31.1.10

Книгата „Што можеме ние Македонците да научиме од Александар Велики“ од Нено Богдан

Меѓу другото, иако недела, денес ја прочитав оваа книга од Нено Богдан која може да ја симнете на неговиот блог и од која може да научите навистина „јаки“ нешта. Може да кажам само браво за размислувањето и анализата.
Во продолжение еве една глава од книгата, која е најмногу поврзана со мојата стручна област:

Учи од Aristotle, а не од Aristophanes

Старогрчкиот историчар Plutarch во неговата биографија за
Александар Велики, ни ја раскажува следнава случка од животот
на големиот Македонец која, по мое мислење, кажува сЀза
неговиот однос кон книгите и учењето воопшто:
Имено, кога после сите битки и победи против Darius,
македонската војска ја презела контролата врз главниот град на
Персија, во царската ризница меѓу многуте златни и сребрени
предмети украсени со скапоцени камења, била пронајдена и една
раскошно декорирана кутија, за која на Александар слугите на
Darius му рекле дека во неа персискиот цар ги чувал своите
најскапоцени предмети. Бидејќи Александар по победата врз Darius
се сметал себеси за новиот цар на Персија, тојрешил да ја
продолжи традицијата и во тојковчег да смести некојсвојдрагоцен предмет.
Александар ги прашал генералите од македонската армија и
другите присутни, што е тоа по нивно мислење, што за него е
најзначајно и наскапоцено, достојно за да се стави во ковчегот. Се
појавиле разни мислења, при што некои сметале дека треба да
стави некое оружје, или можеби некојпрстен и печат кралски, а
можеби и да ја наполни со дијаманти кутијата. Откако ги ислушал
нивните предлози, Александар ги изненадил своите соработници
со одлуката во кутијата, во која требало да се чуваат највредните
предмети од неговиот живот, да смести - една книга!
Книгата била токму „Илијадата“ од Homer, во тоа време сметана
за еден од најквалитетните историско - поетски записи, полн со
практични совети и големи мудрости од кои многумина можеле да
учат за владеењето во мирот и однесувањето во војните. Таа му
била омилената книга на Александар, и тој решил токму неа, како
највреден предмет во својот живот, да ја стави во ковчежето
конфискувано од ризницата на персискиот цар.
Кога прв пат ја прочитав оваа интересна приказна, веднаш на ум
ми дојде следново прашање: што би ставиле лидерите од
политичката елита на модерната македонска држава доколку би
имале пристап до царското ковчеже во кое ќе треба ги чуваат
предметите кои најмногу ним им значат?
Едниот лидер веројатно би ставил шише виски во ковчежето,
другиот можеби список со адресите и телефонските броеви на сите
агенции за правење на реклами во земјава и пошироко, заедно со
лист хартија на кој би бил нацртан графикон со движењето на
неговиот личен рејтинг, еден бивш лидер веројатно би го ставил
својот бугарски пасош во ковчежето, а не е исклучено некои
политички големци во таквото едно ковчеже ги сместат и своите
кодошки досиеја од некогашната Служба за државна безбедност
кои успеале да ги украдат на време од архивите пред да почне
процесот на лустрација. А сигурно ќе се најде место и за штедна
книшка од некоја банка во Кипар, Швајцарија или Панама...
Сакам да кажам, не верувам дека било кој од нашите „големи“
лидери ќе стави книга во своето ковчеже за чување на вредни
предмети. А не дека и гласачите на тие политичари се нешто
понаклонети кон книжевноста, по светлиот пример на Александар
Велики. Повеќето просечни млади Македонци, да им дадете шанса
да стават нешто свое највредно во ковчежето на Darius, сигурно ќе
се решат за пиратско DVD со спотовите од некоја српска или
бугарска пејачка со големи гради.
Во денешна Македонија, книга на Aristotle, философот достоен да
биде учител на Александар Велики, можете да си купите во некои
книжари за само сто денари! Две кутии цигари, еден и пол
килограм банани, 400 грама говедско месо или половина табла
јајца вредат повеќе од една книга на учителот на Александар
Велики Македонски. И пак никој не ги купува тие книги.
Очигледно, Aristotle бил доволно добар за Александар, ама не е
доволно добар за Македонците, кои сакаат да се нарекуваат себеси
„чеда на Александар, гордост наша македонска“. Е да, тој таков
каков што бил е гордост наша македонска, но дали ние, вакви
какви што сме можеме да речеме дека тој со нас би се гордеел?
Филип II, кога му се родил синот Александар, му пишал писмо на
Aristotle (со кого се знаел од младоста уште, бидејќи таткото на
Aristotle му бил личен лекар на таткото на Филип) со следнава
содржина: „од Филип до Aristotle, поздрави! Да знаеш дека ми се
роди син. За тоа, на боговите сум им бескрајно благодарен, не
толку поради тоа што ми се роди баш син, туку повеќе поради тоа
што се роди тој додека ти си жив, затоа што се надевам дека ако
ти му бидеш учител кога ќе потпорасне, сигурно од него ќе стане
човек што на моето кралство голема добробит ќе му донесе“
Ете, не бил само Александар тој кој го ценел учењето. И
неговиот татко, кој во една пригода го советувал синот да го слуша
внимателно она што го подучува Aristotle за да не ги повтори
истите грешки што Филип ги направил поради необразованост,
значи и тој бил свесен за важноста на образованието.
За жал, денешните Македонци овој начин на размислување не го
споделуваат со своите славни и успешни предци. Како што
објаснував опширно во една колумна на мојот блог, со наслов „Што
можеме ние Македонците да научиме од Евреите“, во нашата
држава ако некој млад човек седне на клупа во парк со шише
ракија во рацете, нема да изненади никого со таа своја постапка,
но ако биде виден со книга во рацете како седи истиот тој млад
човек на истата таа клупа во паркот – тој ќе стане мета за подбив,
бидејќи во нашиот секојдневен разговорен јазик, да му кажеш
некому да „не се прави паметен“ се смета за сериозна навреда.
Но, дури и оние кои сепак решаваат да учат, поради накриво
насадениот образовен систем во државава, не го прават тоа на
најпродуктивниот начин. Еве, на пример, студентите по економија:
јас сум имал прилика со можеби дваесетина дипломирани
економисти да разговарам за тоа што го учеле на факултет, и од
ниту еден од нив не сум слушнал дека ја прочитале книгата на
легендарниот економист Adam Smith кај нас позната под
скратениот наслов „Богатството на народите“. Книгата ја има и на
македонски преведено и чини неколку илјади денари да се купи,
па можеби тоа е пречка за поголема читаност. Таа може да се
најде и на интерент, на англиски вистина, но може да се најде.
За книгите на David Ricardo или Milton Friedman да не правиме
муабет, а John Maynard Keynes, можеби највлијателниот економист
на XX – иот век и „идеен творец“ на ММФ и Светската банка, за
повеќето наши дипломирани економисти е вистинска terra incognita
(непозната област). И најголемиот дел од нивните професори не се
нешто подобри во тој поглед од нив, затоа што и тие, исто како и
нивните студенти, учеле за големите мислители, а не учеле од
големите мислители. Со други зборови, тоа што тие го знаат за
нивните идеи не го добиле со читање на книгите напишани од нив
лично (иако барем во денешно време сите капитални дела на
мислителите на општествените науки ги има на интернет) туку со
читање на книги напишани од други луѓе за нив.
А како што Aristotle објаснил во едно писмо до Александар, да се
учи од некого и да се учи за некого, не е исто:
„Од Александар до Aristotle, поздрави! Не си направил добра
работа со тоа што си ги објавил твоите предавања во книга. Сега
секој ќе може да го прочита она што ти мене ме подучуваше, и
секој ќе ги научи истите работи што јас ги научив. И по што тогаш
јас ќе бидам подобар од другите луѓе? Мојата желба е да ги
надминам сите останати во паметта, а не во силата. Поздрави!
Од Aristotle до кралот Александар, поздрави! Си ми пишал во
врска со објавувањето на моите предавања, сметајќи дека тие
работи требало да ги држам во тајност. Не се вознемирувај поради
тоа, оти сакам да знаеш дека тие предавања истовремено и се
објавени и се зачувани во тајност. Затоа што нивната смисла е
разбирлива само за оние кои биле на моите предавања да ме
слушаат како ги објаснувам. Другите, нема да ги сфатат. Поздрави,
кралу Александар“.
Овој дел од преписката меѓу ученикот кој бил крал и философот
кој му бил учител, ни ја оставил нам, на идните генерации
историчарот од времето на стариот Рим по име Aulus Gelius. Не
преведував буквално, а и го модернизирав начинот на изразување,
сЀ со цел да биде појасна поуката.
Резиме: Aristotle бил сериозен мислител кој во своите дела
пишувал за политика, економија, право, етика. Во истата епоха
живеел во Athens и еден комедиограф по име Aristophanes кој
пишувал лесни комедии кои на тогашната публика ѐ биле многу
забавни. Александар државникот учел од Aristotle и затоа ги
потчинил жителите на Athens кои не ги ценеле многу своите
мислители (философот Socrates го осудиле на смрт) но ги
обожавале своите комичари, каков што бил Aristophanes.
Во денешна Македонија имаме ситуација кога десетици илјади
млади Македонци се спремни да отидат на стадион и да навиваат
на цел глас за македонската репрезентација. Тоа е прекрасно, но
колку од нив се подготвени напорно и вредно да студираат некој
технички факултет кој утре ќе им обезбеди да најдат самите некоја
продуктивна работа, можеби и во добро платеното странство?
Колку часови трошат младите Македонци пред компјутер играјќи
игри, а колку во учење на програмирање на релациони бази на
податоци или одржување на компјутерски мрежи? Македонија
нема да стане почитувана сЀ додека ние сме дежурни „берачи на
портокали на грчките плантажи“, туку тогаш кога грчките хакери
ќе бидат пресреќни кога ќе пиратираат некој софтвер произведен
од македонски програмери.
Погрешно е да се мисли дека најголемиот успех за Македонците
е да ги навредат Грците. Напротив, најголемата навреда за Грците
е успехот на Македонците. Во секој поглед.
Александар знаел дека кој учи, тој победува. И кој победува, тој
пак треба да учи. А ние ниту учиме, ниту победуваме. Можеби
треба да почнеме да учиме, за да почнеме да победуваме.

Сами...

