments:

  1. Не знам колку ти е познато, но во Америка познатата политичарка Сера Пејлин (беше кандидат за потпретседател од републиканците во 2008та) има пет деца и нејзиното петто дете Триг има даунов синдром.

    Уште во првите недели на бременоста било утврдено тоа со тестирање, и лекарите и понудиле да абортира, но таа одбила, сметајќи дека и децата со таква состојба имаат право на живот.

    http://en.wikipedia.org/wiki/Sarah_palin

    ReplyDelete
  2. Се разбира дека имаат право на живот, проблемот е што „нормалните“ често ги попречуваат во тоа.

    ReplyDelete
  3. Одамна не сум се исплакала вака.Обично плачам од мака, ама сега ми беше убаво на душата.Фала ти за текстот, а најмногу на Цако, за сите светлини што ги гледа во животот.За сите нас „нормалните“.Браво и да продолжи да ни покажува дека љубовта е таква - ЕДНОСТАВНА. Каце.

    ReplyDelete