Малку ќе претерам во парафразирање на мислата на Милчо Манчевски: „Живејте го животот сами, зашто сами ја умирате својата смрт“, зашто самоста во неговата реченица не беше толку потенцирана.
Колку навистина си го живееме животот сами?
Има една група луѓе кои никако не живеат сами, туку се сметаат исклучиво како дел од колективот. Тие се постојано во друштво со некого, работат за некого, се повинуваат, сите свои дневни проблеми ги делат со другите и легнуваат претежно задоволни и среќни што утре пак ќе бидат дел од истиот колектив.
Втората група луѓе, се зависници од другите. Не можат да живеат без другите луѓе зашто мораат ним да им ги кажат сите свои проблеми и на тој начин да се растоварат себеси. Тие можат да бидат малку сами, но се додека не им се случи нешто - па веднаш ја бараат првата жртва за исповедување.
Третата група се луѓе кои се присилени да бидат сами зашто никој не ги дружи. Тие постојано тагуваат по друштво и блиски пријатели, но поради својата неспособност и веројатно неинтересност не проаѓаат кај другите. Тие легнуваат и стануваат тажни и осамени.
Четвртата група се „владетели“. Тие се полни со себе, самоуверени, мислат дека не им се потребни луѓе, а всушност се најголеми зависници од другите. Тие мора да наредуваат, да бараат сите желби да им бидат исполнети, постојано сакаат да добиваат признанија за својата вредност, да збираат ловорики. Легнуваат среќни и исполнети, но може да се разбудат разочарани ако им ја снема публиката.
И петтата група, која им се чуди на сите претходни што се прпелкаат во дупката (бунарот од Талес) зашто се свесни дека сите живееме и умираме сами.
(може има уште групи, но сега се сетив само на овие)

Мразам недела...

Мразам недела...
Мразам недела зашто само за еден ден не можам сè да направам, а морам...
Морам да му посветам внимание на семејството, да направам неделен ручек, да средам по ручекот, да исперам, да испеглам, да средам низ дома, да се подготвам за на работа и се разбира - да најдам време за она што јас го сакам. Всушност тука е проблемот - во недела многу малку (или воопшто) немам време за мене.
Е, ова мене, во последно време почна малку да ме загрижува. Не од мој аспект, зашто мене ми е супер, туку од аспект на надворешниот свет, на светот надвор од мојата „чаура“.
Тоа „мене“ и порано беше присутно, но поради потребите на „другите“ времето му беше кратко. Постепено, времето на „другите“ почнав да го скратувам, а времето на „мене“ да го зголемувам. И што ми се случува? - јас почнувам да си живеам само со „мене“. Во мојот свет постојат илјадници теми кои сакам да ги прочитам и проанализирам, илјадници мислења и едеи кои сакам да ги чујам (поточно прочитам по блогови), илјадници нови нешта за кои порано сум немала време. А и сега времето постојано ми е „кратко“. Затоа спијам по 4-5 саати најмногу за да можам да стигнам да го поминам она што морам - животот во „надворешниот свет“(на работа) и што побрзо да си влезам онаму каде што сакам - во „мојот свет“.
И, добро, што всушност не чини тука?
Можеби не чини што во „надворешниот свет“ јас престанав да живеам. Таму сум само робот кој ги извршува задачите без да размислува и ги сослушува луѓето без да ги слуша. Немам желба да разговарам со никого. Сè ми е досадно. Досадно ми е да слушам за нечии туѓи бракови, деца, рецепти за ручек, расправии, и триста секојдневни глупости. Досадно ми е да бидам фина со тие што морам и да слушам една иста реченица по стопати свртена на разни начини (а понекогаш и несвртена, туку идентична). Досадно ми е да разговарам зашто околу мене нема никој што го интересира она што ме интересира мене. Никој во моето опкружување не чита по 200 страници на ден, никој не пишува ништо, никој не се интересира за филозофија, историја, литература, филм или што и да е за што би можеле да разговараме, а мене да ми биде интересно (или барем да не ми биде досадно). Нема. И, затоа, што би рекол еден мој пријател, целиот овој свет го ставам на „мјут“. А, за тоа време низ мозокот ми се вртат илјадници мисли и се чувствувам вака како што го опишала една блогерка, а понекогаш и вака.
И, ете што ми се случи барајќи конкретен пост од првата - седам тука сама во моето катче и 4 саати ја читам. Влегов во нејзината душа, влегов во нејзиниот свет. Поцрн е од мојот, си се тешам. Таа се обидела да најде блог - пријатели, а јас ни тоа не се трудам. Затоа бегам во „странски“ блог платформи. Македонската е премногу јавна - секој ќе те најде, секој ќе те чита, ќе те става на насловна, ќе те коментира и ќе ти наоѓа маана. Јас не ги сакам сите тие „пријатели“, сакам само еден со кој ќе можам да си ги споделувам моите мисли ... или никој ... па ќе остане само да си пишувам, колку да ми помине маката...


29.1.10

Талес и другите претсократовци

Одамна не сум прочитала нешто погенијално од ова:
Во античкиот свет филозофите се издвојувале како посебни, како занесеници и самотници, па така, често со нив „обичните луѓе“ се потсмевале.
Во една ситуација, гледајќи во небото и ѕвездите, занесен во своите мисли, првиот познат филозоф, Талес, паднал во некој бунар. Некоја досетлива девојка од Тракија му се потсмевала и му рекла: „Како можеш да знаеш за она што е на небото, ако не го гледаш она што ти е пред нозете?“
И, ова би било само една обична досетка, да не се појавува коментарот на Хегел, многу векови подоцна, кој вели: „На обичните луѓе навистина не може да им се случи да паднат во јазот (бунарот) зашто тие сиот свој живот се во него“!
Хахахаха, се извинувам за цинизмот, ама не е мој, на Хегел е!
Зачувани книги од Талес нема, но одблесоци од неговите мисли среќаваме кај подоцнежните филозофи.
За него е значајно што тој претставува почеток на една поинаква мисла, пресврт во осознавањето на светот. Тој светот го сфаќал како единство, а ВОДАТА била начелото (археото) на целиот свет.
Дека сѐ било едно се среќава и во претходни размислувања, па и во Библијата, каде од едното се издвојуваат небото и земјата, но новото кај Талес е свртувањето кон природата - кон водата.
Талес спаѓа во групата на тројцата филозофи од Милет (Мала Азија), кои се сметаат за претходници на Сократ. Како начело, појдовна точка, искон на сѐ, Талес ја сметал водата.
Неговиот современик, Анаксимандер, сметал дека нашиот свет е само еден од многуте светови кои се создаваат и исчезнуваат во нештото, што тој го нарекува „неодредено“. Можеби сметал дека она од што е сѐ создадено мора да биде различно од она што е создадено, па така водата не може да биде искон, туку начелото е нешто „неодредено“.
Третиот, Анаксимен, сметал дека начелото (прасупстанцата, исконот) мора да биде или воздухот или маглата. Тој го знаел Талесовото учење за водата, но сметал дека таа мора да е згуснат воздух.
Не е важно како си го објаснувале начелото овие стари филозофи кои живееле пред 2600-2700 години, важно е што тие мислеле дека од ништо не може да се создаде нешто. Затоа сметале дека мора да постои нешто (начело, искон) од што се создадени сите други нешта.

Уште еден вовед во филозофија

Знаењето не се дава... знаењето се зема!

Пред некое време ми се случи читајќи книга да посакам да стиснам на линкот од некој збор (под влијание на пречестото „висење“ на интернет) и во моментот кога помислив дека сум забегала - всушност сфатив. Иако реално не постојат „линкови“ во печатените книги, јас секогаш сум си ги наоѓала, па затоа до креветот имам по најмалку 3-4 почнати книги, 2-3 штотуку завршени (од кои уште не можам да се одделам) и барем 5-6 што чекаат на ред. А, ако нешто ме заинтересира во некоја книга, а дома „линковите“ ми се недостапни, тогаш трескавично отрчувам во книжарница барајќи наслови кои се поврзани со моето моментално интересирање.
Па така, сега, инспирирана од книгата „Светот на Софија“ и од некои разговори, почнав да и се посветувам на филозофијата. Книгата сум ја читала пред 10 години, но тогаш немав време да се задлабочувам во филозофијата. А, сега..., сега е целото време пред мене...
Иако е многу интересна и постара источната филозофија, таа ќе ја оставам за другпат, зашто се одеднаш сепак не може. Ќе се задржам само на европската, онаа што општо прифатено е темел на модерната цивилизација (се разбира, според сфаќањата на Европјаните).
Често кога ќе спомнеме филозофија си замислуваме нешто заморно, нешто за кое ќе треба длабоко да се помислиме за да го разбереме.
Поимот „филозоф“ во жаргонот означува човек кој само зборува, а ништо не кажува и кој постојано „дави“ со некакви „животни прашања“.
Но, сите ние сме филозофи на некој начин.
Кој од нас не се запрашал:
Кој сум јас?
Која е смислата на моето постоење?
Како е создаден светот (од нешто или од ништо)?
Кое е прво: јајцето или кокошката?
и безброј други прашања...
Античката филозофија е она што ќе биде во центарот на моето внимание. Таа има неколку „фази“.
Првите филозофи се посветиле на прашањата за светот - космосот (хаос - неред, космос - ред) и затоа се нарекува космолошка епоха; потоа интересот се свртел кон човекот - антрополошка фаза; па со подредување и систематизирање на се што го опкружува човекот (Платон и Аристотел) - филозофски системи, времето по Александар Македонски кога културата и сознанијата се ширеле низ целиот тогаш познат свет - хеленистичка фаза; и на крајот се римските филозофи - до Средниот век кога христијанството ја загушило филозофската мисла и наметнало своја. (Страшниот, темен, црн среден век со траење од 1000 години. И, пак се разбира - за мене страшен, и за оние кои имале барем малку напредни мисли).

Еден почеток на филозофија

Што не поттикнува да размислуваме? Кој ги тера нашите мисли наваму или натаму? Која е реката низ чие корито се приклонуваме? Зошто секој ден, се нови и нови работи ни паѓаат на памет? Дали сетилата и дневните искуства ме тераат напред или духовноста и чувствата?
Па, ете, си почнувам јас со филозофија...
И ќе си одговорам на некои од прашањата што си ги поставив.
Моите секојдневни искуства ме прават емпириски поспособна да ги согледувам работите. Разумно да ги распоредувам... но, она што ме тера да создавам, она што ме тера постојано да живеам со широко отворени очи не е разумот. Тоа е љубовта, тоа е желбата за живот, тоа е жалбата секој ден да бидам нова.
И тука пак едно филозофско прашање - дали еден човек е истиот од неговото раѓање до смртта? За мене, ова е најсмешно нешто, зашто јас чувствувам дека сум различна секој ден. Секој ден дознавам нешто ново, секој ден во мојот мозок влегуваат илјадници нови информации. Па како може да бидам истата? Јас не сум истата од вчера, та камоли од раѓање. Можеби мојот мозок на сличен начин ги обработува податоците, па има сличност на јас од детството и јас од сега, но за исто не може да стане збор.

28.1.10

Ти си ми во мислите - Дино Дворник

Кога веќе ми тргна со бесмртните...
сакам и за Дино Дворник да си напишам нешто.
Ако ЕКВ го носат „новиот бран“ во тогашната Југославија, Дино успева да го донесе фанкот.
На почетокот од неговата музичка кариера 1980 г. тоа тешко му оди, бидејќи е несфатен од публиката и дискографските куќи, па дури по 8 години, терајќи го својот „филм“ успева да се пробие.
До почетокот на `90 во дискотеките низ Југославија се пушташе само странска музика, но Оливер Мандиќ и Дино Дворник го сменија тоа...
За жал, токму на врвот од неговата кариера, концертните настапи ги прекинува војната („домовински рат“) и распадот на Југославија. Во тој период Дино заглавува со дроги, но женидбата и раѓањето на ќеркичката успеваат да го извлечат од хаосот.
Сепак, на 44 години завршува неговиот живот (2008), но останаа неговите песни кои се уште си ги пуштаме по журки...



Ти си ми во мислите (Ти си ми у мислима)



Уште ми талкаш во мисливе
Дури и сега кога не сум твој
Уште ме држиш во заби
Без тебе не сум веќе свој
И како сега да се простам од тебе?
И како сега да заборавам не се?

Ти ме креваш до облаци
Ти ме спушташ во гроб
Ти си град на мојот самрак
А јас секогаш, твој сум роб
И како сега да се откачам од тебе?
И како сега да заборавам на се?

Ти, ти си ми во мислите
Ти, ти си ми во градите
Уште ми пловиш во вените

Јас сум човек твој,
јас сум човек твој.

26.1.10

Како низ магла

Распустот на најголем дел од младите им помина како во магла. По цела ноќ само на компјутер, понекогаш со сила надвор на студот, а по цел ден спиење.
Во секојдневното „висење“ на интернет ми се чини дека се губи чувството за реалност. Далеку од тоа дека е неинтересно, зошто инаку би го правеле? Токму напротив, многу е интересно и заразно. (Да си признаам и јас многу не се разликувам од нив.)
Во последно време МСН-то е заменето со ФБ-то, зашто на МСН-то само брбориш, а на ФБ-то можеш и да воајерираш - таму има разни сликички од најинтимни до секакви други глупости. Не дека и тоа не станува досадно, но сепак, можеш да си коментираш, да си се рекламираш, да се глупираш, групираш, понекогаш и работа да изгубиш, на крај и да си разговараш со „пријателите“.
Е, кога сум кај разговорот, баш би сакала да ви пренесам еден пример:

toj: hello xD
taa: hi :))))
toj: kade vecer
taa: me zaeb drudarka mi :S
toj: ?
taa: mi stigna invite :)
za event :P
za hip-hop night
na fb
toj: lol
taa: brb 2 sek
tel :)
toj: k
taa: back
toj: i ti so si prais
taa: niss eve sedam
ti
?
toj: hah pa i ja isto
a so ti stana be so toj eventot??
taa: paaa mozebi ke ideme :P
ne se znae :D
toj: pa sakas zaedno da ideme
ako niso dr ke znaes za sigurno
taa: abe nz za toa
izlea u anja ke ideme
ali mislime da pomineme tamu
ti ke ides?
toj: per abe ustvari planot e u park da ideme
da si pieme pivce
ko lugje ;)
a ustvari so te zaebala taa?
taa: pa toa
niso od hip-hop night :(
ke sme idele u anja -.-
ali ako
nvm
toj: pa zaebi ja i ti nea
doi so nas u park ^^
taa: ne be neka ja
so saka neka prai
e aj ja idam
zzz
toj: ok, se slusame ;)
taa: se gledame
cao
mwa xD

и на крај, ниту се гледаат, ниту се слушаат - зашто на разговор (chat) само си се допишуваат (односно се читаат). Тој на една, таа на друга страна, ама важно времето им помина ко низ магла.
И? Го разбравте муабетот?
Прво, се разбира мора да биде на латиница зашто разно-разни: инвајт, евент, најт и сл. смешно изгледаат напишани со кирилица.
Второ, - ах тие смајлиња! Какви се емоции не прикажуваат: радост, шарм, незадоволство, нерешителност, сомнеж, двоумење... и што ли уште не?
И трето - кратенките - па тоа е врв на инвентивност! - лол, брб, ниш, нз, нвм, ззз, к - ако не знаете што значат - кој ви е крив?

Екатерина Велика (ЕКВ)

Само умрените се бесмртни...

Мојата младост, мојот најубав дел од животот, беше времето на распадот на СФРЈ - времето на Екатерина Велика.
Од 1984 до 1994, страдаше младешта гледајќи и живеејќи го почетокот на крајот. Сликата на таа младина, на тој метеж во кој се најде, се гледа во песните на ЕКВ и во нивниот стил на живеење. Рок, дрога, алкохол... осаменост, генијалност... смрт.
Сите умреа... ЕКВ е бесмртна...

Иако никогаш не се форсирал како лидер, сепак, сржта на ЕКВ е Милан Младеновиќ, гитаристот и вокалот. Како дете од мешан брак, татко Србин, воено лице и мајка Хрватка уште потешко го прифаќа распадот на Југославија, но останува доследен на себеси и никогаш не го напушта Белград.
Вториот, важен член на бендот е Маги, Маргита Стефановиќ, клавијатури; талентирана и шармантна.
Третиот е басистот Бојан Печар, врвен уметник, кој останува во бендот до 1990, а потоа заминува во Лондон.
Останатите членови, доаѓаа и си заминуваа, кој зашто не можеше да ги разбере, кој зашто умираше.
На почетокот од својата музичка кариера, Милан влезе во бендот Шарло Акробата, со Душан Којиќ - Која (Дисциплина кичме) и Иван Вдовиќ (првата жртва на СИДА во поранешна Југославија).
Тогаш ги создадоа незаборавните „Никој како јас“ (Нико као ја) и „Таа се буди“ (Она се буди), но пресилните индивидуалности на тројцата не им дозволи да продолжат заедно.

Милан оформува свој бенд - Катерина Втора, и по промена на неколку гарнитури на крајот таму се: Милан, Маги, Бојан Печар, Иван Вдовиќ и Михајловиќ (според чија девојка бендот го добил името). По создавањето на првиот заеднички албум „Катерина II“(1984), Михајловиќ заглавува во затвор, а по излегувањето не е веќе член во групата. Поради тоа што сметал дека има авторски права врз името на бендот, групата е принудена да го смени - во Екатерина Велика (или скратено ЕКВ). Веќе следната 1985 година го издаваат новиот албум „Екатерина Велика“ и со многу концерти и видеа почнуваат да стануваат популарни. Од овој албум најпозната им е песната „Очи медова боја“ (Очи боје меда).
Песните кои ме се допаѓаат ќе ги преведам на македонски (значи, не ги препејувам, туку само ги преведувам со мали отстапки), а оригиналите можете да ги слушнете и видите на линковите.

Очи медова боја (Очи боје меда)

Паѓа вода
во твоите очи медова боја
јас сум момче од вода
имам траг под левата пазува
на твоите усни со боја на месо
ќе спуштам капка од својата вода
ќе пуштам глас од грлото...
ај ај ај .... ај

твоите усни на мене
твоите раце на мене
и буткам нож меѓу заби
го менувам обликот како видра
носам сабја околу бедрата
ја собирам потта од челото
на твоите усни со боја на месо
ќе спуштам капка од својата вода
ај ај ај... ај

Вториот албум „Со ветрот во лице“ (С`ветром уз лице) 1986 година станува многу популарен и таму има неколку многу јаки песни.

Како да било некогаш (Као да је било некад)

Како да било некогаш
како да било тука
под големото светло Сонце
под големиот светол свод

ручавме месо
глодавме коски
од добри животни

ние имаме сила
ние имаме сила за уште ден

менуваме ден за ноќ
менуваме ноќ за ден
менуваме ден за ноќ
менуваме ноќ за ден

Проаѓаат бродови
трубат во чест
ѕвонат за тревога

децата учат да плачат
децата учат, да го познаваат својот глас

во топлите јасли
во сенката на боровите
под ѕидот на чемпресите
ја менуваме нашата ноќ
за нечиј туѓ ден...


Ти си сета моја болка (Ти си сав мој бол)

Ги тргаш завесите
го гледаш ветениот град
светлата се палат
тлее желбата во тебе
уште ѓаволи ти ѕиркаат од ракавите
секој нокт го крие отровот на љубовта

ти си сета моја болка
ти си сета моја болка

го испитуваш заборавот
го рушиш алибито
одбираш улога како фустан за навечер

патем ме допира мирисот на ноќта
и вели
разбуди се, раздвижи се
разбуди се, раздвижи се

ти си мојата болка
ти си сета моја болка

Пари в раце (Новац у рукама)

Отсекогаш сум сакал
да го почувствувам допирот
леплив од пот
измастен од крв

Пари во раце

ме сака, не ме сака
купи ме, продај ме
ме сака, не ме сака

пари во раце

голема чиста деловна зграда
валкано ѓубре на излез од градот

Пари во раце

ме сака, не ме сака
купи ме, продај ме
ме сака, не ме сака

пари во раце


Биди сам на улица (Буди сам на улици)

Ми треба свет
отворен за погледи
отворен за трчање

ми треба соба
да прими пет илјади луѓе
со кренати чаши

се крши кристал
светкаат стаклени искри
под нашите нозе

како целосни странци
со стакло во очите
со стакло во градите
на лицето...

биди сам на улица
биди сам...

Следниот албум „Љубов“ (Љубав - 1987) се смета за најдобар албум на бендот, иако мене лично следниот, уште подепресивниот повеќе ми се допаѓа. Од тука почнува загриженоста за она што ќе се случува со државата.

Земја (Земља)

Ова е земја за нас
ова е земја за сите наши луѓе
ова е куќа за нас
ова е куќа за сите наши деца

погледни ме
о, погледни ме
со детски очи

во земјата гледам спас
од сон ме буди глас
кој го препознавам
додека гранките ги милуваат нашите тела
додека сенките прават
покрив за нас
Погледни ме
о, погледни ме со детски очи

Слушам врати се
слишам остани
слушам врати се
прости ми
не оди не оди не

во секој пораз
гледав делче слобода
и кога е готово
знај
дури тогаш почнува

погледни ме
о погледни ме
со детски очи

Љубов (Љубав)

Отсекогаш сум спиел
со твоето име на усните
ти отсекогаш си спиела
со моето име на усните

и каде и да одам
твојата рака е во мојата рака
и кога сакам нешто да кажам
јас велам ние

љубов, љубов

сите мои другари
одамна се и твои другари
двоината старите Словени
ја имеле во речникот

и кога сакам да кажам јас
јас велам ние
и кога мислам на себе
всушност мислам на нас

љубов, љубов

и како што ни поминува времето
да, времето ни проаѓа брзо
деновите и ноќите се
слонови на индиски цртеж

боли и боли
и не боли и не боли нас љубовта
не боли нас љубовта

љубов, љубов

Полека здодевноста ни ја замрсува косата
ни ги валка рацете
полека здодевот ни прави брчки
од лажни насмевки
и нашите нагалени зборови се навика
и нашите нагалени имиња се навика

не боли љубовта

љубов, љубов

отсекогаш сум спиел
со твоето име на усните

Албумот „Само неколку години за нас“ (Само пар година за нас) го носи мирисот на распадот на Југославија, на распаѓањето и на таа генерација која мораше сето тоа да го преживува и затоа за мене е најубав.
Прво летачката...

Над градот (Изнад града)

Го изедовме сите зрна
ја пикнавме ноќта в пазуви
испивме се до крај
сувите усни задуваа во едрата

патуваме над градот
градот ни се смее
не гледа нас
бегаме кон новото утро
над градот
под нас

ги споивме дланките
сменивме ден за ноќ

не губиме здив
не губиме здив
малите деца не знаат што е страв

патуваме над градот
градот ни се смее
не гледа нас
бегаме кон новото утро
над градот
под нас
Па, распаѓачката песна...
Круг (Круг)

Си смислив круг
создадов круг
го скршив кругот
низ ветар го разнесов

ветрот мисли, ветрот знае
се што знаеме јас и ти
тој ме сака, ме носи
тој ме раскршува

како да сум изморен
како да сум стар
како да е здодевно
како премногу да знам

го собрав кругот
и повторно го склопив
тој ме сака
тој ме носи
тој ми простува

како не
како да
како забрана
и како дозвола
како не не не
какао да да да
како забава
и како досада

И пророчката
Неколку години за нас (Пар година за нас)

Со пријателот
седиме на клупа
гледаме ѕвезди
и слушаме вести
кои штотуку стигнаа
велат
има само неколку години за нас

имавме играчки
иживеавме се
сите игри на среќа
игри за луѓе
што ги смислил некој
пред само неколку години за нас

живееме во приказни
се браниме
одиме и славиме
некои глупи работи
што ги смислил некој
во само неколку години за нас

не се доволни зборови
само обични зборови
да ме вратат во живот
не е доволен допир
ниту да знам дека те имам
само уште неколку години

знаеш ли
колку сакам да те најдам?
знам ли
што треба да знам?

сакај ме онака
како никогаш до сега што не си ме сакала

расте како надеж, како говор, како море
како движење, како мугра, како дете, како крв
како земја меѓу нас, расте како болка
и гризе пред нашите очи

сакај ме онака
како никогаш до сега што не си ме сакала


На почетокот на 1994 година Екатарина Велика е неактивна. Милан Младеновиќ истата пролет заминува во Бразил каде заедно со пријателот и музичар Митар Суботиќ и со група бразилски музичари работи на албумот Angel's Breath. По неговото враќање во Белград бендот продолжува со концертните активности и отпочнува со работа на новиот албум чиј работен наслов е „Повторно заедно“(Поново заједно). Работата на албумот сепак набрзо е прекината поради Милановите здравствени проблеми. Во август 1994 година бендот свири на фестивалот во Будва и тоа е нивен последен концертен настап. Следниот ден Милан Младеновиќ е префрлен во болница каде што е откриено дека има рак на панкреасот.
Неколку месеци подоцна, на 5 ноември 1994 година, Милан Младеновиќ умира во Белград на 36 годишна возраст. Со неговата смрт Екатарина Велика престанува да постои.
Бојан Печар умира во Лондон од срцев удар на 13 октомври 1998 во 37-та година од животот.
Маргита Стефановиќ починала на 18 септември 2002 година во Белград на 43 годишна возраст. Причината за смртта не е официјално потврдена, но се смета дека најверојатно умрела од последица на долгогодишното интравенозно користење на дрога.
Останатите членови на бендот кои починале се Иван Вдовиќ (во 1992 како прва регистрирана жртва на СИДА) и Душан Дејановиќ (умрел од СИДА на 16 ноември 2000 година во Белград).
И, една убава документарка за нив од четири епизоди - ја има тука од првата епизода, а другите барајте си ги сами.

25.1.10

За Тоше

Само умрените може да станат бесмртни...
Тоше, не заборавам дека ти (мене, воспитана во комунистичко-атеистички дух), ми покажа што е Бог. Бог, во кој јас отсекогаш силно сум верувала. Ти ми го покажа Бог, кој ја соединува целата љубов, добрина и човештина. Бог кој простува, Бог кој помага, Бог кој дарува. Таквиот Бог е во тебе и е во секој од нас.

24.1.10

Зборови

Зборови...
Нема ништо поубаво од зборовите.
Човекот е создаден само за да им најде име (збор) на сите работи. На Земјата да постоеја само животни и растенија ништо не би имало име, не би постоел зборот.
Човековата мисла би била изгубена, а заборавена со текот на времето кога не би постоело писмото (буквите).
Служат тие и за обично „добро утро“, „добар ден“, за комуникација со блиските и раскажување на случките (замислете да требаше да го цртаме сето тоа), но и за изразување на внатрешните немири и чувства, и за внатрешните пориви и „увиди“. Може да се чувствуваме „некако“ и се додека не употребиме зборови за тоа, тешко дека ќе се разбереме самите себе. Зборовите го омеѓуваат и материјализираат чувството. Тоа може да лебди, да те притиска, но кога ќе ги употребиме зборовите, па макар само и како беден опис, веќе сме си го дефинирале.
А, писмото е врв на совршенството - овие зборови што ги пишувам тука, никогаш нема да исчезнат. Тие се такви, овековечени, сега и засекогаш...
И ова беше само почеток, но изгледа дека е тука крајот... Сакав да пишувам и за изворот на зборовите, но сега се преокупирав со нешто што ќе следи од идниот пост...

19.1.10

Заврши распустот

Еден човек тропа на вратата од својот син.
- Чарли, разбуди се.
- Не сакам да станам тато, - му одговара Чарли.
- Станувај, мора да одиш во училиште!
- Не сакам да одам во училиште, - вели Чарли.
- А зошто нејќеш? - прашува таткото.
- Од три причини. Прво, таму е здодевно; второ, учениците ме зафркаваат; и трето, го мразам училиштето.
Таткото тогаш му вратил:
- Добро, сега јас ќе ти кажам три причини зошто мораш да одиш во училиште; како прво, тоа е твоја должност; како второ, затоа што имаш 45 години; и трето, затоа што си директор.
(Од „Будење“, Антони де Мело)

Од Водици - Водолија

Покрај тоа што без вода нема живот, за мене без вода нема ни духовен живот. Таа за мене има исцелителна моќ. Секогаш кога се чувствувам лошо само водата може да ми помогне. Бањата и тушот ми се единствениот лек. А моите психички болки ги лекуваат големите води - реките, езерите, морињата. Веројатно затоа сакам риболов, за што подолго да седам крај големата вода и да ја впивам нејзината енергија. Секое утро кога го поминувам мостот на Вардар погледнувам кон водата и чинам ја примам дневната доза на енергија (понекогаш ми е страв да не се очукам со колата, но за тоа станувам свесна откако ќе го пројдам мостот).
Денес е Водици.
Исус го започнува новиот живот по крштевањето во реката Јордан.
А од Водици започнува мојот хороскопски знак - Водолијата. Не е ли тоа некаква коинциденција од Водици - Водолија?
(Еве што велат за жената водолија, па иако не верувам во хороскопи, сепак, многу работи ми погодиле: Жената родена во знакот на водолија, од своето детство е ведра и радосна личност. Младоста и поминува во потрага и барање на идеал и благородна цел за пат низ животот. По својата душа е уметник, поет и сликар и се ја воодушевува. Таа е вистински претставник на современа жена, голем идеалиста, темпераментна и голем мечтател. Љубопитна е и се ја интересира, макар била неважна мала работа или случка. Било кога и да се омажи, за неа е секогаш рано, затоа што има дух на младост кој тешко се прилагодува на проблемите и должностите на брачниот живот. Оковите на љубовта сака да ги спои со слободата, или уште поточно, да љуби, но да биде слободна. За среќа во бракот бара појасни докази од внимание, подароци и убави зборови. Темпераментна е и за неа велат дека е „жив оган“. Ако е искрено сакана , станува најдобар животен сопатник на својот маж. Родителите Водолии ги охрабруваат своите деца да бидат независни, и да ги следат сопствените таленти.)

И, што сакам да кажам? - Дека се се врти околу водата (особено за Водици). И дека се радувам што ми почнува хороскопскиот знак, зашто во тој период секогаш сум најрасположена и најпродуктивна.

17.1.10

По повод... Доријан Греј

Дали сите генијалци и уметници се забегани? Дали навистина се забегани или само си дозволуваат да ги кажат и покажат внатрешните пориви?
Не сме ли сите забегани, но успеваме тоа да го скриеме од другите? Заради срамот и осудата која следува, па и отфрлањето од општеството?
Викендов се опседнав со „Доријан Греј“. Ја знаев приказната, одамна сум ја читала книгата, ама сега таа имаше поинаков ефект врз мене. Прво го гледав филмот, а потоа со трчање отидов да ја купам книгата и ја прочитав во еден здив.
Колку и да се избегнува, секоја книга го отсликува авторот, неговите размислувања, неговиот живот. Оваа книга целосно го открива Оскар Вајлд.
Човек, исклучително образован и интелигентен, но и свесен за тоа. Човек, растргнат меѓу моралот и неморалот, гревот и чистотата, совеста и несовесноста.
Можеби само бил пред своето време... Зашто неговиот живот во ништо не се разликува од многу денешни животи - но, тогаш бил осуден!
Потекнува од Даблин, од солидно ирско семејство. Татко му бил лекар, но се занимавал и со археологија и етнологија. Бил и голем женкар (имал три деца уште пред да се ожени). Мајка му била голема националистка, пишувала поезија и посветена на големата идеа, па не и пречел таквиот живот на мажот. Оскар детството го поминал во раскошна куќа каде често доаѓале политичари, книжевници, боеми, каде се разговарало и пиело,па така рано созреал.
Уште како ученик почнал да се облекува како денди и да собира скапоцени изданија на книги. Оксфордскиот универзитет го завршил со одликување (што било реткост), а на тамошен натпревар за грчките комедиографи добил златен медал.
Потоа отишол во Лондон каде се облекувал во свила и кадифе, држејќи во раката лилјан или сончоглед, се појавувал во клубовите и салоните каде зборувал за уметноста и станал „гениј на разговорот“. Парите многу лесно ги трошел живеејќи ваков живот, па морал да држи предавања за уметноста, модата, убавиот мебел. Ја прошетал Америка и Канада и често престојувал во Париз. Се оженил со богатата Констанса Лојд, но и нејзините пари брзо се потрошиле. Првите години од бракот му биле мирни, плодни (тогаш ги пишува бајките), му се родиле два сина, уредувал списание за мода и престанал да шета со сончоглед.
Тие години сите салони му биле отворени, со восхит го слушале што зборува. Прекрасните идеи и симболи што со насмевка ги кажувал низ чадот од цигарата полека влегувале и во неговите книги.
Тогаш го напишал и романот „Доријан Греј“ за кој веднаш се зборувало дека е неморален па славата му се искачила на опасна височина. Сè уште господарел во салонскиот живот кога започнале озборувањата за неговото необично дружење со млади, убави луѓе, за неговите тајни пијанства и естетски оргии. Со својата ароганција почнал да го нервира конзервативниот Лондон. На пример, по изведбата на комедијата „Ладалото на леди Виндермир“, тој излегол на сцената со запалена цигара (што било недопустиво) и рекол: „Госпоѓи и господа, можеби не е сосема коректно да пушам пред вас, но мене ми се чини дека е некоректно што вие ми пречите да пушам! Ви благодарам за интелигентниот прием на оваа прекрасна драма, гледам дека ви се допадна речиси колку и на мене“.
И сето ова хедонистичко и декадентно однесување Лондон го прифаќал, но не можел да ја прифати неговата љубовна врска со младиот и убав лорд Алфред Даглас. Бил осуден на две години робија заради „наказно однесување“, а после тоа целосно отфрлен морал да се пресели во Париз и да си го смени името. Како што самиот кажува:„ За човек едно нешто е понепријатно од тоа за него да се зборува многу, а тоа е, за него воопшто да не се зборува“. Набрзо, напуштен од сите, умрел на 46-годишна возраст.
„Доријан Греј“ е огледало на неговиот живот, но ако сме искрени со самите себе... и на сечиј живот.
Покрај главната идеја (да се продаде ли душата заради вечната младост?), книгата е преполна со изреки, често парадоксални, кои те замислуваат и ти се закачуваат во потсвеста.
Трите главни лика во романот мислам дека се и трите (најмалку) лица на човекот.
Едниот, возрасен, умен, полн со мудрости, кој не се осмелува да го живее сопствениот живот па наоѓа невино младо суштество кое сака да го направи она што тој никогаш не бил. Тоа е лордот Хенри кој ги кажува сите епиграми, но и го создава „перверзниот“ Доријан Греј.
„- Лорду Хенри, дали навистина вршите толку лошо влијание?
- Добро влијание, господине Греј и не постои. Секое влијание е неморално - неморално во научна смисла.
- Зошто?
- Затоа што кој влијае на друг на овој му ја дава својата душа. Тогаш човекот престанува да мисли со сопствените мисли и да гори со сопствениот жар. Доблестите негови не му припаѓаат вистински нему. Гревовите негови, ако воопшто постојат, позајмени се. Тој станува одек на туѓата свирка, глумецот за кого не е пишувана улогата. Целта на животот е да се развиваш самиот себе. Секој од нас е тука сосема да ја оствари својата природа. Луѓето денес заборавиле на самите себе. Заборавиле на највисоката должност, должноста кон себе...
Стравот од општеството, на кое се заснова моралот, стравот од Бога, кој е тајна на религијата - тоа се две работи кои сосема владеат со нас.“
Со својата умност, итрина и желба за експериментирање, Хенри влегува во сржта на човековото двоумење, а му го подметнува на Доријан како сопствен избор.
„За нашето одрекување ни стигнува казна. Секој инстинкт, што би сакале да го задушиме, трае и понатаму во духот наш и нè труе...
Единствениот пат да се ослободиме од искушението е да му се предадеме. Спротивстави му се и твојата душа ќе биде болна од копнеж по работи, кои самата себеси си ги забранила, болна од копнеж по она што нејзините страшни закони го направиле страшно и недозволено. Добро е речено: Најголемите светски доживувања се случуваат во мозокот. Во мозокот и единствено во мозокот се случуваат и големите светски гревови.“
За на крајот, сосема да го охрабри во неговите понатамошни чекори со зборовите:
„Грижата на совест е само оправдување за кукавиците.“
(И навистина? Што е тоа грижа на совест? Парадоксално е, но такво нешто не постои! Тоа е измислица за да се опише внатрешниот страв од мислењето на „јавноста“!).
Третиот лик, уметникот Базил, занесен од младоста и убавината на Доријан, го насликува портретот. Љубовта што ја чувствува кон Доријан го гони полетно да го наслика своето ремек дело. Таа љубов му ја обзема душата, а таа душа ја пренесува на платното.
Во тој триаголник, во тој човек поделен на три почнува да живее оној на кој му се дава предност - Доријан Греј.
Значи, како би било кога би се ослободиле од предрасудите, од озборувањата, и најважно од сè - од сопствената грижа на совест заради направените гревови? Сликата презема сè. И душевната болка и надворешните белези.
Но, колку навистина е убаво да се биде вечно млад? И колку е интересно? А, колку е во суштина здодевно!?! Ако искуствата, гревовите, искушенијата не се таложат во тебе - каква ќе биде твојата душа? - Празна! Да се биде само млад и убав е најпразното и најздодевното нешто!
Доријан му се оддава на уживањето по кое ќе дојде до заклучокот дека „среќата е нешто сосема различно од уживањето“, а секогаш на крајот доведува до разочарување.
„- Би било кобно да се знае. Неизвесноста нè предизвикува. Во маглата работите се прекрасни.
- Во неа може да се изгуби патот.
- Сите патишта завршуваат на иста точка.
- Која е таа точка?
- Разочарувањето!“
Покрај овие работи, во книгата е неизбежна провокацијата на ставовите кон љубовта и бракот.
Колку е прекрасно и најотворено прикажана вљубеноста и смртта на љубовта на Доријан кон младата актерка Сибила.
Барајќи авантура, тој се наоѓа во запуштен и сиромашен кварт на Лондон каде случајно влегува во еден театар. Во одвратната нечиста атмосфера меѓу грдите лица тој ја забележува девојката која ги глуми сите главни улоги од драмите на Шекспир. Во таа атмосфера Сибила е вистинска божица. Млада, убава, невина. Тој се воодушевува од нејзиниот талент и најмногу од тоа што секој ден ја гледа различна: како Јулија, Офелија, Розалинда, Имоген...
„Ја гледав во секој век и во секоја носија. Обичните жени не ја будат нашата мечта никогаш. Тие остануваат во оној век во кој се. Никакви волшепства не ги преобразуваат, ниту им даваат нов облик... Нема тајни во нив.“
Една вечер решава да и ја искаже својата љубов на која Сибила веднаш и се предава. Утредента, воодушевен ги присилува своите пријатели да дојдат и да ја видат, па и тие да се воодушеват од неа.
Но, вечерта, Сибила е обична. Не си ја дава душата во глумењето туку само као лош ученик ги кажува репликите. Пријателите со потсмев го напуштаат театарот. Разочаран, по претставата, тој оди и и кажува дека повеќе не ја сака. Таа се обидува да му објасни што и се случило. Дека од сенките на љубовта (во театарот), таа за првпат почувствувала што е вистинска љубов (кон него), и дека тоа сознание ја спречило да глуми. Но, тој не може да прифати:
„- Да, викна тој, ти ја уби мојата љубов! Ти ми ја разгори фантазијата. Сега не ја поттикнуваш ни љубопитноста. Едноставно... не оставаш веќе никаков впечаток врз мене. Те сакав, бидејќи беше волшебна, бидејќи беше умна и генијална, бидејќи ги оживуваше соновите на големите поети и им даваше така облик и на сенките на уметноста. Сето тоа го отфрли. Плитка си и тапа... Што си сега? Убава глумица од трет ред!“
Тој ја сакал таинствената, многулика жена, жената со голем талент, со свое јас, а не обичната, вљубената жена подготвена на секоја жртва.
Овој став кон вљубеноста и романсата е кажан и на друго место:
„Еднаш преку цела сезона носев само темјанушки, како некоја уметничка тага по една романса, која не сакаше да умре. Најпосле сепак умре. Не се сеќавам веќе што ја уби. Мислам дека тоа го направи со намера целиот свет да ми го принесе како жртва.“
Или за жените:
„- Мора да признаеш дека жените им подаруваат на мажите чисто злато од својот живот.
- Можно е, но, потоа бараат на секој начин да им го вратиме променето во ситни пари.“
„Единствената убавина на минатото лежи во нејзиното минато. Но, жените никогаш не знаат кога завесата е спуштена. Секогаш тие би сакале уште некој шести чин и иако делото веќе не ни најмалку интересно, тие сакаат да го продолжат.“
Книгата е преполна со епиграми од сите теми:
„Бракот ја има таа убавина животот на измами да го прави и на едната и на другата страна неопходно нужен.“
„Смеењето не е за пријателството најлош почеток, но, несомнено е негов најдобар крај.“
„Нема човек кој е во состојба да го поднесува другиот кој е со исти недостатоци.“
„Оние кои се верни ја познаваат само тривијалната страна на љубовта, само неверните ја познаваат трагедијата на љубовта.“
„Ние старееме и стануваме грди кукли и спомени нè гонат на поминатите страси, од кои се грозевме и на слатките искушенија, на кои немавме храброст да им подлегнеме.“
„Секогаш сакам за своите нови пријатели да знам сè, а за старите ништо.“
„Луѓето кои сакаат само еднаш во животот всушност се површни. Она што тие го нарекуваат верност, јас го нарекувам или мрзливост на навиката или недостаток на фантазија.“
„Туѓата трагедија секогаш има врз себе нешто неверојатно обично.“
„Нашата иднина ќе биде како нашето минато, и гревот, кој еднаш сме го направиле со одвратност, ќе го направиме повеќе пати и тоа со уживање.“
„Големите глупости секогаш се прават од најблагородни мотиви.“
„Најглавниот недостаток на бракот е што нè лишува од егоизмот. А, луѓето, ако не се себични, безбојни се. Им недостасува индивидуалност. Но, постојат и такви природи, кои бракот ги прави сложени. Тие го задржуваат своето јас, па тогаш му додаваат многу други јас.“
„Кога сме среќни, секогаш сме добри; но, кога сме добри, не сме секогаш среќни.“
„Да се биде добар е да се биде во хармонија со самиот себе. Несогласноста владее таму каде што човек е принуден да биде во хармонија со другите.“
„Постојат два вида луѓе кои се навистина привлечни. Едни кои апсолутно знаат сè и други кои апсолутно ништо не знаат.“
и, само уште едно, зашто инаку ќе треба да ја препишам целата книга:
Подобро е да не се разликуваш од никого. Грдите и глупави луѓе најдобро живеат. Тие се во состојба да седат мирно и да се џарат во играта. Тие, всушност, не знаат за победи, но исто така не знаат ни за порази.“
Уживањето во книгите е незаменливо. За жал, младите ретко си го дозволуваат тоа уживање.
А, јас, бидејќи немав со кого да си ги споделам чувствата и опседнатоста со книгата, го направив тоа тука... Сега ми е полесно.

15.1.10

Шехерезад - Династија

Вчера, требаше да одам на именден кај еден пријател, Васил, ама не отидов бидејќи имав поважна и неодложна работа.
Денес, се видовме за честито и ни раскажа како поминале гостите.
Невообичаено постарите наместо во 7-8 часот, му дошле во 6. Во 8.30 немал гости - сите си отишле. Младите, кои обично доаѓале во 9.00 никаде ги немало. Зачуден, се јавил кај некој пријател да го праша дали ќе доаѓаат, а тој му одговорил:„Еве, сега, да заврши Шехерезад“. Тогаш на Васил му станало јасно зошто и постарите си отишле.
Па, каков е овој феномен - Шехерезад?
Сите дружби, договори, состаноци да се организираат и програмираат според терминот на Шехерезад, да не случајно се пропушти епизодата!!!
На фејсбук постојано се коментира за Шехерезад, па дури се кажуваат цели реплики. Имаше и Шехерезад честитки за Нова година (Во новата година да бидете сакани како Шехерзад, бизнисот да ви цвета како на Онур, да си имате најдобар пријател како Бену, а љубовта да ви е вечна како на господин Бурхан и госпоѓа Надидан.)?!?
Се сеќавам, кога бев млада, дека Скопје беше празно кога имаше „Династија“. И тогаш не разбирав, а не разбирам ни сега!
Како може да се биде толку зависен од телевизиска серија? За жал, не ги знам содржините ни на едната, ни на другата за да можам да направам поопстојна анализа, ама верувам дека се обични сапуници, без вистински вредности.
Не сфаќам, па тоа ти е. Мора да сум многу глупава...

14.1.10

Трета среќа!

Обичајот, „пита со паричка“ некои го прават за Бадник, а некои за Василица. Јас ги прифаќам и двете, па така годишно имам 3 пити со парички во кои учествувам. Кај мајка ми, кај свекрва ми и на работа. Порано многу „страдав“, бидејќи никогаш паричката не ми се паѓаше мене, а потоа си се помирив. Ама, оваа година сè се смени.
За Бадник се собравме кај моите родители цела фамилија, а татко ми ги кршеше и ги делеше парчињата лепче. За Господ, за куќата, за најстариот, и по ред за сите по возраст. Кога скрши едно парче, од него ѕирна паричката, а син ми веднаш извика „ене ја!“. Сите се збунија, па и татко ми. Не знаеше кој му е на ред, кому треба да му ја даде веќе откриената паричка. Ама редот си бев јас - па свечено ми ја доделија. Малку сомнително ми беше ова паѓање на паричката, па не го сфатив како моја среќа.
Денес, на работа, повторно сомнителен случај.
Кога ги поставија питите на маса, јас излегов малку. Кога се вратив, пити повеќе немаше. Ама на колешката што седеше до мене случајно и се фатиле две парчиња. Едното го изела, а другото не можела. И побарав само мало крајче за да не биде дека воопшто не сум пробала од питите. Таа ми рече:„Земи, ама ако има паричка, моја е“, а јас и одговорив: „е, не може, ако има, моја си е.“ Откинав еден залак и од него испадна паричката. И сега, чија е паричката? По долго полемизирање, „судот“ одлучи да ми ја дадат мене. Ама, искрено, не ми беше ќеиф.
И, конечно, попладнево кај свекрва ми беше последното место за докажување на правдата. Додека возев натаму бев убедена дека паричката ќе ми се падне мене, за да не се сомневам во претходните два случаја. Таму, си го одбрав парчето, пробуричкав - ништо. Ама и кај другите ништо. Си земаа сите по уште едно парче со надеж дека овојпат ќе имаат повеќе среќа, но јас не можев да земам, бидејќи и првото ми беше многу. И... на крајот, кога го изедов речиси целото парче, кога дојдов до корката, ја здогледав - ми светна! „Еве ја!, - реков, - сепак била кај мене!“
Ете така. Оваа година надокнадив за сите претходни. Којзнае колку среќа ќе ме прати! Тројна среќа!
Се зезам, не верувам во среќа од парички, ама чувството е убаво кога токму тебе ќе ти се падне.

Свастика - коловрт: вечни да сме, со среќа

Кога го прашале Конфучие: „Што би направил прво кога би дошол на власт?“ тој рекол: „Прво што би сакал да направам е да им го вратам првобитното значење на буквите (симболите)“.
По повеќе од шест децении (од завршување на Втората светска војна) време е за рехабилитација на свастиката.
Свастиката (кукастиот крст) кај нас сè уште се поврзува само со Хитлер и фашизмот.
Но, тој симбол има длабоки корени во минатото. Се смета дека е ариевски знак кој означува вечен живот, единствена животна сила, вечно таинствен, непознат, никогаш умирачки животен дух на вечно пулсирачкото Големо срце на кој е заснована целата вселена.
Зборот „свастика“ потекнува од санскритот, од зборовите:„су“ што значи „добро, прекрасно“ и „асти“ што значи „е, да биде, (јест, на др. сл. јазици)“. Во буквален превод: „добро е“. Како симбол, тој ја добил и наставката - ка за означување на нешто мало (деминутивна наставка која и денес ја има во нашиот јазик) и значи „среќа“, и предмети што носат среќа. Односно, во буквален превод: среќичка.
Се среќаваат најразлични форми, а и називи за свастиката (коловрат, свет дар, сонцеврат, агни, сончев крст, перунов цвет, боговник, сварожич, јароврат, одолен-трева, родимич, чароврат итн.). Во Македонија го викаме коловрт.
од Про-свасикаод тука.
Историјата на симболот навлегува во длабокото минато на палеолитот. Најстарите пројави на свастиката се датирани 10- 15000 г.п.н.е., а се среќава кај многу народи: келти, германи, словени, етрурци, скити итн., а во една своја варијанта и кај античките Македонци.
Еден од првите, најстарите артефакти на кои се распознава издлабена еден вид свастика е бразлетна од мамутска коска пронајдена во Украина.
Од 7-6000г.пн.е. на глинени печати се среќава свастиката во Анатолија и Месопотамија.
Во древна Индија и кај Буда, односно Будизмот.
Од 5500-3000 г.п.н.е. има артефакти од познатата триполска култура, исто така од Украина, глинени садови со нацртани свастики.

Божицата Атина на својот штит, а често и на облеката го има симболот на свастиката.
Кај Словените кај богот Перун ја има свастиката
го има и кај Апачите
кај Баскитеи кај многу други.
Во Македонија, симболот исто така има длабока историја. Го среќаваме во неколку варијанти. Класичната, четириаголна, која ја има на мозаиците на Плаошник, и уште покласичната: Македонска, која ја има на секој чекор.
Кога пред еден месец бев на Кале, фрлени на земја ги видов овие мермерни плочи:
Тука има неколку симболи кои ги среќаваме во Македонија, меѓу кои и коловртот.
Коловртот го има на античкомакедонските штитови...но, и на многу други места... на камен, на мермер, на бронза, во пештери и во цркви...(во Св. Спас, пред гробот на Гоце Делчев)(реконструкција на старата плоча во Водоча).
Симболот на вечноста сигурно е поврзан со вселената. На нашето небо може да се види ова, па затоа некои сметаат дека симболот потекнува од тука.

Како и да е, симболот секогаш означувал нешто убаво, вечно, додека Хитлер не го уништил земајќи го за свое обележје.

13.1.10

Српска слава

Во пресрет на Василица, а сè уште под импресија на препрочитувањето на српската историја...

Србите, крсните слави ги сметаат за свој ексклузивитет нарекувајќи ги „Српска слава“. Па, дури, во „Новата српска историја“ пишува : „Славата е обичај на сите православни Срби, а донеодамна и на македонските Словени“. Или, со други зборови, сите што слават слава се Срби, а бидејќи јужносрбијанците се македонизирале, веќе не слават слави.
Ниту можам да прифатам дека славата е „српски специјалитет“, а уште помалку дека во Македонија веќе не се празнува.
За потеклото...
Официјално, најстарите податоци за постоење крсна слава (семејно христијанско празнување) потекнуваат од 9. век, од областа Девол, јужно од Охридското Езеро.
Има разни претпоставки како настанало ова празнување, како на пример, дека тоа било денот кога семејството го примило христијанството или пак дека е наследено уште од паганскиот период како славење на други домашни божества, а посветено и на (мртвите) предци. Но, со тек на време славите добиле христијански карактер.
Да се потсетиме - во 9. век се појавува словенската писменост која имала за цел полесно ширење на христијанството меѓу сè уште нехристијанизираното словенско население. Ова особено се однесувало за териториите северно од Македонија, бидејќи Кирил и Методиј, веднаш по создавањето на писмото заминуваат од Македонија (очигледно дека тука немало потреба од поголемо задржување и христијанизирање, зашто населението веќе било христијанизирано. А, ако си помислите дека тие биле Грци, не заборавајте дека Кирил е одбран за создавач на азбуката - бидејќи сите Солуњани чисто словенски зборувале).
Сепак, мислам дека овие официјални податоци и не се баш точни.
Еве зошто...
Размислувајќи еднаш, зошто на сите Егејци домашна слава им е Митровден, дознав дека тоа е празник на градот Солун. Односно дека во 3. век во Солун живеел Светиот великомаченик Димитрија кој за време на животот бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитрија Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата Свети Димитрија во Солун од крајот на петтиот век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии.
Значи Митровден (св. Димитрија) посведочено се празнува уште во 5. век во Солун како колективна слава. (Нели Србите доаѓаат на Балканот во 6.-7. век, а Цар Душан за првпат стигнува со своите освојувања во тој дел во 11. век, епа за каква српска слава зборуваме?)
Така ми се разјасни зошто Егејците сега слават Митровден - зашто тоа празнување си го донеле од старите и во новите домови како спомен.
Толку за потеклото, а за денес...
Денес во Македонија и тоа како се слават сите видови слави. Крсни (домашни), имендени (во чест на светецот чие име го носи домаќинот) и колективни (селски и градски) слави - во чест на избран светец, заштитник на селото или градот.
Многу е смешно некој да констатира дека во Македонија не се слават слави (па секој од нас знае зошто зиме сите правиме стомаци). Но, ваквата констатација напишана во официјална и призната историја има своја позадина и воопшто не е смешна. Индиректно (или директно) се вели дека сите што во Македонија празнуваат слава се Срби.
Инаку, да не ја заборавам и Василица. Кај нас таа се празнува на целата територија на Македонија и колективно и како крсна слава и како именден. Начинот на празнување е различен. Колективното празнување со маски говори за длабоките корени во минатото (од времето пред христијанството), домашното празнување и имендените пак, се поцивилизирани и понови. Тоа е типична слика на Македонија и Македонецот, кој се труди да го фати чекорот со модерниот свет, а го чува исконското како најсвето нешто, па макар тоа било и паганско. Измешаното и испреплетено старо и ново нè прави уникатни и свои. Од тоа не треба да се срамиме, ниту да бегаме. Мешањето на старото и новото, на разните обичаи од разните народи секогаш изродува квалитет. А Македонците се квалитетен производ и не слават „српска слава“ - туку своја!

Quit smoking, start fucking

Од Нова година наваму одбивам да одам по кафани, кафулиња и останати „собиралишта“ за да не дојдам во понижена ситуација. Но, денес ме натераа.
Кафето пола си го испив надвор. После пола чаша ракија, со мезето излегов надвор. Пред да стигне ручекот излегов надвор. По ручекот веднаш излегов надвор. Потоа нервозно го следев муабетот и ги натерав сите да побрзаат за да може да излеземе надвор.
А, надвор... убавина. Сонце пукнало, грее, топли. Друштво екстра - повеќе од внатре и сите се солидаризираат и пцујат се живо и диво, а особено доносителот на законот. Мајки и шајки летаат на сите страни, но искрено и во тоа си најдов убавина. Ако некогаш сте биле во болница (не дај боже) знаете како е. Таму со сите стануваш неразделен пријател, без разлика на возраста, на образованието и потеклото. Маката те тера да си ја поделиш со тој што е до тебе. Ете, така исто е и пред кафеаните. Стекнуваш неразделни пријатели по плукање на влада.
Значи, тие ми се супер, ама со непушачите ми е огавно (нормално не со сите). Колку грозно ми се ситат! Со презир кон одвратната пушачка ми го покажуваат моето место - надвор, крај ѓубриштето! Со какво задоволство и исполнета душа ме гледаат како се понижувам барајќи место за своето уживање. И само редат забелешки... и само јадат...
Баш ми се гади...
Затоа, не одам веќе во кафана!
И, за да не се чувствувам толку дискриминирана и понижена, а за да бидам „совесен граѓанин“ решив да седам дома на раат спротивставувајќи и се на девизата на владата „Quit smoking, start fucking“!

12.1.10

Камо Македонија да беше како Вевчани

Нема поинтересно место и поинтересен случај од македонската гордост - селото Вевчани. Тоа е село (во минатото поголемо од Струга) каде жителите успеале целосно да си го задржат својот идентитет со чувањето на верата и старите обичаи.
Ни, турско, ни српско, ни бугарско, ни југословенско - никој, ништо не им можел. Најголемиот доказ за непокор и чување на своето Вевчанци го покажале во 1987 г. кога тогашната комунистичка власт сакала да ги каптира изворите, под изговор дека носи вода во соседното село, Октиси, а всушност, сакала да влече вода за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што имаа вили тогашните челници на комунистичката власт. На тоа се спротиставиле Вевчанци со барикади и не дозволиле да се постават цевките. Немирите го достигнале својот врв на 7 август 1987 г., кога интервенирале специјални полициски сили и за првпат во тогашна Југославија биле употребени ,, електрични пендреци“.
Тогаш Вевчани прогласува своја држава, прави свој пасош и свои пари!!!
Сега тие се употребуваат за промоција и реклама, но тогаш си го кажале своето.


За потеклото на жителите се тврди дека се чисти словени од племето Брсјаци, но според задржаните пагански обичаи, симболи и сл. мислам дека таквото тврдење е глупост. Во близина на селото се наоѓа античка населба Селиште, а и називот Вевчани значи исто (Селиште). Но, на крајот, тоа воопшто не е важно. Важно е што сега Вевчанци се закон!

За повеќе информации, прочитајте од: официјалната страница, сајтови, блогови, Вики...


Утре таму се случува најголемата фешта... Вевчанскиот карневал... Ајде да одиме...

Нов закон

Мислам дека Владата, покрај многуте закони за европеизација на Македонија, заборави да спроведе еден многу важен закон: ЗАКОНОТ ЗА НЕСМРДЕЊЕ.
Предлагам неколку точки кои треба да ги содржи тој закон:
Укинување на претходни одредби:
1. Се укинува пролетното капење како единствено во годината.
2. Се укинува и законот за оние кои беа научени да се капат само во недела.
Новиот закон ги предвидува следните одредби:
1. Гаќите, чорапите и целиот долен веш не смее да се носи повеќе од еден ден (потоа се пере);
2. Горната облека смее да се носи најмногу два дена, да се проветри во меѓувреме, а потоа и таа да се испере;
3. Влакната од под мишки да се отстрануваат (за другите места по сопствено наоѓање);
4. Секое утро, пред излегување од домот, граѓаните се должни да се забањаат, да си ги измијат забите и да бидат уредни;
5. Неспроведување на претходните одредби е казниво поради нарушување на туѓиот простор, загадување на воздухот и труење на околината.

Македонија во српската историја (петти дел)

„Да убиеш човек е криминал, а да масакрираш нација - е прашање“ (Виктор Иго, 1876г.)
По атентатот на принцот Фердинанд, Австро - Унгарија и објавува војна на Србија со што започнува Првата светска војна.
Исходот и воениот плен на Србија од оваа војна е создавањето на Југославија (Кралството СХС) зашто со него владеело српската династија Караѓорѓевиќ. Во оваа држава биле признати само трите народи (Србите, Хрватите и Словенците, и тоа под контрола на Србите), а другите биле обесправени и непризнаени. По Октомвриската револуција се формира Комунистичката партија на Југославија која на парламентарните избори ќе добие многу гласови.
И сега Србите тврдат дека тогаш не постоел македонски народ, но во одлуките на Петтиот конгрес на КПЈ од 1924г. во 7. точка пишува:
„Бидејќи во Југославија постои масовно движење против националното угнетување во сите негови облици, масовното движење за право на самоопределување, националното прашање има актуелно и остро обележје и непосредно ги засега интересите на работничката класа. Заради тоа, општата парола во врска со правото на самоопределување, која ја истакнува КПЈ, мора да се изрази во облик на издвојување на Хрватска и Словенија и Македонија од составот на Југославија и да се создадат независни републики.“

Прашањето ми е кој тоа сакал да се самоопределува и издвојува како посебна република во Македонија? Јужносрбијанците?

Откако ја увидел опасноста од распадот на неговото ново кралство, во 1929г. кралот Александар прогласил диктатура и ја преименувал државата во Југославија. Во „Обзнаната“ на Александар била забранета работата на КПЈ. Тогаш, сфаќајќи ја опасноста од интелектуалниот млад македонски кадар, во Македонија се укинуваат училиштата!!! Со Закон таа година се затвараат гимназиите во: Струмица, Ресен, Кавадарци и Кичево. Укинати се и нижите гимназии во: Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Струга, Ресен, Дебар и Гостивар. Исто така дотогашните полни гимназии во Велес, Куманово, Штип, Прилеп и Охрид се претворени во неполни гимназии, а Учителската школа во Прилеп е затворена. Намалувањето на просветните институции во Македонија продолжило и во наредните години. Тоа ти јака српска филозофија - прост народ, силна држава!

Но, македонското прашање се позасилено почнало да се поставува. За наша среќа победници во Втората светска војна се комунистите кои го одржале ветувањето и овозможиле формирање на посебна македонска република.

За периодот по војната во „Новата српска историја“ пишува:
„Во Македонија, чии граници, со мали поправки била земена цела Вардарска бановина, по протерувањето на колонистите населени во меѓувоениот период, следела присилна асимилација на 140000 Срби... Додека на Србите им наметнувале промена на презимињата од -иќ на -ски, таков вид дискриминација не бил предвиден за другите етнички заедници“. (Хахахахахахахахахахаха, и уште едно ха!) „Македонските словени во училиштата учеле дека биле жртви на две „српски окупации“, по Балканските и по Првата светска војна. Поттикнато од македонските комунисти и со согласност од федералното водство, црковната хиерархија во Македонија 1958 г. добила автономија, а 1967 г. вон црковните канони била прогласена автокефалност на т.н. Македонска православна црква. Оваа творба, меѓутоа, не е признаена од ниедна православна црква, а признание има само од Ватикан.“

Значи, какво лажење и извртување на фактите!!!
1. За делот со презимињата просто не можам да се изнасмеам! Тука спаѓа промената на презимето и на мојот дедо (од тетовскиот крај) кој претходно бил преименуван со -иќ (а, едно време и со -ов)! По војната човекот го прашале како сака да се презива, никој не го присилил да си го смени презимето (тоа го имам слушнато со мои уши), и бидејќи, конечно дошло „НАШЕТО“ тој си го одбрал презимето со -ски!
2. Во врска со учењето на историјата во училиштата. Сега, препрочитувајќи ја српскта историја, сфаќам колку повеќе ја познавам српската од нашата. Ми се чини дека ние во школо сме учеле српска, а не некоја друга историја! (Почнувајќи од Немањиќи, па наваму, сите фаци им ги знаев. Од каде? А за Ченто првпат слушнав пред 10 години!!!)
3. А, третиот дел, најзначајниот, бара многу поголемо внимание и историски осврт за да се разбере. Но, едно е јасно. Србија и српството е секогаш врзано со православната црква. Тие ден-денес не ја признаваат македонската црква, затоа што така ќе треба да го признаат и македонскиот народ!
Некои забелешки од денешен аспект, а што ги памтам:
1.Колку не е ширен никаков македонски национализам во Македонија по 1945г. може да се заклучи и од имињата што им биле давани на институциите, улиците, плоштадите итн.
До вистинското осамостојување на Македонија, дали само 10% од училиштата носеа македонски имиња! Се уште не сме ги заборавиле тие имиња (некои уште ги викаме по старо), на пример: Моша Пијаде, Владимир Назор, Иво Лола Рибар, Ленин, Ј.Б. Тито, итн. (во духот на комунистичкото единство).
2. Се сеќавам дека под изговор на мал пазар во Македонија детските и младински списанија не се преведуваа, туку беа на српски (Политикин забавник, Микиев забавник и сите други). А, во Словенија која имаше ист таков пазар, тие си беа преведени на словенечки јазик.
3. Македонските музички групи НЕ СМЕЕЈА да издадат албум, ако сите песни им беа на македонски јазик!
4. Беа, и се уште се, форсирани српската музика и српските телевизии во Македонија.
5. Во контакти со Срби, во 1980-85г. ги доживував најомаловажувачките моменти - кога ми се потсмеваа дека се сметам за Македонка и ме нарекуваа Јужносрбијанка!
итн...
И, наместо заклучок:
Очигледно, на Србите не им се допаѓаше старата, па мораа да си напишат „Нова историја српског народа“ - каде сосема ќе ги збришат Македонците.
Во книгата (а и во сите учебници) за нас исклучиво го користат терминот „Македонски словени“ (ни случајно Македонци).
Освен што се тврди дека новата „македонска“ нација почнала да се формира по 1944 година, за да го поткрепат ова нивно тврдење морале често да преведуваат погрешно од други книги и ниту еднаш во текот на историјаа да не го спомнат зборот МАКЕДОНИЈА - ниту како територија, ниту како тема, област, што и да е... Како таа да не постоела, а барем како таква можеме да ја видиме на сите стари карти. (Се спомнува само по 1944 година и тоа со голема иронија, како Вардарска бановина која станала Македонија).
Понатаму, иако е факт дека пишувам на кирилица, таму пишува:
„Кирилицата е азбука со која и денес се служи дел од словенскиот свет: Срби, Руси, Бугари, Украинци и Белоруси“.
Македонците ги нема! Зошто?
Затоа што не ги сметаат за Словени?
Затоа што азбуката ја сметаат за српска?
Затоа што Македонци не постојат?

Ова не го пишувам за да создадам било каква омраза, или не знам што. Ова го пишувам зашто е факт. Србија, исто како Бугарија и Грција не сака да го пушти Македонецот да си живее раат. Како што би кажал Слободан Милошевиќ: „Независна Македонија - мало морген“ !!!
Па, затоа, не треба да гаиме илузии дека Србите ќе ни помогнат. Тие се единствените кои го изгубија парчето што го ќарија од Балканските војни и убедена сум дека не им е сеедно. Во комбинација со Грција, нема шанса да излезе нешто поволно за Македонија!

10.1.10

Македонија во српската историја (четврти дел) - чие е бебето?

Почетокот на 20. век ја означува најголемата бескрупулозност на Балканскиот експанзионизам.
Да не повторувам пак за тие војни, веќе кажав кога пишував за бугарската историја (во четвртиот дел).

Во библиската приказна за бебето, со древна мудрост ни се распостила целата историска вистина за Балканските војни.

Соломонов суд е библиска приказна, во 1 Цареви 3:16-28, каде две проститутки доаѓаат кај цар Соломон и му носат едно машко бебе. Тие живеат заедно и секоја од нив тврди дека му е мајка. Жените велеле дека една ноќ, откога на секоја од нив ѝ се родило дете, другата жена се разбудила и сфатила дека си го угушила детето додека спиела. Во очај и љубомора жената го земала мртвото дете и го заменила со живото дете на другата жена. Утрото жената се разбудила покрај мртво бебе, но веднаш сфатила дека не е нејзиното, туку на другата жена.
По извесно размислување, царот Соломон наредил да му се донесе меч. Рекол дека има само едно праведно решение: живото бебе мора да се расцепи на две половини за да се подели подеднакво на двете жени. Кога ја чула оваа страшна пресуда, вистинската мајка извикала: „Ах, господару! Детето нека ѝ биде дадено нејзе, само немојте да го убиете!“ На тоа лажливата жена извикала: „Нека не биде ни мое ни твое: пресечете го!“. Соломон веднаш ѝ го дал бебето на вистинската мајка, воочувајќи го инстинктот на вистинската мајка да си го заштити чедото, и дека лажливата жена го барала само од љубомора.“ (од Википедија)


Значи, чие е бебето?


Само Македонците плачеле по обединета Македонија, па дури и под Османлиска управа (како автономија), а сите други сакале да ја делат и масакрираат со својот меч.
Сто години веќе поминаа, а ние уште плачеме по бебето, а другите уште нè убедуваат дека бебе - нема!
Откако по Балканските војни го искасапија бебето, новите мајки си го воспитуваа парчето секоја на свој начин.
Сегде му дадоа ново име, ново презиме, нов стил на живеење. Сите го пратија во нивно училиште за да научи да живее на нивниот начин.
Бидејќи најголем дел од бебето замала Грција, таа си имала и најголеми проблеми, па решила целосно душата да му ја извади.
Кај мајка - Србија и не било толку страшно. Таа била понежна, со убаво сакала да му објасни на бебето дека не е повеќе она што било, туку мора да биде исто како мама.

Македонија во српската историја (трет дел)

Неколку востанија во текот на 19. век, но и поддршката од Големите сили доведуваат до создавање на Кралството Србија.

1804г. е Првото српско востание, на чело со Караѓорѓе, но по Второто српско востание 1815 г. на селанскиот водач Милош Обреновиќ, Србија станува вазалско кнежество. Тој својата титула „ја купил“ така што главата на Караѓорѓе му ја подарил на Султанот.
Веќе по 6. руско-турска војна, 1828г. со мировниот договор во Адрианопол, Србија се здобива со целосна автономија, но врховната власт останува во рацете на Турците.
„Кнезот Милош, како и Караѓорѓе, тежнеел кон обединување на сите Срби, секогаш помислувајќи на Херцеговина, Босна и Стара Србија (Косово, Метохија, Стара Рашка, северна и западна Македонија)“.
Тогаш се случува националната преродба која ја предводи Вук Стефановиќ Караџиќ, реформирајќи го српскиот јазик и азбука, пишувајќи речник на српскиот јазик, собирајќи и објавувајќи ги сите народни песни, ја превел Библијата, и ги „преиздал сите стари списи“.

Во занесот на српскиот романтизам, ретко тие преводи се веродостојни, односно од сите го брише зборот „Македонија“, веројатно прилагодувајќи се на моменталните состојби (заменувајќи го со Грција, или Румелија). Ова веќе го спомнав со Душановиот законик.
Но, сепак, и тој има пропусти... па вели... “су се Маћедонија српске звале све земље народа нашега (Владимир Ћоровић: Историја српског народа, налов „Обнова пећке патријаршије“, Прва књига, Издавачи "Глас српски", Бања Лука и "Ars Libri", Београд, 1997 г.)

- но сега веќе не. Од него па натаму, ништо не смее да се вика Македонија!

Па, така, во средината на 19. век започнува борбата за поделбата на „териториите“ во минатото наречени Македонија, а сега безимени.

Првиот Балкански сојуз е склучен 1866-1868г., но разговорите започнале уште во 1860г. Во 1861г. во Цариград започнале српско-грчките преговори во кои се разговарало за создавањето на Бугарија, дипломатските акции и за идното територијално разграничување. Во 1868 г. е склучена српско-грчка Конвенција, во која, во случај на заеднички воени акции, на Грција би и припаднале Епир и Тесалија, а на Србија Босна и Херцеговина (и тогаш сè уште биле релативно скромни!).

(Интересно е што ова време во учебник за средно образование од 1871г. Македонците се нарекуваат „најстар народ на Балканот“, за набрзо потоа да ги снема од сите нивни учебници и тогашни и сегашни.)





1878г. се случува Берлинскиот конгрес кој бил реакција и поништување на одлуките на Санстефанскиот мировен договор и создавањето на Голема Бугарија. На овој Конгрес Србија добила повеќе отколку што очекувала - независност и нови територии кон југ.

За да си ја зацврсти својата положба, Милан, 1882 г. Србија ја прогласил за Кралство. За ова, 1881 г. склучил тајна конвенција со Австро-Унгарија, со која се обврзал дека ќе се откаже од секаква агитација во Босна и Херцеговина, а добил ветување за територијално ширење кон југ.

„1885г. почнала Српско-бугарската војна. Кралот Милан и неговата влада сметале дека тоа што кон Бугарското Кнежество е приклучена и Источна Румелија се нарушила рамнотежата на Балканот. И наместо да маршира кон Стара Србија, Милан, и покрај расположението на народот, и објавил војна на Бугарија. Српската војска доживеала тежок пораз во битката кај Сливница и спасена е со интервенција на Виенската дипломатија.“(од „Нова историја на српскиот народ“).

По оваа изгубена војна Србија се свртела кон поинаков пристап за освојување. Во 1887г. бил донесен специјален реферат за српските цркви и училишта надвор од Србија, а со истата цел 1889г. се формирал и посебен оддел во Министерството за надворешни работи. Па така, во Македонија се отварале српски училишта, им се давале стипендии на македонските ученици за школување во Србија (и во српски дух - од кое, на пр. К.П.Мисирков брзо побегнал, прво во Бугарија, па во Русија).

Ваква дозвола од Високата порта Србија добила дури во 1893г.

Всушност, во еден документ од тоа време, кој го презентира Ханс Лотар Штепан во „Македонскиот јазол“, многу јасно се гледа што се сличило:

„Пред австриската окупација на Босна, никој во Србија не помислил не искажување претензии кон Македонија... Се дури Србија ги бараше своите брегови на Јадранското Море, немаше тврдења дека во Солун има српско население... Дури откако на Србите, со насилен акт на Берлинскиот конгрес, им беше одземено природното право, поради историјата и јазичните граници, дасе прошират кон Јадранското Море, со вештачка агитација погледот на српската политика се сврте кон Македонија“

Во српската (и бугарската) нова историја се негираат било какви востанија на македонскиот народ во овој период. Според нив, тоа биле чисто српски (или бугарски) востанија.

Но, постојат документи и печат на кој убаво се гледа кој и за што се борел во Кресненското востание (1878), а тука го има и целиот Правилник преведен на англиски, за да биде појасно!

Според нашите соседи, народот не бил национално освестен, односно тогаш во Македонија немало Македонци!!!
А, тогаш со кого си играле мајтап Лозарите?
Во каков занес паѓал Ѓорѓија Пулески, а по него и Крсте Петков Мисирков?
И зошто тогаш му го промениле презимето на прадедо ми, а на дедо ми нешто подоцна повторно. Зашто сакале?

Покрај вардарскиот дел од „Стара Србија“, еве уште нешто за најголемата српска болка (последниот печат на Косово):

„После Српско-турската војна (1877-1878) расселувањето од широки размери настанало од две причини. Арнаутите, жителите на Косово, почнале, заради војната, ужасно да им се одмаздуваат на Србите кои им биле раја. Одејќи и враќајќи се од војната, им ги палеле куќите, им ја одземале стоката и ги обесчестувале децата, па Србите си ја спасувале главата бегајќи во Србија, преку граница, која сега повеќе им се приближила и им овозможила полесно бегство. Од друга страна, од новите граници на Србија протераните Арнаути од Србија почнале масовно да се задржуваат во Косово, како место кое е најблиску до нивните имоти од напуштената Србија.Овие нови исселеници, познати под името „мухаџери“, го преплавија Косово потиснувајќи ги со сила Србите за да си направат место за себе... Значи, на тој начин, Арнаутите исторвремено од две страни ги преплавиле српските села: едни кои се повеќе се спуштале кон Ситница, а другите од српската граница. Денес, на прсти може да се избројат селата во кои нема Арнаути, а безбројни се селата во кои нема Срби, а ги имаше до неодамна. (Б. Нушиќ, „Косово - опис на земјите и народите“)